Европската Унија ќе додели две милијарди евра за набавка на беспилотни летала за Украина, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Оваа најава го претставува најконкретниот чекор досега од страна на ЕУ за зајакнување на способностите на Украина за борба со дронови.
Во разговор со новинарите, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Фон дер Лајен истакна дека ова ќе ѝ овозможи на Украина да ги прошири и искористи целосно своите капацитети, а на ЕУ да има бенефит од оваа технологија, пренесе Политико. Руте и фон дер Лајен денес дискутираат за теми поврзани со одбраната и безбедноста на состанокот на Колеџот на комесари во Брисел.
Претседателката на Европската комисија, исто така, сака да отвори дебата за начините на финансирање на долгорочната поддршка за Украина. Таа предложи план за “кредит за репарација” заснован на руски средства замрзнати во ЕУ, пишува Политико. Кредитот, според неа, ќе се исплаќа во рати под одредени услови, а дел од него ќе биде наменет за воена набавка од европската индустрија. Овие коментари се во согласност со оние на германскиот канцелар Фридрих Мерц во колумна за „Фајненшл тајмс“ минатата недела.
Фон дер Лајен потенцираше дека клучот е “да нема запленување на средства” – Украина ќе го врати кредитот само доколку Русија плати репарации според иден повоен договор.