Филипче обвини дека прославата на независноста била „голема проневера на пари“

by vlatko 12:36
12:36

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција кажа дека прославата по повод Денот на независноста на Македонија била финансирана со 5 милиони евра од средства на граѓаните, спротивно на тврдењето на премиерот Христијан Мицкоски дека за настанот не бил потрошен ниту еден денар.

Филипче рече дека одлуката од 167 седница на Владата покажува дека за организацијата на прославата биле ангажирани средства преку АД „Лотарија на Македонија“, компанија која е во целосна државна сопственост.

-Ова што се случи со проектот за прослава на независноста, како и во многу други случаи, е една голема проневера на пари – изјави Филипче, обвинувајќи ја власта дека граѓаните ги доведува во заблуда за начинот на кој била финансирана прославата.

Според него, бидејќи „Лотарија“ е во стопроцентна сопственост на државата, средствата со кои располага компанијата се јавни средства, односно средства кои, како што рече, им припаѓаат на граѓаните.

Филипче побара Владата да објасни зошто премиерот тврдел дека за прославата не биле потрошени народни пари.

Тој тврди дека „Лотарија“ распишала јавен повик, но не класична тендерска постапка, и изрази сомнеж дека при тоа можело да има прекршување на Законот за спонзорства.

-Ниту знаеме кои се тие луѓе кои одлучувале за 5 милиони евра пари на граѓаните, ниту врз основа на кои критериуми е доделена оваа набавка на компанијата што го организирала настанот – рече Филипче.

Слични вести