Галетановски за опожареното возило: „Ниту сум добивал закани, ниту сум се скарал со некого“

by irena 10:14
10:14

Ноќеска два часа после полноќ бил запален автомобилот на претседателот на скопската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски Чомбе.

Автомобилот „мерцедес“ му бил паркиран пред зградата во која живее кај Чешма во Кисела Вода.

Противпожарна екипа интервенирала и го изгаснала пожарот, а полицијата извршила увид.

– Ноќеска околу 2.50 часот беше запален и потоа целосно изгоре автомобилот. Колата беше паркирана пред зграда, а ме разбуди брат ми и ми кажа дека се слушаат експлозии од пукањето на гумите, рече Галетановски за „Фокус“.

За тоа дали пожарот е подметнат и дали се сомнева во некого, поранешниот директор на Зоолошка градина Скопје, рече дека остава полицијата да си ја сработи работата.

– Не се сомневам дека ова има политичка позадина. Оставам полицијата да си ја сработи работата и да го најде лицето кое го сторило ова. Не сум добивал закани од никого во последно време, ниту пак сум скаран со некого во градов за ова да ми се случи, истакна Галетановски за „Фокус“.

Од 30 октомври 2024 година Ѓорѓи Галетановски – Чомбе ја врши функцијата претседател на Градската организација на СДСМ Скопје.

Галетановски е поранешен директор на Зоолошката градина – Скопје и истовремено ја стекна својата голема популарност како еден од најдобрите раководители што некогаш ги имала ЗОО Скопје.

Орце Костов

Слични вести