ЕУ и Украина сакаат мир, но нема да се откажат пред руската агресија, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас, додека светските агенции објавија дека европските земји работат на свој предлог за прекин на војната во Украина, откако беа објавени детали за американскиот план.
-Ова е многу опасен момент за сите. Сите сакаме оваа војна да заврши, но важно е како ќе заврши. Русија нема законско право на какви било отстапки од земјата што ја нападнала. На крајот условите на кој било договор ги одлучува Украина – рече Калас.
Украина, Франција, Германија и Велика Британија работат на контрапредлог на мировниот план од 28 точки за Украина, поддржан од САД, изјавија три извори за Ројтерс. Еден од изворите рече дека контрапредлогот веројатно ќе вклучува и други европски земји.
Американскиот план бара значителни територијални отстапки за Украина и воено слабеење на земјата, заедно со безбедносни гаранции.