Најновиот скандал е окупацијата на Развојната банка поради бизнис интересите на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, обвини членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски.
„АКТ открива, како шемите на Мицкоски од хидроцентралите се шират во институциите. Ефимија Димовска, сопруга на бизнис-партнерот на Мицкоски во хидроцентралите, е назначена за прв човек на Развојната банка.
Нејзиниот сопруг, Димитар Димовски е долгогодишен бизнис-партнер на Христијан Мицкоски во хидроцентралите, преку компанијата „Енерготек“ ДОО Скопје. Димовски освен по заедничките бизниси со хидроцентрали е познат и по криминални скандали, по предметот „Топлик“ каде доби две години условна казна затвор, обвинет во предметот „Шпански скали“.
Мицкоски го стави до него, во Владата, како секретар за јавни политики. Сега неговата сопруга Ефимија ја става во Развојна банка, очигледно да ги контролира државните пари.
Сè е приватен бизнис за Мицкоски. Часовници од 60 илјади евра, луксузирање со авиони, тендери, мрежи и пари. Сега Димовска ја избра да одлучува за кредитни линии и финансирање на енергетски проекти.
Кога Мицкоски вели дека е експерт за енергетика еве на ова мисли.
Во исто време Димовски имаат семејни фирми. Ефимија е сопственик на „Херба Натура“ и дел од управувачката структура на енергетскиот субјект „ХН Соларис“.
Сега партнерите на Мицкоски добиваат „директен линк“ за своите семејни фирми во Развојната банка.
Ова е класичен конфликт на интерес. Воспоставување на олигархиска структура на ВМРО ОКГ каде државните институции служат како сервис на една тесна бизнис-групација околу Мицкоски. Ова не е развој на државата, ова е развој на бизнисите на Хридро Мицко и неговите партнери“, рече Јон Фрчкоски на партиска прес-конференција и побара во име на СДСМ итно повлекување на Ефимија и соодветна реакција на ДКСК и останатите институции.