Загинаа двајца патници, а едно дете доби повреди опасни по живот во сообраќајната трагедија во Словенија што се случи утринава на автопатот кон Марибор кај одморалиштето Луковица.
Според првичните полициски наоди, 28-годишен возач запре на десната сообраќајна лента и почна да вози наназад, по што во автомобилот удри комбе што се движеше зад него.
Несреќата се случила околу еден час по полноќ, откако автомобилот со романски регистарски таблички го поминал излезот за одморалиштето.
Полицијата засега не соопштила зошто возачот запрел и тргнал наназад. Во судирот загинале двајцата патници што седеле на задните седишта, двајцата романски државјани.
Тешко повреденото дете, кое исто така патувало во автомобилот, има француско државјанство. Според објавените полициски информации, неговиот живот е загрозен.
Возачот на автомобилот и сопатничката на предното седиште, романски државјани, како и словенечкиот возач на комбето, добиле полесни повреди.
На местото интервенирале пожарникари од Центарот за заштита и спасување во Домжале.