Деветмината европратеници од редовите на француската левичарска партија Бунтовна Франција (ЛФИ) најавија нова иницијатива за изгласување недоверба на Европската комисија, овој пат поради постигнатиот трговски договор меѓу ЕУ и САД.
– Европската комисија се согласи да се потчини на САД на Доналд Трамп. Но, делегацијата на ЛФИ го отфрла ова. Предлагаме со другите левичарски групи заеднички да поднесеме предлог за соборување на Комисијата на Фон дер Лајен, наведе во објава на Икс европратеничката на ЛФИ, Манон Обри, која е претседател на пратеничката група Левица во Европскиот парламент.
Во иницијативата на ЛФИ се наведува дека откако „го жртвуваше европското земјоделство на олтарот на слободната трговија со Меркосур и предложи буџет за 2028-2034 година фокусиран на воената економија и уништувањето на кохезивните политики“, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен презема „нов чекор во потчинувањето на Европската Унија на американските диктати“.
– Во неделата, на 27 јули, таа склучи договор со Доналд Трамп што ја доведува Европската Унија во вистинска вазална позиција кон САД. Под маската на „избегнување трговска војна“, Комисијата го прифати неприфатливото, се наведува во текстот на иницијативата.
Во него европратениците на ЛФИ натаму тврдат дека со договорот Вашингтон воведува царини од 15 отсто на Унијата без никаков реципроцитет, ја принудува Европа да потроши 750 милијарди долари за да купува енергенси кои загадуваат и зема 600 милијарди долари европски инвестиции. – На Трамп му се прават отстапки без видлива компензација, спротивно на европските интереси и т.н. „суверенитет“ со кој Брисел мавта во секој говор. Резултатот е јасен: САД победуваат, додека Европската Унија е задоволна што „избегна полошо“, се додава во предлогот.
Според иницијаторите за изгласување недоверба, оваа „капитулација“ уште еднаш покажува дека Комисијата на Урсула фон дер Лајен „не е бедем против злоупотребите на слободната трговија и американскиот економски империјализам, туку нејзин главен претставник во Европа“.
– Во овој контекст, делегацијата на ЛФИ предлага сите левичарски групи во Европскиот парламент заеднички да поднесат предлог за изгласување недоверба, за да се стави крај на Комисијата на Урсула фон дер Лајен, се додава во иницијативата.