Неколку дена откако јавно беше објавена пресудата за двајцата обвинети гинеколози за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе од Дојран, почина еден од нив, Венци Чалков од Гевгелија. Тој е третиот од четворицата обвинети кои починаа во текот на десетгодишниот судски процес. Породувањето беше извршено во Општата болница Гевгелија.
Врховниот суд делумно ја прифати жалбата на Вишото обвинителство Скопје и условната затворска казна на 15 октомври која ја изрече Апелација Скопје, ја преиначи во затворска казна во време од 10 месеци, додека на вториот гинеколог Дончо Москов му ја отфрли жалбата и остана алтернативната затворска казна од шест месеци затвор ако во наредните две години стори ново кривично дело.
Обајцата беа обвинети за кривичното дело Тешки дела против здравјето на луѓето по член 217 став 4 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна затвор од 6 месеци до пет години. Во овој случај беа обвинети и анестезиолозите Зоран Јовановски, кој почина во истрагата, и Томе Ванчев, кој почина пред две години. Смртта на Маја Кадиева и нејзиното бебе се случи на 22 октомври 2015 околу 22.15 часот.
Во Основниот суд Велес, во два наврати судијката Габриела Гајдова изрекуваше ослободителна пресуда за гинеколозите, а за анестезиологот Ванчев ефективна осудителна казна затвор. Апелација ги потврдуваше казните, Врховен суд пролетва го врати предметот на ново судење, по што Апелација Скопје досуди условни затворски казни, а во трката со временскиот рок од застарување, на 6 октомври Врховен одржа јавна седница и на последниот ден од рокот на 22 октомври ја донесе одлуката, која беше објавена при крајот на ноември.