Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
-Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес-конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме – рече Филипче.
Притоа, тој посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
Премиерот Мицкоски, пак, вчера рече оти е подготвен заедно со Бугарија да поднесе резолуција во Европскиот парламент во која јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик и потоа да почнат да испорачуваат.
-Ако цената е асимилација, благодарам, но не сакам, а како да бидам политички аналфабет, како некој пред мене и да прифатам нешто без да знам дека ќе има јасен крај – кажа Мицкоски.