Различни количества вода се дистрибуираат секојдневно за потребите на госитварчани, откако е на сила наредбата за целосна забрана на користење на водата од водоводот за каква било намена. Отако беше објавено дека Владата ќе дистрибуира по 60 илјади литри вода што ќе им биде доделена на гостиварци на неколку пункта, “Фокус“ праша дали таа вода е доволна, ако се знае дека во овој период од годината во градот живеат и престојуваат најмалку 65-70 илјади луѓе, што би значело дека на секому би му следувало по помалку од еден литар вода. Што, особено за летно време, според препораките на стручни лица, е малку за конзумирање.

“Во првите два дена дистрибуиравме по 60 тони вода, додека во вторникот и средата да бројка се зголеми на 90 тони. Дополнително, жителите на градот примаат и донации од неколку компании. Секоја од нив поединечно дистрибуира по 30-тина тони вода, што засега ги задоволува потребите на жителите во градот. Според последните информации кои ги добивам од терен, дел од водата на поставените пунктови во градот останува неподигната“, изјави за „Фокус“ директорот на СОЗР Ивица Томовски. И, дополнува дека како институција се подготвени за дополнителен дотур секогаш кога има потреба и барања за тоа.

Како дополнување на одговорот, првиот човек на СОЗР Томовски информираше дека досега се дистрибуирани над 360 тони вода, вклучивајчи ги и денешните 90 тони. А, заедно со општествено одговорни компании Владата на осум различни пунктови има става на располагање на граѓаните од тој град по 100 илјади литри вода дневно. Организирана распределба освен во градот има и во неколку околни гостиварски села.

Од Владата за „Фокус“ велат дека во континуитет безбедуваат залихи со вода за Гостивар и тоа ќе продолжи секој ден се додека е потребно. Паралелно, преку Централниот кризен штаб е организира и дистрибуција на техничка вода со поддршка на државните институции, Армијата, МВР и повеќе општини. “Количествата не се определуваат однапред, туку се прилагодуваат согласно реалните потреби на терен, а доколку биде потребно ќе се обезбедат и дополнителни ресурси. Приоритет на Владата е граѓаните да ја добијат неопходната поддршка се до целосно нормализирање на состојбата“, одговараат од Владата.
Колку за споредба, во 2008 година поради сериозна криза предизвикана од долготрајна суша, Грција во определен временски период испраќала по еден танкер што приближно собирал околу 80 милиони литри вода , колку што биле дневните потреби во пикот на сезоната на Лимасол, втор по големина град и најголем туристички центар на Кипар со над 200 илјади жители.
З.Ф.