ЕУ конечно постигна договор за Украина, три земји нема да учествуваат

by irena 09:14
09:14

Лидерите на Европската Унија ги откажаа плановите за невиден заем за репарации за Украина и наместо тоа ќе обезбедат 90 милијарди евра преку заедничко задолжување, со цел финансирање на Киев во следните две години. Во аранжманот нема да учествуваат Унгарија, Чешка и Словачка, објави „Еуроњуз“.

Откако разговорите заглавија поради барањето на Белгија за неограничени гаранции пред користење на замрзнатите руски средства, лидерите на ЕУ се свртеа кон издавање заеднички долг. Со тоа би се обезбедила финансиска стабилност за Украина во 2026 и 2027 година, при што товарот би паднал врз заедничкиот буџет на Унијата.

Во пресрет на самитот во Брисел во четврток, европските лидери инсистираа дека нема „план Б“ и ги интензивираа напорите за заем за репарации поддржан од замрзнатите средства на Руската централна банка. Напорот го предводеше германскиот канцелар Фридрих Мерц, но планот пропадна откако барањата на Белгија за неограничени гаранции се покажаа како неприфатливи за останатите земји-членки.

Неуспехот претставува удар за Мерц и за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која планот го претстави како најдобра можна опција. Дискусиите во четврток главно беа насочени кон обидите да се ублажат загриженостите на белгиската влада. Премиерот Барт де Вевер со недели заземаше тврд став, нагласувајќи дека нема да прифати договор што би ја изложил Белгија на можна руска одмазда.

Неговото инсистирање на „неограничени гаранции“ за заштита на Белгија и финансиската институција Евроклир се покажа како неприфатливо за другите членки. Еден европски дипломат изјави за „Еуроњуз“ дека многу земји се воздржале од таков чекор, додавајќи: „Лидерите навистина не знаеја што на крајот би гарантирале“.

Унгарија, Чешка и Словачка исклучени од шемата

Уште пред самитот, Унгарија јасно стави до знаење дека нема да го поддржи заемот за репарации. Премиерот Виктор Орбан одбива финансиски да ја поддржи Украина и често ги критикува европските партнери за нивниот пристап кон војната.

Откако стана јасно дека Белгија и другите земји-членки не можат да постигнат договор, Орбан, заедно со словачкиот премиер Роберт Фицо и чешкиот премиер Андреј Бабиш, предложија алтернативен пристап со цел надминување на ќорсокакот.

Слични вести