ГОДИШНИ СМЕТКИ НА ПАРТИИТЕ: ВМРО-ДПМНЕ трупа се повеќе недвижности, ДУИ собира се помалку донации!

by Фокус

Текстот е објавен на 21 април 2017 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1124

Државниот завод за ревизија вчера ги објави годишните извештаи за донациите што ги добиле политичките партии минатата 2016 година, според кои, ВМРО-ДПМНЕ по основ на донации, инкасирал 1,9 милиони евра, ДУИ 227.000 евра итн. Фокус неодамна ги објави годишните сметки на партиите за претходната година, кои, меѓу другото, покажуваат дека партијата на Никола Груевски се повеќе го зголемува имотот, додека партијата на Али Ахмети се помалку собира донации. Какви други податоци и трендови откриваат овие сметки?

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека редеше победи на изборите за време на еднодецениското владеење, ВМРО-ДПМНЕ собра и потроши неколкукратно повеќе пари во споредба со политичките опоненти. Тоа ја наметнува дилемата дали како резултат на финансиската моќ, партијата постигна бројни политички успеси, или, пак, може да се постави обратна хипотеза – дали благодарение на политичките и изборните успеси, партијата се повеќе ја зајакнуваше својата финансиска кондиција? Или, пак, можеби едното и другото се испреплетени и заедно коегзистираат?

Како и да е, неспорен факт е дека во касата на партијата на Никола Груевски се акумулираат се повеќе пари од година во година, што со текот на времето ја направи финансиски доминантна во однос на политичките опоненти. Она што е вистински куриозитет, ВМРО-ДПМНЕ потроши и повеќе пари како опозициска партија на изборите во 2006 година, на кои ја презеде власта.

Сепак, тоа беше поврзано со тогашната специфична констелација на односите, со оглед дека тогашниот премиер и лидер на СДСМ Владо Бучковски не се бореше само против ДПМНЕ, туку и против претседателот на државата избран од неговата партија, Бранко Црвенковски, кој сакаше да се врати на чело на СДСМ, но воедно и да му се оддолжи на Груевски поради тоа што му обезбеди цензус на претседателските избори во 2005 година. На тој начин, Црвенковски и Груевски делуваа на иста линија против Бучковски, поради што сите моќни олигарси блиски до Црвенковски го поддржаа Груевски.

Но, оттогаш до денес ВМРО-ДПМНЕ ја инсталираше власта до најситните пори на општеството и партијата ги уриваше рекордите на парите потрошени за време на изборните кампањи, што беше проследено со дузина контроверзи, имајќи предвид дека се разоткри шема на лажно прикажување на средства како донации од партиски симпатизери и поддржувачи. Во меѓувреме, партијата стекна изобилство од недвижен имот, со што го заработи епитетот – најбогата партија во Европа.

Фокус“ од Централниот регистар ги обезбеди и најновите годишни сметки на политичките партии за минатата 2016 година, според кои ДПМНЕ го задржува, па дури и го зацврстува статусот на најмоќна политичка партија гледано од финансиски аспект, со оглед дека партијата минатата година свртела трипати повеќе од најголемиот политички конкурент – СДСМ, а дури десеткратно повеќе од останатите политички субјекти.

Па, какви точно податоци откриваат и какви трендови определуваат овие финансиски извештаи?

КАКО СЕКНАА ВЛАДИНИТЕ РЕКЛАМИ, ТАКА СКОКНАА ПАРТИСКИТЕ ПАРИ ЗА ПРОПАГАНДА

Според годишниот финансиски извештај на ВМРО-ДПМНЕ за 2016 година, партијата остварила приходи од 4,2 милиони евра, што е речиси двојно повеќе во споредба со претходната 2015 година, кога прибрала 2,4 милиони евра, а драматично повеќе од, на пример, 2009 година, кога приходите изнесувале изнесувале само 90.000 евра. Од друга страна, пак, партијата минатата година потрошила околу 4,1 милиони евра, или поточно вишок и останале 111.500 евра. Оттука, ДПМНЕ во 2016 година забележува и значителен раст кај вишокот на средства во споредба со претходната 2015 година, кога разликата меѓу приходите и расходите изнесувала над 48.000 евра.

Како што е познато, законската регулатива пропишува оти политичките партии функционираат како непрофитни организации, кои не смеат да остваруваат профит преку комерцијална дејност, но може да се финансираат преку буџетот, закупнини од недвижности, камати од депозити… Арно ама, најголем извор на приходи на партиите се членарините и донациите, по основ на кои ВМРО-ДПМНЕ минатата година остварила прилив од околу 2,6 милиони евра, што е некаде две третини од вкупните приходи.

Наспроти тоа, партијата пријавила релативно високи обврски кон добавувачи од цели пет ипол милиони евра. Покрај тоа, кај расходната страна значаен одлив на средства се забележува за реклама и пропаганда, за што партијата потрошила 855.772 евра, или двојно повеќе во споредба со 2015 година, кога биле потрошени 432.500 евра. Овде треба да се наведе дека овој период коинцидира со пржинските преговори, во чии рамки политичките парири на крајот на 2015 година се договорија да престанат владините реклами, што наведува кон претпоставката дека во недостиг на владини реклами платени со буџетски пари, најголемата владејачка партија компензирала со партиските средства за пропаганда.

Понатаму, треба да се издвои дека ВМРО-ДПМНЕ минатата година за плати потрошила нешто над 43.000 евра, што е преку 10.000 евра повеќе во споредба со 2015 година. За потсетување, партијата во оваа ставка во 2013 година впишуваше нула денари, а во 2014 година само 3.250 евра, што предизвика реакција и од олеснувачот во пржинските преговори, Белгиецот Питер Ванхауте, кој јавно праша дали вработени во јавниот сектор вршат партиски работи? Поради ваквите прозивки, ДПМНЕ во наредните години ги зголемуваше средствата за плати, од проста причина што и вработуваше луѓе, па така денес на списокот на вработени во партијата се нојдоа и екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

Инаку, тие дадоа оставки во екот на политичката криза, настаната по обелоденувањето на аферата со прислушувањето, заедно со екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, чие потесно семејство, пак, влезе во нафтениот бизнис. Неколку месеци по повлекувањето на неговиот татко од јавна служба, неговиот син Јордан Мијалков ја основа компанијата „Бест Веј Инвестмент“, која неодамна ја откупила нафтената компанија „ОМ Петрол Оил“ од бизнисменот Масар Омерагиќ. Опозицијата обвини дека во оваа зделка Мијалкови потрошиле 6 милиони евра, што не беше ниту потврдено ниту демантирано од повиканите.

ДРАМАТИЧНО ЗБОГАТУВАЊЕ НА НЕДВИЖНИОТ ФОНД ЗА 15 МИЛИОНИ ЕВРА

Напоредно со постојаното зголемување на приходите, расте и вредноста на ВМРО-ДПМНЕ, судејќи според податокот дека вкупната актива на партијата во минатата 2016 година изнесувала 26,8 милиони евра, што е за трипати повеќе во споредба со 2015 година, кога активата, т.е. вкупните средства изнесувале 9,2 милиони евра. Впрочем, тоа се должи главно на порастот на материјалните вложувања, кои растат од над 4 милиони евра во 2015 година на речиси 20 милиони евра во 2016 година. Кога се говори за растот на материјални вложувања или за материјални средства, се мисли на растот на фондот на градежните објекти, чија вредност во 2015 година изнесувала под 4 милиони евра, додека во 2016 година достигнале околу 18,2 милиони евра.

Тоа укажува на енормно зголемување на недвижниот имот на партијата. Во тој контекст, СКУП неодамна објави истражување дека ВМРО-ДПМНЕ поседува 93 имотни листови во безмалку сите општини во земјава, но и во странство, во кои е запишана вкупна површина поголема од 33.000 метри квадратни, чија пазарна вредност се проценува на околу 60 милиони евра, при што само новото седиште на партијата во центарот на Скопје вреди околу 40 милиони евра. Колку за споредба, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел поседува имот од 50 милиони евра, што на хартија го прави ДПМНЕ најбогата или попрецизно кажано – најимотна партија во Европа.

Фактот што партијата минатата година ја завршила со нешто над 100.000 евра на партиската жиро-сметка, покажува дека партиското раководство сака да инвестира и да троши пари. Во поткрепа на тоа, партијата дури и пријавила обврски по основ на долгорочни кредити кон домашни банки во износ од 1,5 милиони евра. Во однос на тоа, „Призма“ објави дека ДПМНЕ непосредно пред изборите зела кредит од Комерцијална банка од 3 милиони евра за тековни потреби, за што го ставила под хипотека и новото партиско седиште во строгиот центар на главниот град, кредит од кој половина веќе вратила.

Воедно, финансиската моќ на ВМРО-ДПМНЕ не ја прави само огромниот имот, туку и високиот износ на таканаречени активни временски разграничувања, каде се вкалкулирани однапред платени трошоци или остварени но ненаплатени приходи. Тука партијата прикажала речиси 7 милиони евра, додека во пасивните временски разграничувања, каде се евидентираат однапред наплатени приходи, како и пресметани а неисплатени трошоци, впишала 144.500 евра. Така, партијата допрва треба да види корист од неколку милиони евра.

На крајот, мора да се издвои една ставка за пренесени средства, во која ВМРО-ДПМНЕ запишала сума од 1,4 милиони евра, што се однесува на покривање на минусот на изборната сметка за последните парламентарни избори. Тогаш партијата собра приходи од донатори од околу 300.000 евра, додека за време на изборната кампања потрошила околу 1,9 милиони евра, што значи дека непокриени останале околу 1,6 милиони евра. Разликата од дополнителните 100.000 евра, пак, партијата планира да ја покрие со средства од буџетот, кои и следуваат врз основа на освоените гласови на изборите.

ПОМАЛКУ ПРИХОДИ И ИМОТ, НО ПОВЕЌЕ СРЕДСТВА ЗА ПЛАТИ

Откако Зоран Заев почна да се наметнува во јавноста како сериозен претендент за тронот на „Илинденска“ со објавувањето на таканаречените „бомби“, СДСМ почна да бележи пораст на приходите, но, сепак, партијата, барем од финансиска гледна точка, се уште е инфериорна во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Така, социјалдемократите минатата година собрале околу 1,2 милиони евра, додека на крајот на годината им останал вишок од 2.500 евра. Партиските приходи минатата година се речиси двојно повеќе во однос на 2015 година, но истовремено четири пати помалку во однос на приходите што ги оствари ДПМНЕ во 2016 година.

Сосема вообичаено, повеќе од половина од приходите, или поточно 718.000 евра доаѓаат од членарини и донации. Меѓутоа, тоа е за три ипол пати помалку од средствата што по овој основ ги собрала ВМРО-ДПМНЕ, што е очекувано ако се знае дека секоја владејачка партија има побројно и подисциплинирано членство, додека донаторите, претежно од бизнис сферата, повеќе сакаат да ја поддржуваат власта, за да остварат одредени привилегии. Се разбира, овие цифри треба да се земат со резерва, бидејќи многумина лица кои се најдоа на листите со донатори на ДПМНЕ јавно се огласија дека никогаш не донирале средства за партијата.

Доколку се погледне вкупната актива на СДСМ, пак, таа изнесува 2,2 милиони евра, при што материјалните средства изнесуваат 1,8 милиони евра, од кои на градежни објекти им припаѓаат 1,6 милиони евра, на опрема 144.500 евра итн. Тоа значи дека социјалдемократите поседуваат недвижен имот кој е за 10 пати помал, односно помалку вреден од оној на ДПМНЕ, што претставува најреална слика за таканаречената официјална финансиска моќ на партијата. Впрочем, СДСМ стои послабо во секоја ставка во однос на ДПМНЕ, освен во една – средствата издвоени за плати.

Имено, социјалдемократите во 2016 година исплатиле нецели 105.000 евра за плати, што е барем двојно повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ. Тоа всушност е доволен показател дека СДСМ мора како партија да згрижи дел од своите луѓе, додека нивните противници тоа го правеле на буџетска сметка, вработувајќи луѓе во државни институции, кои паралелно вршат и работи за партиски потреби. Не случајно бројот на административци во јавниот сектор од година во година се повеќе се зголемува, така што, според официјалните податоци, минатата година изнесува речиси 130.000, што е повеќе за 1.300 лица во споредба со 2015 година.

Покрај за реклама (35.000 евра), за транспортни услуги (203.000 евра), партијата издвоила и 406.500 евра за покривање на минусот на изборната сметка. На последните избори, СДСМ собра над 230.000 евра од донаторите, што е драстично повеќе во споредба со двојните парламентарни и претседателски избори во 2014 година, кога собра приходи од 165.000 евра. Наспроти тоа, партијата потрошила 551.500 евра, од кои 355.150 евра за реклама и пропаганда, што е за трипати повеќе во споредба со претходните избори, и од аспект на вкупно трошење, но и во однос на расходите исклучиво за реклама и пропаганда.

СО ПАДОТ НА РЕЈТИНГОТ, СЕ НАМАЛИЈА И ЧЛЕНАРИНИТЕ И ДОНАЦИИТЕ

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, најсилната албанска партија – ДУИ, заедно со партиската криза влегува и во финансиска криза. Ако партијата на Али Ахмети во 2015 година остварила приходи од 563.500, тогаш во 2016 година собрала 378.500 евра. Ваквиот пад е резултат на опаднатиот прилив на средства по основ на членарини и донации, кои во 2015 година изнесувале 235.500, а во 2016 година 5 пати помалку, или само 48.500 евра. Тоа значи дека паралелно со падот на поддршката од граѓаните, „интегративците“ собираат помалку пари од членови и донатори, што се рефлектира на вкупните приходи.

Во поглед на финансирањето на партијата, „интегративците“ привлекоа внимание за време на последните парламентарни избори, кога на листата на донатори се најдоа и неколку компании, кои донираа прилично високи суми. Една од нив беше тетовската „Голец Транс“, која донираше максимално дозволени 30.000 евра, меѓутоа партијата мораше да и ги врати парите, поради тоа што компанијата во моментот на донацијата вршела јавни услуги и работи по пат на договор за јавна набавка. Друга, исто толку интересна донација, беше онаа од „Супорт Солушнс“, основана со странски капитал, во која главен менаџер е братот на директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции Висар ФидаАритон Фида.

За најголемото изненадување на последните избори – БЕСА, се плетеа разни приказни околу нејзиното финансирање, почнувајќи од тоа дека зад партијата стојат моќни бизнисмени од земјава, структури блиски до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, па дури и до емирот на Катар, ама финансиските извештаи на партијата донекаде ги демантираат таквите шпекулации. Односно, младата албанска партија во подем минатата 2016 година остварила приходи од 58.500 евра и расходи од речиси 70.000 евра, што ја прави единствена партија од таканаречената „голема четворка“ која изминатава календарска година ја завршила во минус.

Но, доста илустративно е тоа што БЕСА од членарини и донации остварила приходи во висина од нецели 57.000 евра, што е за десетина илјади евра повеќе од ДУИ, што може да се толкува како сигнал дека додека ДУИ ги губи членството и донаторите, се повеќе граѓани и бизнисмени ја поддржуваат БЕСА. Од друга страна, БЕСА за реклама и пропаганда минатата година потрошила буквално нула денари, додека ДУИ потрошила близу 100.000. Голема разлика меѓу двете партии се воочува и при средствата за плати, за што што БЕСА издовила нецели 2.000 евра, а ДУИ 10 пати повеќе, односно над 20.000 евра.

Врз основа на сето тоа, може да се изведат неколку заклучоци. Прво, ВМРО-ДПМНЕ од година во година се повеќе ги зголемува вкупните приходи, но и го збогатува фондот со недвижности, што ја прави убедливо најмоќна партија од финансиски аспект. Второ, по финансиската криза што се соочи за време на десетгодишната опозициска депресија, СДСМ полека но сигурно, како што се факторизира на политички план, така и финансиски закрепнува, но се уште е далеку од финансискиот арсенал со кој располагаат нејзините главни противници. И трето, по намалената поддршка ДУИ собира се помалку средства, како резултат на намалените приливи од членарини и донации, кои, пак, се зголемуваат кај БЕСА.

Кога тоа ќе се собере и одземе, испаѓа дека парите се битни, ама не се никаква гаранција за политички успех, имајќи предвид дека на последните избори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ излегоа безмалку изедначени, додека БЕСА сериозно се заканува да ја престигне ДУИ.

Иако истече законскиот рок

ПАРТИИТЕ СЕ УШТЕ НЕ ГИ ЗАТВОРИЛЕ ИЗБОРНИТЕ СМЕТКИ

Политичките партии и коалиции што учествуваа на последните парламентарни избори се уште не ги затвориле трансакциските сметки, отворени специјално за изборната кампања, иако законскиот рок во кој требаше да го сторат тоа истече на крајот на минатиот месец, потврдија од најголемите политички партии.

Како што велат за „Фокус“ од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, Државната изборна комисија од нив побарала да ги остават сметките активни се додека не им ги исплати средствата од буџетот што им следуваат согласно освоените гласови на изборите.

Од ДИК, пак, ни изјавија дека за да ги исплати овие средства, Собранието треба да донесе одлука за определување на надоместокот за трошоци кон партиите, откако претходно ќе ја деблокира работата и ќе избере претседател.

Инаку, Комисијата треба да им исплати на партиите вкупно околу 300.000 евра, при што по над 100.000 евра треба да добијат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, околу 22.000 евра треба да добие ДУИ, додека останатите пари ќе ги поделат другите партии и коалиции.

Со оглед дека ДИК ги прогласи конечните резултати од изборите на крајот на декември, по прегласувањето во Теарце, согласно законскиот рок, партиите требаше да ги затворат изборните сметки на крајот на март.

Поврзани новости