Министерот за правда Игор Филков во интервју за МИА соопшти дека се финализира Кривичниот законик, по што ќе биде доставен во владина процедура.
-Во моментов се врши дополнително усогласување со четири нови европски директиви: Директивата за заштита на животната средина преку кривично право (EcoCrime), Директивата за семејно насилство и насилство врз жените, Директивата за поврат на средства и конфискација, како и Предлог-директивата за борба против корупцијата. Овој процес истовремено се одвива и во голем број од државите членки на ЕУ.
По финалното усогласување, Кривичниот законик ќе биде доставен во владина процедура. Се утврдува и ново кривично дело во врска со злоупотреба на снимка, фотографија, аудио запис со сексуално експлицитна содржина, каде се инкриминирани и видеа креирани со вештачка интелигенција познати како deep fake. Истовремено, се врши и ревидирање на посебните кривични дела поврзани со проектот „Безбеден град“, како што е кривичното дело Безобзирно управување со моторно возило – вели Филков.