Државниот завод за ревизија објави конечни ревизорски извештај на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на политички партии на сметките за редовно работење за 2024 година. Притоа, ревизорите утврдиле низа законски пропусти кај одредени партии, кај други констатирале одредени состојби околу партискиот имот, а патем навеле и разни системски слабости.
Во конкуренција на 5 партии што биле предмет на ревизија, се чини дека најмногу и најсериозни забелешки има за опозициската ДУИ на Али Ахмети, со оглед дека ревизорите, меѓу другото, констатирале неколку значајни пропусти во делот на финансиското работење.
Поточно, во ревизорскиот извештај за ДУИ се наведува дека влезните фактури од добавувачите не се архивираат кога се добиени за да се потврди дека хронолошки се евидентирани во деловните книги, дека исплатени се расходи за материјални трошоци врз основа на фактури за кои не е обезбедена поткрепувачка документација, како и дека уплатени се средства за членарина над законски дозволениот лимит.
„Висината и начинот на плаќање на членарината во ДУИ се уредени со Одлука, со која се регулира начинот на месечно плаќање на носителите на функции на централно и локално ниво на политичката партија. Согласно интерните акти, дел од членовите имаат уплатено средства за членарина над законски дозволениот лимит.
Висината на членарината како еден од приватните извори на финансирање на политичките партии, кој членот на партијата го плаќа годишно како редовен износ е регулирана со Законот за финансирање на политичките партии, во согласност со актите на партијата.
Согласно Член 14 од Законот, износот на членарината за период од една година на секој член поединечно, не смее да биде повисок од една просечна исплатена нето плата во претходната година, што ја објавува Државниот завод за статистика.
Со увид во Годишниот извештај за членарина и донации, утврдивме дека и во 2024 година уплатени се членарини од 16 лица во повисок износ од законски дозволениот, што не е во согласност со Членот 14 од Законот за финансирање на политичките партии“, утврдиле ревизорите.
Во тој контекст, ако се погледне годишниот финансиски извештај на ДУИ за 2024 година, кога, како што утврдиле ревизорите, 16 лица уплатиле членарина над законскиот лимит, може да се види дека опозициската партија во оваа година примила донации од 5 донатори во износ од околу 1,5 милиони денари, како и членарини од 29 лица во вкупен износ од 713.250 денари.
На листата на лица кои уплатиле членарина може да се сретнат и партискиот лидер Ахмети (36.000 денари), како и поранешниот собраниски спикер Талат Џафери (24.000). Покрај нив, тука се Биљен Салији (28.000), Бесник Емшии (35.000), Арменд Арслани (36.000), Ејуп Рустеми (36.000), Емир Сулејмани (48.000), Јетон Шаќири (38.000), Неџбедин Ибраими (59.950)…


Освен за ДУИ, ревизорите констатирале одредени слабости во делот на финансиското работење и кај Алтернатива, која од неодамна ја предводи актуелниот прв вицепремиер Беким Сали, чии претходници се Зеќирија Ибраими и Африм Гаши. Какви слабости утврдиле ревизорите за оваа партија, која е дел од албанската владејачка коалиција ВЛЕН?
Имено, во извештајот на ДЗР за Алтернатива се наведува дека начинот на водење на сметководството, односно деловните книги не се врши согласно одредбите од Законот за сметководство на непрофитни организации, дека амортизацијата на постојаните средства не се пресметува по пропишаните стапки, како и дека донациите од правно лице на име попуст за користена услуга не се соодветно евидентирани.
„Согласно Член 15 од Закон за финансирање на политичките партии, партиите можат да примаат донации во вид на пари, материјални средства или услуги. Како донација, согласно законот, се смета и давањето бесплатни услуги на политичката партија, како и давањето услуги за кои плаќа трето лице, при што давателот на услугата е должен да ја извести партијата за вредноста на дадената услуга.
Како донација, се смета и продажбата на стоки и давањето на услуги по цени пониски од пазарните. Продавачот на стоката, односно давателот на услугата должен е да ја извести партијата за пазарната вредност на продадената стока, односно дадената услуга и за тоа да и достави фактура. Разликата меѓу пазарната вредност и фактурираната цена се смета за донација.
Во регистарот на донации на Алтернатива прикажани се добиените попусти од правни лица во вкупен износ од 31.000 денари, но истите не се прикажани во Билансот на приходи и расходи, што не е во согласност со Член 13 од Закон за сметководството на непрофитните организации, каде е уредено дека признавањето на приходите и расходите се спроведува според сметководствено начело на модифицирано настанување на деловните промени односно трансакции…“, стои во ревизорскиот извештај за Алтернатива.

Што се однесува до најголемите македонски партии, за нив ревизорите утврдиле одредени состојби поврзани со партискиот имот. Во таа насока, како клучна состојба за владејачката ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Христијан Мицкоски се нотира забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведена постапка во 2018 година, која, според ревизорите, влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба.

Во врска со опозицискиот СДСМ на Венко Филипче, пак, ревизорите посочиле дека за дел од градежните објекти, наследени од правниот субјект претходник на партијата, се уште не e решен сопственичкиот статус, поради што, според ДЗР, тие не се воведени во евиденцијата кај надлежната агенција и во сметководствената евиденција на партијата. За уште една опозициска партија – Левица на Димитар Апасиев, ревизорите не навеле крупна забелешка.

Инаку, врз основа на ревизиите на сите партии, ДЗР утврдил повеќе системски слабости и, следствено на тоа, Заводот дал одредени препораки како да се надминат. Па така, тие сметаат дека е потребно „преиспитување во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија, во врска со Член 88 од Изборниот законик“.
Понатаму, ДЗР препорачува донесување поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината со цел еднообразност и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно, утврдување на временската рамка во која Министерството за правда треба да донесе одлука за распоредување/исплаќање на средствата за партиите…
Дополнително, ревизорите бараат и доуредување на законската регулатива во делот на утврдување на роковите за одделни активности поврзани со начинот на планирање, распределба и исплата на средствата од редовно годишно финансирање на партиите, преземање активности за изменување и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководство итн.
Влатко Стојановски