Во непосредна близина на главната улица Благоја Стефковски во скопската населба Триангла-Маџари, никнува мини-депонија помеѓу десетици куќи и неколку дуќани.
Како што велат дел од околните жители кои се обратија до редакцијата на „Фокус“, депонијата ја создаваат мал број несовесни граѓани што живејат во близина.
Тие, според нашите соговорници, го користат празниот плац помеѓу домовите, за да се ослободат од ѓубрето, како и од непотребниот мебел и друг вид на отпад.
Имено, фотографиите што ни беа доставени покажуваат дека таму може да се забележат кеси со ѓубре, стари гуми, градежен шут, душеци, кревети, а во тоа се уверивме и за време на увидот што го направивме на лице место.
Жителите со кои поразговаравме посочуваат дека се чувствуваат немоќни да најдат решение за ситуацијата со која се соочуваат од 2 причини.
Прво, не можат да најдат разбирање со оние кои всушност ја создаваат депонијата, бидејќи, објаснуваат тие, на добронамерните укажувања добиле негативни, па дури и заканувачки реакции.

И второ, додаваат тие, иако неодамна се организирале и потпишале петиција за да се исчисти просторот, сепак, од надлежните во локалната самоуправа добиле одговор дека нивните раце се врзани од причина што станува збор за приватна парцела.
Ако се извршат проверки во Катастарот за недвижности, оваа локација, каде не постои објект, е претставена преку неколку катастарски парцели, кои се во заедничка сопственост на 2 физички лица и на државата.

Инаку, фрлањето отпад надвор од пропишаната процедура повторно станува доста актуелна тема, откако жители главно на Општина Аеродром беа фотографирани и објавени како непрописно одлагаат отпад, поради што заработија и казни.
Во меѓувреме, повеќе скопски општини апелираа отпадот да се фрла на соодветни места, што особено важи за кабастиот отпад, а за таа цел Општината Гази Баба деновиве информираше дека поставила контејнери на 3 локации.
В.С.


