Турскиот министер за надворешни работи – Хакан Фидан денес го критикуваше застојот во кандидатурата на Турција за членство во ЕУ и предложи ажурирање на Царинската унија.
Фидан посочи на недостатокот на политичка волја и институционална отвореност на ЕУ за зближување со Турција и покрај огромниот геостратешки и економски потенцијал што го нуди Турција, наведувајќи дека ажурирањето на Царинската унија би можело да го зголеми обемот на трговијата на 500 милијарди долари, јавува турскиот јавен сервис ТРТ.
„Не зборуваме за членство, туку за постојниот договор меѓу нас, Договорот за царинска унија. Да го ажурираме. Тоа е во интерес на двете страни, тоа го велат и бирократите на ЕУ, но некаде има блокада на политичката волја“, рече Фидан за време на неговата официјална посета на Австрија.
Тој изрази верување дека оваа ситуација може да се надмине и потсети дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган покажа добра волја во име на турската нација.
„Се надевам дека можеме да ги подигнеме нашите постојни односи на подобро и понапредно ниво“, рече Фидан.