Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Сител Телевизија истакна дека суштинската разлика меѓу СДСМ и ВМРО е во концептот – дали ќе има функционален систем или еден човек кој ги контролира сите институции.
„Ние се бориме да има систем, не еден поединец. Не треба тука да има еден човек, владетел кој што ги контролира сите работи, како што тоа сака Христијан Мицкоски да го прави. И го прави. Не, не. Ние се бориме да има систем. Затоа што само системот ќе врати вербата на граѓаните во оваа држава“, порача Филипче.
Тој предупреди дека партизацијата на судството и обвинителството ја уништува довербата на граѓаните во правдата.
„Не се прави тоа со партизирано судство. Да ставите судија за судија во Судски совет, жена на градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, да ставите во Уставен суд советник на премиерот. Да квалификувате јавно обвинители со различни погрдни зборови… Очигледно е дека и судството и обвинителството се целосно партизирани. Тоа се луѓе кои директно му одговараат на премиерот. Па кој има верба во такво судство?“, изјави Филипче.