Претседателите на Русија, Белорусија, Казахстан и Киргистан испратиле заедничка изјава до јавноста по состанокот на Евроазиската унија (ЕАЕУ) и се чини дека посебен притисок е извршен врз Ерменија.
Во соопштението за медиумите, овие земји бараат од Ерменија да распише референдум за пристапување кон Европската унија.
„Го делиме ставот за потребата од што е можно поскоро одржување национален референдум за пристапување кон Европската унија или останување во Евроазиската економска унија во Република Ерменија“, произлегува од нивната заедничка изјава усвоена по самитот на ЕАЕУ во Астана, Казахстан.
Во документот се наведува дека учесниците на Евроазискиот меѓувладин совет ќе известат во декември за можните последици од суспензијата на членството на Ерменија во асоцијацијата.
Владимир Путин, Александар Лукашенко, Касим-Жомарт Токаев и Садир Џапаров, исто така, ја нагласиле потребата да се спречи штетата врз Унијата поврзана со подготовките на Ереван за пристапување во ЕУ.
Коментирајќи ги плановите на Ерменија, портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков претходно ги истакна придобивките што Ереван ги добива од членството во ЕАЕУ. Ова вклучува стабилен годишен раст и зголемување на БДП на земјата за неколку процентни поени. Исто така, постои значителна разлика во цената на европскиот и рускиот гас – првиот чини 600 долари за илјада кубни метри, додека вториот чини 177,50 долари.
„Во исто време, апсолутен приоритет на Русија останува интеграцијата во рамките на унијата, која не смее да биде поткопана од постапките на поединечните земји. Ереван веќе е законски посветен на европската интеграција. Затоа, според Песков, никој не може да ја убеди Ерменија да остане во ЕАЕУ“, било соопштено.
Путин претходно изјави дека земјата има право да ги избира своите партнери, но не може да биде членка на две структури истовремено. Тој ја повика Ерменија да го реши ова прашање што е можно поскоро.