Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, во број 1584, на 13 февруари 2026 година.
Пишувала: Валентина ВУРМО
Неодамнешната акција во Србија, каде што беа запленети 5 тони марихуана, а за кои сомнежот е дека се увезени од Македонија, отвори ново криминално дувло, во кое, како по правило, и системот длабоко вмешал прсти. Краткиот заклучок од долгогодишниот бизнис, со криминални примеси, е дека уште пред една деценија, многумина, поттикнати од власта, се „затрчаа“ да вложат мало богатство во отворање фирма за одгледување канабис за медицински цели, очекувајќи дека преку ноќ ќе ја вратат инвестицијата и ќе се збогатат. Но, системот зариба на пола пат, бидејќи законската регулатива беше недоречена, обидите да се доуреди беа неуспешни, што создаде сива зона за работа, но и „мотивација“ заработката да се бара на црниот пазар.
Сомнежите сега се дека дупките во законската регулатива и слабата контрола на производителите на медицинска марихана, низ годините, овозможиле големо количество од оваа дрога да заврши надвор од државата, а можеби и внатре, за домашна нелегална продажба, а не како што беше правичната цел, да служи исклучиво како лек.
Истрагата допрва ќе покаже какви сè злоупотреби биле правени, а „Фокус“ открива дека дел од овие компании добивале финансиска инјекција од државата, односно субвенции. Сепак, важно е да се напомене дека неколку фирми работат професионално, со обезбеден легален пазар во странство.
15 ФИРМИ НА СПИСОКОТ ЗА СУБВЕНЦИИ
На пазарот за одгледување медицинска марихуана, од самите почетоци во 2017 година, до сега, евидентираат 61 компанија. Во моментов, 43 компании се активни, за 14 била донесена одлука за одземање на лиценцата поради неисполнување законски услови, а во тек е одземање на лиценцата на уште 4 фирми.
„Фокус“ открива и еден нов агол на наркоприказната, а тоа е дека дел од овие фирми, односно нивните инвестиции, биле финансиски помогнати од државата.
Според податоците што ги обезбедивме од владината платформа „Отворени финансии“, 10 компании лиценцирани за одгледување медицински канабис, добиле државни субвенции, а од владата ни посочуваат уште дополнителни пет вакви фирми. Вкупната сума доделена за оваа цел е 4 милиони евра. Од владата појаснуваат дека проектите за субвенционирање се однесуваат на 4 години, а според годините кога договорите биле склучени, се заклучува дека речиси сите биле потпишани во времето на претходната влада на СДСМ, на чело со Димитар Ковачевски, а согласно тие договори исплатите се вршени и во времето на владата на Христијан Мицкоски.
Па така, компанијата „Синцеритас“ од Скопје, договорот го склучила на почетокот на 2024 година и е со трајност до 2028 година. До овој момент на фирмата ѝ се исплатени 704.274 евра.
Оваа е и една од првите компании што биле регистрирани за оваа дејност, бидејќи била основана кон крајот на 2017 година, кога фирмите срамежливо се пробиваа на пазарот. Сепак, и покрај извалканиот образ на овој бизнис-сектор, сите показатели говорат дека посочената компанија успешно работи на пазарот, без црни дамки во заднина, а за сериозноста на компанијата говори и фактот што основачкиот влог е од над 12 милиони евра.
Поголема сума на субвенции е доделена и Недцан Македонија – Охрид, која од државата добила 520.000 евра. Договорот со Владата го потпишале во 2022 година и е со трајност до крајот на годината.
Податоците што „Фокус“ ги обезбеди од „Отворени финансии“ за компанијата Флауер Пауер од Вевчани, пак, не се согласуваат со оние што ги добивме од владата.
Според нашите податоци, оваа компанија од крајот на 2024 година до крајот на 2025 година имала четири исплати во вкупна вредност од 427.000 евра. Според податоците од владата, пак, на фирмата ѝ биле исплатени 253.000 евра.
На фирмата НЈСК Холдинг од Скопје, по склучен договор во 2022 година, ѝ биле исплатени 253.810 евра. И оваа е една од компаниите која засега работи успешно, со извоз на масло од канабис.
Субвенција од 120.500 евра, до овој момент, добила кумановската фирма Мар Медика, со склучен договор во 2023 година. На компанијата Ендо Кана од Старо Нагоричане, пак, ѝ биле исплатени 61.325 евра, по склучен договор од 2024 година.
Помала субвенција во износ од 44.350 евра, добила кочанската Тетра-Хип, а охридската Охрид Органиц добила 10.800 евра.
Меѓу овие компании има и таква што зела 9.000 евра помош од државата, но како што ни појаснуваат од Владата, договорот бил раскинат поради неможност на исполнување на инвестицијата, па финансиската помош била вратена. Станува збор за Фармароли од Петровец.
ВЛАДАТА НА СДСМ ГИ ДОГОВАРАЛА СУБВЕНЦИИТЕ, А СЕГАШНАТА ГИ ИСПЛАЌА
Од Владата ни ја дополнуваат листата на субвенционирани со уште пет компании. Појаснуваат дека сите овие компании се оние кои склучиле договори согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а се во делот исклучиво на секундарната преработка на медицинскиот канабис (од процес на екстракција па натаму).
Една од фирмите е Еволв Хеалтх од Скопје, со исплатени 488.000 евра.
-Прифатени оправдани инвестициски трошоци заклучно со 2024 година – 119.467.891 денари, а исплатена е финансиска поддршка во износ од 29.992.760 денари, велат од Владата.
Струмичката Бул-Билдинг склучила договор за субвенции во 2021 година и досега добила 433.700 евра.
–Прифатени оправдани инвестициски трошоци заклучно со 2024 година – 107.761.787 денари, а исплатена е финансиска поддршка во износ од 26.673.210 денари, појаснуваат од Владата.
На листата се уште две компании од Струмица, Амери Фармаси, со добиени 609.000 евра поддршка и ИД Канабис со речиси 12.000 евра.
–За Амери Фармаси прифатени оправдани инвестициски трошоци заклучно со 2024 година – 156.628.856 денари, а исплатена е финансиска поддршка во износ од 37.447.044 денари.
За ИД Канабис е склучен договор во 2023 година, со инвестициски проект 01.01.2022 – 31.12.2026 година. Прифатени оправдани инвестициски трошоци заклучно со 2024 година – 3.092.230 денари, а исплатена е финансиска поддршка во износ од 736.817 денари, велат од Владата.
И последната на листата е Аура Фарм од Кавадарци со добиени 362.600 евра. Оправданите инвестициски трошоци се на сума од
52.585.748 денари, а исплатена е финансиска поддршка во износ од 22.300.390 денари.
Меѓу фирмите кои добиле финансиска помош од државната каса не се наоѓа компанијата АЛПХАПХАРМ ГРОУП ДОО Скопје, која е под лупата на истражните органи поради сомнежот дека токму од оваа фирма потекнува зпленетата марихуана во Србија. Сепак со минимална помош, исплатена во 2023 година, од 7.146 евра била поддржана и фирмата ЦБД Медплант од Ново Село, која исто така е под истрага и од која, заедно со струмичката компанија Лајф Плант, беа одземени над 30 тони марихана.
ДОБИВАЛЕ ВЕТЕР ВО ГРБ ЗА ДА СЕ ПРОБИЈАТ НА ПАЗАРОТ
На прашањето од „Фокус“ до Владата, да појаснат по кој основ компаниите што биле лиценцирани за одгледување канабис добивале субвенции од државата, добивме поопширно објаснување.
Појаснуваат дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти што ќе инвестираат. А, целта на овој Закон, како што велат, е поттикнување на економскиот раст и развој преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на економијата и отворање нови работни места.
–Субјекти кои можат да бидат корисници на финансиска поддршка се деловни субјекти, кои започнале продуктивна почетна инвестиција. Продуктивни почетни инвестиции се инвестиции во материјални и/или нематеријални средства поврзани со основање на нов деловен субјект, проширување на капацитетот на производството на постојниот деловен субјект, воведување на производен процес како и воведување на нови производи и суштинска промена во целокупниот процес на производство на постојниот деловен субјект и стекнување на основни средства од деловен субјект кој е во постапка на стечај. Како и оние под услов истите да се купени од субјект којшто не е во капитална или друга поврзаност согласно закон со субјектот од кој се купуваат средствата, велат од Владата.
Додаваат дека тука спаѓаат и деловни субјекти што оствариле пораст на вкупни приходи од работењето во последната година во однос на просекот од претходните три години или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка.
–Компании кај кои просечниот број на вработени, во последната година, во однос на просекот од претходните три години, не бил намален за повеќе од 5% или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка, додаваат од Владата.
Оттаму порачуваат дека остануваат посветени на транспарентност и отчетност во процесот на доделување финансиска поддршка.
–Целта е да се обезбеди фер и законски заснована поддршка за сите инвеститори кои придонесуваат кон економскиот развој на државата, истакнуваат од Владата.
ДУПКИТЕ ВО ЗАКОНОТ ГО ОТВОРИЈА ЦРНИОТ ПАЗАР
Пред точно една деценија, во 2016 година, Македонија ја легализираше марихуаната за медицинска употреба, кога законските измени беа донесени за време на шефувањето на Никола Груевски со државата. Во времето на Зоран Заев, пак, фирмите заинтересирани за овој бизнис никнуваа како печурки. Очекувањата на властите беа дека од бизнисот со медицинска марихуана годишно ќе се „вртат“ и до 250 милиони евра.
Десет години подоцна, пресметките се дека милионите навистина се вртат, но на црниот наркопазар.
Сублиматот е дека во трка за брза заработка, со лиценци се стекнаа шеесетина фирми, но само неколку навистина се пробија на пазарот и легално заработуваат преку извозот што им го подотвори државата. Се регулираше продажбата на маслото од канабис, но докрај не се прецизираше регулативата за извоз на сушен цвет од канабис. Па, доведени во мат позиција, дел од фирмите складираа милионски вреден цвет од марихуана. Дел заврши на црниот пазар, и тоа пред очите на надлежните, бидејќи изостануваа редовни контроли. Знаеја дека постојат фирми што одгледуваат канабис, дека истите немаат пазар каде да го пласираат, а од друга страна, пак, не се заинтересираа каде заврши оваа дрога. Потврда за ова во изминатиот период беа и неколкуте полициски акции со заплени на марихуана, а за која се потврдуваше дека доаѓа од магацините на дел од овие лиценцирани компании. Јавна тајна беше и дека дел од одгледувачите самите ги лажираа кражбите, за да го оправдаат недостатокот на марихуаната која ја продале нелегално.
Еве и ден денеска, докрај не е јасно дали покрај извозот на масло, постои законски и легален извоз и на сувиот цвет. Одгледувачите самите бараа регулирање и на овој дел од бизнисот, поради што упорно бараа законски измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Пред неколку години, Владата на Заев подготви измени, односно извоз на сувата маса во форма на цвет добиена од исушеното растение канабис, како и увоз, извоз и трговија со семенски и саден материјал од канабис, но истите беа блокирани од ВМРО-ДПМНЕ.
Соговорници на „Фокус“, сепак, нè убедуваат дека е донесен Правилник, од Министерството за здравство, со кој од 2022 година е извршена регулација и на извозот на сувиот цвет. Адвокатска канцеларија која посредува при издавање на лиценци на заинтересирани правни лица, пак, вели дека извозот на сув цвет е возможен и со сегашното законско решение.
–Извозот на сув цвет е дозволен согласно член 37, 38, 50 и 51 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци (Службен весник на РМ бр.103/08 и сите подоцнежни измени) и Листите за квалификација на супстанци и растенија во листите од меѓународните конвенции за опојни дроги и психотропни супстанци во категорија на опојни дроги и психотропни супстанци (Службен весник на РМ БР.104/21), вели нашиот соговорник.
Тој додава дека врз основа на овие закони и подзаконски акти, врз основа на поднесено барање од страна на производителот, Агенцијата за лекови и медицински средства издава дозвола за извоз на канабис.
Токму затоа побаравме дилемата да ни ја решат од Агенцијата за лекови, но до затворање на неделникот не добивме одговор.
Сепак, извори од обвинителството појаснуваат дека, освен извозот на маслото на канабис, сè друго е нелегална активност.
КАНАБИСОТ НА НИВА Е ПОДОБЕН САМО ЗА НЕЛЕГАЛНА ПРОДАЖБА
Друг скопски адвокат, упатен во бизнисот, вели дека голем број од сопствениците уште на почетокот биле примамени од помислата за брза заработувачка, без да знаат во што навистина се впуштаат, односно за потребната експертиза и опрема.
Фактите се дека на една фирма ѝ требаат околу три години за да ги достигне стандардите за производство и извоз на масло од канабис, додека стандардите за цвет може да се постигнат порано, за една година. Затоа повеќето се насочиле кон одгледување на сув цвет, но кога пазарот со години им бил затворен, очигледно е дека дел излезот го пронашле преку продажба под рака.
Дополнително „навлекување“ на бизнисот предизвика олеснувањето на процедурата за одгледувањето на марихуаната, нешто што беше регулирано со Правилник донесен во 2023 година, а потпишан од тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити.
Наместо дотогаш строгите контролирани и затворени услови, се дозволи канабисот да се одгледува на отворено, односно буквално на нива.
„Одгледувањето канабис се врши на отворен простор (површина или земјиште) што е атмосферски заштитен. До просторот, односно површините наменети за одгледување канабис треба да постои пристапен пат и манипулативен простор, како и да има лесен пристап за возила“, се наведува во една точка од Правилникот.
Но, познавачите, велат дека тука настанал и вистинскиот проблем, бидејќи марихуаната која е одгледана надвор, во неконтролирани услови, го нема квалитетот за производство на медицински лекови.
Тврдат дека овој канабис може да заврши само на црниот пазар, кој дел од производителите го сметаат за брза заработувачка бидејќи се продава од над 1.000 евра за еден килограм сув цвет.
–Има строго пропишана процедура за одгледување на канабис за медицински цели. На пример, навечер во затворената просторија температурата треба да биде 17 степени, а преку ден 27 степени. Ова не значи дека можеш да отвориш прозорец за да изладиш, бидејќи ќе влезе кристал од дива марихуана, која многу ја има кај нас, и за него не постои начин потоа да се отстрани од маслото. Тука паѓа квалитетот и не е за медицински цели, вели наш соговорник, кој додава дека купувачите од европскиот пазар се доста стручни и инсистираат на строги критериуми.
БЕЗ КОНТРОЛА
Инаку надлежно Министерство за контрола на овој бизнис е Министерството за здравство. Од Законот може да се види дека постои петчлена специјална комисија, која треба да го следи производството и да врши инспекции на секоја плантажа најмалку двапати годишно. Комисијата е формирана од Министерството за здравство, а составена е од двајца претставници од ова министерство, еден претставник од Министерството за земјоделство, еден од Агенцијата за лекови и еден специјалист од областа на лековити растенија.
Но дури сега, откако се случи нарко аферата, се дозна дека оваа комисија нема ниту доволен технички, ниту човечки капацитет, за да може да ги контролира компаниите. Затоа од Владата најавија дека се задолжуваат надлежните институции во рамки на своите надлежности да ги преземат сите законски утврдени мерки и активности и да извршат вонредни контроли на сите правни лица кои имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели на целата територија на државата и во рок од 45 дена да достават извештај до Владата.
Исто така, Владата најави дека ќе ги именува членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги.
Инаку, сè почна на 29 јануари, кога српските истражни органи во магацин во Крушевац открија стотина кутии со спакувана марихуана. Првичните сомнежи беа дека дрогата пристигнала од Албанија или од Македонија, но набргу од приказната се избриша нашиот западен сосед. Врската меѓу двете земји ја направи еден од уапсените, Иван Драганиќ, за кој се потврди дека е еден од сопствениците на фирма во Македонија, и тоа ни повеќе, ни помалку, туку лиценцирана за одгледување канабис за медицински цели.
Станува збор за фирмата АЛПХАПХАРМ ГРОУП ДОО Скопје, која е основана на 31.7.2023 година, со седиште во скопската населба Кисела Вода. Компанијата е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.
Први сопственици, според податоците од Централниот регистар, се Иван Драгниќ, Предраг Брковиќ, Александар Милошевиќ, Јована Мијајловиќ, сите од Крушевац, Србија. Но, во основачкиот тим на сопственици имало и еден Македонец и еден Австриец. Станува збор за Драган Крстев од Скопје и Даниел Савасци од Виена.
Фирмата била основана со вкупен паричен влог од 25.000 евра, од кои најголемиот дел, 15.625 евра ги дала единствената жена во ова друштво, а за управител бил назначен Драгниќ.
По само два месеца, извршител го запленува уделот на македонскиот државјанин Крстев од 1.250 евра, а поради долг, и му забранува да располага со него. Во февруари 2024 година, извршителот го запира извршувањето. Два месеца подоцна, во сопствеништвото на фирмата влегува и Роберт Живковиќ. Летото, истата година, сепак од друштвото излегува единствениот Македонец.
Следната 2025 година, основачкиот влог на компанијата се зголемува на 193.000 евра. Тогаш во Централниот регистар бил впишан и податокот дека компанијата добила две решенија. Првото издадено на 25.3.2024 од Министерството за здравство, и тоа за давање одобрение за одгледување канабис за медицински цели и решение издадено на 20.5.2025 година од Агенцијата за лекови со намена: дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински цели.
Исто така се случува уште една промена, односно компанијата отвора подружница во Валандово.
Во јуни 2025 година, фирмата добива финансиска инјекција, бидејќи главнината се зголемува на 529.050 евра. Јована останува и понатаму со најголем влог од 172.125 евра. Во декември, од компанијата излегува Александар Милошевиќ, а точно на денот на акцијата, 29 јануари 2026 година, е донесена одлуката за бришење на Австриецот, кој барањето го поднел два дена претходно.
По неколкуте промени, сепак заклучокот е дека Србите остануваат главните газди во компанијата.
Допрва ќе се утврди дали има вмешаност и на македонски државјани. Она што засега е познато е дека дрогата, од 40 тони, која беше запленета и сега се чува во еден од магацините на МВР, била одгледана или купена на незаконски начин. Вистинска енигма е, пак, колку ваква марихуана што требало да биде искористена за лек, завршила во погрешни раце, на наркопазарот?