(ФОТО+ВИДЕО) Граѓаните со „жолт картон“ за Усје и МЖСПП

by irena 20:05
20:05

Со порака дека чистиот воздух е основно човеково право, а не привилегија, неколку стотини граѓани вечерва излегоа на протест во Скопје, реагирајќи на, како што велат, хроничното игнорирање на проблемот со загадениот воздух од страна на институциите, тие едногласно побараа да се преземат конкретни и итни мерки што побрзо.

Протестот е организиран од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, а се одржа на крстосницата помеѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, при што беше извршена и временска блокада на сообраќајот. Присутните истакнаа дека ваквиот начин на изразување револт е последна опција, поради отсуството на конкретни и видливи мерки од надлежните.

Според активистите, проблемот не е само во загадениот воздух, туку и во системот што дозволува недоволна контрола врз потенцијалните загадувачи. Посебно се проблематизира моделот на мониторинг на емисиите, според кој индустриските капацитети сами ги мерат и пријавуваат податоците за загадувањето, што, како што наведуваат, остава простор за сомнеж и манипулации.

Од иницијативата бараат воспоставување независен и континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот, со мерни станици кои ќе работат постојано и ќе бидат под институционална или независна контрола, со цел граѓаните да имаат реален увид во состојбата со загадувањето во нивната околина.

Компанијата ТИТАН Усје, која е дел од меѓународната Titan Group, и претходно ги демантираше тврдењата дека е клучен загадувач во главниот град. Од таму велат дека работат согласно законските прописи, дека располагаат со А-интегрирана еколошка дозвола и дека нивното работење е усогласено со европските еколошки стандарди.

Во нивните соопштенија, компанијата наведува дека емисиите се под постојан мониторинг и дека загадувањето во Скопје е резултат на повеќе фактори, вклучувајќи го и сообраќајот, како и начинот на затоплување на домаќинствата.

Жителите од околните населби, пак, остануваат скептични. Тие тврдат дека загадувањето е најизразено во ноќните часови и дека без независна контрола не може да се зборува за целосна транспарентност и доверба во официјалните податоци.

С.Т

 

Слични вести