Пожар што синоќа избувна во близина на Солун уништи два индустриски погони и предизвика евакуација на три села и еден дом за нега, пренесуваат грчките медиуми.
Според денешниот извештај на „Катимерини“, кој се повикува на противпожарната служба, во текот на ноќта огнената стихија во општината Ореокастро, која е предградие на Солун, во голема мера е локализирана и повеќе нема активен фронт.
Сепак, како што се наведува, вкупно 160 пожарникари, со 52 противпожарни возила, пет копнени екипи, два авиони и два хеликоптери за гаснење пожари и понатаму остануваат во Ореокастро.
Пожарот, пишуваат грчките медиуми, сега е ограничен на пошумена област, каде што пожарникарите се фокусирани да спречат повторно разгорување на огнот во двете фабрики – едната за рециклирање и другата за текстил, кои се уништени во стихијата.
Противпожарните екипи вршат континуирани операции за гаснење и ладење на жариштата околу локациите. Во извештаите за пожарот нема информации за настрадани лица.