(ФОТО+ВИДЕО) Започна пробниот период на „Сејф Сити“

by irena 11:55
11:55

Започна пробниот период на системот „Сејф Сити“. Камерите ќе регистрираат прекршоци како пречекорување на брзина, минување на црвено светло и неправилно паркирање.

Во тест-фазата возачите добиваат СМС-предупредувања, а од 1 јануари 2026 година системот ќе почне да изрекува казни, кои се проценуваат на 5 до 11 илјади дневно.

Во рамки на пробните тестирања на системот, на 31.07.2025 констатирани се 9900 санкции за возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што има и возила кои се движат и со повеќе од 200 км на час. На истиот ден констатирани се и 80 прекршоци за минување на црвено светло, изјави Гоце Андреески, портпарол на МВР.

Со актуелниот начин на контрола, полицијата успева да изрекува околу 500 казни дневно. Сепак, сообраќајниот хаос не се случува само на улиците – и тротоарите се претворени во слепа зона. Секојдневно се кршат правилата од велосипедисти, како и од возрасни и деца на електрични тротинети.

Системот е дел од проектот за модернизација на сообраќајниот надзор и намалување на ризичните прекршоци, со цел зголемување на безбедноста на улиците. Од МВР апелираат до возачите да ги прилагодат своите навики и да се придржуваат до сообраќајните правила, за да се избегнат казни и несреќи.

Очекувањата се дека „Сејф Сити“ ќе помогне во намалување на сообраќајните несреќи и зголемување на дисциплината кај возачите на долг рок.

С.Т

 

 

Слични вести