Фаќаме залет за брзата пруга: во 2026 година со возови што ќе возат само на хартија!

by irena 17:34
17:34

Во јануари се очекува да забревтаат неколку пара возови во проектот Градски воз, кој беше едно од главните ветувања на владата. Проектот Градски воз ќе биде клучен и за надминување на проблемите со загадувањето во Скопје и околината, но државата тоа за почеток ќе го прави со репарирани моторни дизел-возови стари по 40-тина години. А, 2026 година ќе биде уште едно измачување за граѓаните што го користат возот како основно превозно средство, посебно од другите делови на Македонија. Некои од нив добија помалку возови, а некои не добија воопшто.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Претстојната 2026 година треба да биде година на македонската железница, според најавите и активностите што владата и Министерството за транспорт и врски ги почнаа оваа есен.

Во јануари се очекува да забревтаат неколку пара возови во проектот Градски воз, кој беше едно од главните ветувања на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Се очекува и да се одобри кредитот од 1,9 милијарди евра за брзата пруга и во последниот квартал од 2026 година да се финишира со фрлање лопата во градилиштето на грандиозниот проект Брза пруга Коридор 10.

На почетокот на следната година, дел од граѓаните во Скопје и во околните населби и општини, како Драчево, Зелениково, Лисиче, Ѓорче Петров, Маџари, Хиподром и Илинден треба да ги почувствуваат првите придобивки од проектот Градски воз, кој го реализира Министерството за транспорт и врски.

Тоа беше едно од првите ветувања на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со кое треба да се реши проблемот со градскиот превоз во Скопје.

Есенва стартуваа градежните работи за првиот дел од проектот за воведување Градски воз во Скопје. Првата линија ќе биде од Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, сè до Железничката станица – Скопје.

Градежните работи на првиот дел од Зелениково до Скопје ќе опфатат изградба на нови стојалишта, сѐ со цел граѓаните да имаат подобар пристап до превозот со воз, кој ќе им го олесни движењето од нивното населено место до Скопје. Првата линија на градскиот воз ќе биде Зелениково – Скопје преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и ќе завршува на новата железничка станица.

Власта е убедена дека проектот Градски воз ќе биде клучен и за надминување на проблемите со загадувањето во Скопје и околината, но тоа за почеток ќе го прави со репарирани моторни дизел-возови стари по 40-тина години, кои отсекогаш биле големи загадувачи.

За проектот Градски воз, кој за почеток ќе го користат граѓаните од помалку урбаните средини, ќе мора да се реновирана запуштената Меѓународна железничка станица во Скопје. Градежниот факултет од Скопје треба да изработи проектна документација за реконструкција и адаптација на железничката станица во Скопје.

За реализација на целиот железнички прстен со три полукругови околу Скопје се потребни околу 50 милиони евра. Дел од тие средства се обезбедени во буџетот за оваа година. Околу 7 милиони евра ќе чини рехабилитацијата на пругата од Зелениково преку Драчево и Кисела Вода до Скопје.

Тендерот го доби градежната фирма БИТЕМ ДООЕЛ, која е меѓу најангажираните градежни компании во последните неколку години од страна на општините и од државните институции.

Во меѓувреме, директорот на Македонски железници Инфраструктура, Синиша Ивановски извести дека се одвива континуирано отстранување на билбордите, рекламните паноа и други промотивни материјали од Железничката станица Скопје.

– Во претстојните викенди ќе продолжиме со реализацијата на активностите насочени кон враќање на првобитниот, автентичен изглед на скопската станица, напиша Ивановски.

ИСТОРИСКИ РЕКОРД

Од неделата на 14 декември, стапи во сила новиот ред на возење на Македонски железници, кој е со важност до 12 декември следната година.

Истиот покажа дека 2026 година ќе биде бериќетна само за рејтингот на политичарите, но не и за граѓаните. За нив ќе биде уште едно измачување, особено за оние што го користат возот како основно превозно средство, посебно од другите делови на Македонија.

Во 2026 година, низ цела Македонија ќе сообраќаат само седум пара возови или дури три пара помалку од 2025 година, што е уривање на неславен историски рекорд поради намалувањето на линиите од година во година, во последните две децении.

На хартија, по македонските пруги сообраќаат десет пара патнички возови, по три од Скопје за Битола и Велес, и по два за Куманово и Гевгелија. Укинати се два воза од Скопје кон Велес, укинат е еден воз од Скопје кон Битола, а нема ниту меѓународни возови кон Грција, Србија и Косово. Во однос на времето на поаѓање, речиси и да нема промени, во однос на досегашниот ред на возење.

Претходно, „Македонски желeзници“ соопштија дека од четвртокот, 11 декември, привремено се укинуваат три патнички воза, два локали од Скопје до Велес и еден за Битола. Тие нема да сообраќаат до 10 јуни следната година. Причината за ваквата одлука е реконструкција на пругата на делницата Скопје – Зелениково. Во периодот од 9 часа, од 7.30 до 16.30 часот, освен патничкиот, нема да се одвива и товарниот железнички сообраќај.

Намалувањето на бројот на возови, посебно на релацијата Скопје – Битола – Скопје, која е најфреквентна со патници и опслужува најголем број населени места, ќе има сериозен ефект врз социо-економската состојба на граѓаните.

Во некои делови, на таа пруга во Велешко и во Прилепско, граѓаните немаат друга алтернатива за патување до работа или до лекар, освен возот.

Игор Смилев, планинар од „Грин пауер“, секој викенд го користеше возот на релација Велес – Битола за да стигне до Богомила, заедно со колегите, од каде што го почнува нивното движење низ планините, за да ги маркираат патеките од Бесконечната македонска трансферзала.

Тој вели дека состојбата со превозот, посебно со железничкиот, го уништила планинскиот и алтернативниот туризам. И покрај големиот интерес, бројот на планинарите е намален, токму поради кратењето на паровите возови.

– Еден начин да се пристигне до домот во Папрадиште е со автомобил, а вториот начин на превоз беше железницата како насекаде во светот. Железницата, како главна аорта во крвотокот на една земја, во најдобрите времиња овозможуваше шест возови да запираат во Богомила и со еден брз трансфер се доаѓаше до планинарскиот дом.

Не памтам земја што толку лесно се откажала од железничкиот превоз и го уништила како нашата држава. Од шест воза што ги имавме пред неколку години, паднавме на еден или на ниеден воз, рече Смилев.

Општина Чашка, според територијата, е најголема општина, а селата се од расфрлан тип. Луѓето што имаат потреба од медицинска помош, а во ближните села, како Оморани, Богомила, Нежилово, Ореше и Согле, ги има околу 1.500 луѓе, мора да користат воз затоа што немаат друга алтернатива. Автобуски превоз немаат, а таксито е „изгор“ скапо. Сега со кратењето на линиите се во незавидна положба.

– Богата земја не е земја во која сите имаат автомобили, туку во која богатите користат јавен превоз. Ние сме ужасно сиромашна земја, објасни Смилев.

„ШПАНЕЦОТ“ СЕ ПОПРАВИ, КОЧАНИ ИЗВИСИ

Возовите од Скопје кон Кичево и Кочани не сообраќаат од мај 2021 година. На овие граѓани им остана само пруга обрасната со трева за да ги потсетува на времето кога железничките станици во Кочани, Штип, Тетово, Гостивар и во Кичево беа преполни со патници. Најголем дел од нив млади студенти, кои го користеа евтиниот превоз до македонската престолнина.

Пругата кон Кочани е изградена во 1926 година и беше најбрзата изградена пруга во Кралството Југославија. За само две години, тогашните вработени во Југословенски железници успеале да ги донесат шините од Штип до Кочани.

За време на Втората светска војна, бугарските државни железници направиле обид да ја поврзат пругата со Благоевград. Од 849 километри пруги во Македонија, само 80-тина километри се во Источна Македонија.

Возот на релација Скопје – Кочани не сообраќа од мај 2021 година, откако локомотивата се расипа и таканаречениот „Шпански воз“ замина на ремонт. „Шпанецот“, кој секојдневно со два возни реда доаѓаше и заминуваше од Кочани преку Штип и Велес до Скопје, беше во фаза на поправка и чекаше ремонтиран дизел-мотор.

Директорот во МЖ Транспорт, Игор Коруновски, на социјалните мрежи објави дека симболот на железничката носталгија од југословенските времиња и македонската железничка историја, се враќа на пругите – обновен, модернизиран и подготвен, но не за Кочани.

Тестирањето на возот е завршено и дека следуваат нови содржини за патниците. Коруновски информира дека е завршена целосна обнова и модернизација на композицијата – од нов дизајн и освежен ентериер, до поставување телевизори, озвучување, алармни системи и видеонадзор. Како што појаснува, подготовките се насочени кон поудобно и побезбедно патување, со амбиција „Шпанец“ да не биде само превозно средство, туку и ретро-искуство за патниците што се сеќаваат на неговите легендарни линии, но и за новите генерации што првпат ќе го запознаат.

Реставрацијата на овој воз, препознатлив по специфичниот изглед и удобноста, доаѓа во момент кога железничката инфраструктура и услугата со години се меѓу најкритикуваните сегменти од јавниот превоз.

Веќе е најавено дека возот ќе биде дел и од специјални тематски настани и новогодишни програми, каде што реставрираните вагони и ентериерот треба да создадат чувство на „подвижен музеј“ и сцена за културни и туристички содржини.

Останува прашањето како и кога „Шпанецот“ ќе влезе во редовен железнички сообраќај и на кои релации.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, при пуштањето на обновената пруга кон Бељаковце рече дека се прави обид полека да се враќаат возовите кон градовите, кои во минатото имаа редовен железнички сообраќај.

– Она што е наша амбиција во следниот период, јас ги нарекувам овие возови ‘градски возови’, затоа што станува збор за дистанци што и не се така големи, да пуштиме градски возови и до Тетово и до Гостивар, секако и амбиција да се врати целата линија до Кичево. Понатаму до Штип и Кочани, тоа е следната амбиција, рече Николоски во февруари годинава, но, според возниот ред, амбициите останаа неостварени.

БРЗА ПРУГА ЗАСЕГА НА ХАРТИЈА

До 2028 година ќе сообраќаат првите товарни возови, а од 2031 година треба целосно да биде двоколосечната брза пруга од Табановце до Богородица.

Ова е ветувањето на владата за најголемиот железнички проект на Коридорот 10, кој ќе биде финансиран од инвестициска банка, чиј кредит ќе го гарантира британската влада или стратешкото партнерство со Обединетото Кралство.

Иако не е познато од каде ќе се подигне кредитот од 1,9 милијарди евра за брзата пруга, заменик-претседателот на владата и министер за транспорт, Николоски најавува дека подготовките веќе се во тек, а првите багери на терен треба да се појават кон крајот на летото или во почетокот на есента следната година.

Николоски објасни дека во моментов се одвиваат сите подготвителни работи на терен, како и изработката на техничката документација и студиите за влијание врз животната средина и екологијата.

Како што рече министерот Николоски, по препорака на УКЕФ, развојната агенција на Обединетото Кралство е одбрана компанијата IRM, која во моментов ги изработува сите потребни технички документи за реализација на брзата пруга.

На тендерот за Избор на консултантска куќа за изработка на подготвителна техничка документација за Проектот Изградба на брза пруга долж Коридорот 10 се јавила само компанијата „ЕРМ Италиа Спа“ од Милано, која понудила единствена цена од 51,8 милиони денари или околу 850.000 евра без ДДВ или 1 милион евра со ДДВ.

Италијанската компанија за подизведувачи, во подготвувањето на техничката документација за проектот брза пруга ги ангажирала швајцарската фирма „SSB SAUERWEIN & SCHAEFER BAU AG“ и Друштво за менаџмент, консалтинг, инженеринг и дизајн Г-КОНСАЛТ ДООЕЛ Скопје.

Фирмата Г-КОНСАЛТ ДООЕЛ Скопје има големо искуство во оваа област, а, според јавните податоци, таа го изработила Локалниот еколошки акционен план на Општина Кисела Вода за периодот од 2022 до 2028 година и е ангажирана за време на мандатот на сегашниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според договорот, физибилити студијата за брзата пруга треба да се изработи до крајот на март 2026 година, а до јуни 2026 година ќе треба да се изработи студијата за оценка на влијанието врз животната средина.

Паралелно се спроведуваат и истражувања за заштита на екологијата во период од најмалку две сезони, за да се утврди какви ефекти ќе има трасата врз животната средина.

Според роковите што ги посочи вицепремиерот, очекувањата се до јуни или јули да биде завршена клучната документација и анализи, а потоа, кон крајот на летото или во почетокот на есента следната година, да почнат првите градежни активности. Рокот за изградба е пет години, со цел до 2031 година да биде комплетно завршена двоколосечната пруга по Коридорот 10, при што една од линиите, наменета за карго-транспорт, треба да биде подготвена за сообраќај веќе во 2028 година.

Проектирањето и изведбата се во еден пакет, од документација до градба и за нив одговорноста ќе ја има изведувачот што ќе биде избран.

Државата, на овој начин, се обидува да се заштити од класични проблеми кај големите инфраструктурни проекти: пролонгирање на роковите, дополнителни анекси и зголемување на цената.

Во делот на финансирањето ќе се инсистира кредитот да почне да се враќа дури во моментот кога проектот ќе биде завршен и предаден. Грејс-периодот, според најавите, треба да биде најмалку ист со рокот на градба.

ЖЕЛЕЗНИЦА ГУБИ ПАТНИЦИ

Според податоците на Државниот завод за статистика, се забележува ново намалување на бројот на превезени патници во железничкиот сообраќај.

Во вториот квартал годинава, со возови биле превезени 47 илјади патници, додека во првиот квартал, 61 илјади патници. За споредба, со железницата, во првиот и во вториот квартал од минатата година биле превезени вкупно сличен број патници.

Поточно, во првиот квартал имало 42 илјади патници, додека во вториот 69 илјади патници.

Споредено со 2023 година, бројките се значително намалени. Имено, во првиот квартал од 2023 година биле превезени 102 илјади патници со железницата, додека во вториот квартал од 2023 година биле превезени 73 илјади патници.

Железничкиот превоз во Македонија, од година во година, има сѐ помалку патници, иако е најкомотниот и најеколошки превоз. Тоа се должи на намалувањето на бројот на линии, дестинации, но и условите во самите возови, честите дефекти поради кои патници чекаат на една станица со часови.

Текстот е објавен на 18 декември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.576

Слични вести