По предлог на Министерството за енергетика на седница на Влада е донесе годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.
Од вкупно 284 иницијативи се прифатени 67 иницијативи кои доколку се реализираат ќе имаат вкупно инсталирана моќност од 4.416 мегавати, а вкупната проценета инвестиција ќе биде 3,74 милијарди евра.
Од овие 67 иницијативи прифатени се 59 за изградба на фотоволтаици со проценета вредност од 2,11 милијарди евра, 7 иницијативи за ветерни паркови чија вредност е проценета на 1,2 милијарди евра
Ќе се гради и една Когенеративна гасна централа со моќноат од 495 мегавати вредна 445.500.000 евра. Фирмата која аплицирала е „Статус Енерџи ДОО Скопје“ и таа ќе гради во вардарскиот регион.
Рангирањето е направено по принципот прв дојден прв услужен и ова се објекти со моќност поголема од 1 мегават.
„Јас сметам дека ова се сериозни инвеститори. Што се однесува до финансирањето, тоа зависи од нив, има и други чекори, ние ќе знаеме кој кога и како ќе гради. Ние ќе бараме банкарска гаранција која ќе биде 25.000 евра за 1 мегават и за 2-3 месеци ќе знаеме што точно и кој до каде е во процесот на добивање дозволи и започнување со градба“, истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Се планира да се градат вкупно 96 складишта за батерии со моќност од 2027 мегавати и капацитет од околу 5000 мегават-часови, а инвестицијата е проценета на скоро 2 милијарди евра. Од нив, интегрирани во склоп на постоечките или нови електроцентрали ќе бидат 77, односно со моќност од 1389 мегавати и капацитет од 3465 мегават-часови. Инвестицијата е проценета на 1,39 милијарди евра.
Опфатени се 56 енергетски објекти во годишниот план доставени од седум општини: Македонски Брод, Лозово, Дебрца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани. Тие ќе изградат фотонапонски централи со моќност од 51,9 мегавати.
Орце Костов