Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка

by irena 11:23
11:23

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка од функцијата.

Одлуката самиот тој ја соопшти на прес конференција во Обвинителството, а во писмена форма одлуката веќе ја испратил до надлежните институции.

Инаку, за денеска е закажана собраниска седница на која како точка на дневен ред е предлогот на Владата за негово разрешување.

Одлуката за покренување на постапка за негово разрешување беше донесена на владина седница на 9-ти декември.

– На само еден час пред закажаниот почеток на седницата во Собранието за мое разрешување, пристигна поканата за присуство на седницата, а предлогот за разрешување не е доставен. Станува збор за предлог кој не е заснован ниту на закон, ниту на факти, туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на ЈО, објасни Коцевски.

Рече дека државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку изврши тешка дисциплинска повреда.

– Самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана. Суштината е далеку поважна. Откако ја презедов функцијата, Обвинителството функционира во услови на сериозни кадровски и финансиски ограничувања, бројот на истражители е намален, се работи со намален капацитет, без современи алатки и без основни услови за работа. И покрај сето ова, резултатите од работата се видливи, мерливи и јасни. Податоците од годишните извештаи велат дека ефикасноста на ЈОРМ е зголемена во 2024 година, во однос на 2023 година – рече Коцевски.

Според него, за рекордно време од два и пол месеци е завршена истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, а во тек се постапки и предмети кои произлегоа од таа постапка.

– Сето ова во услови кога извршната власт не ни обезбеди никакви услови за работа. Предлогот за мое разрешување верувам дека ќе се најде во следниот извештај на Европската комисија – смета Коцевски.

Слични вести