Државата располага со конфискуван имот од 50 милиони евра, ама годишно едвај кешира по некој милион

Агенцијата за управување со одземен имот, до крајот на 2025 година имала залихи на конфискуван имот вредни речиси 49 милиони евра. Сепак, продажбите не одат како подмачкани, бидејќи покрај тоа што многу често и нема заинтересирани купувачи, дел од имотот воопшто не стигнува до продажба. Затоа приходите од продажба на конфискуван имот во текот на цела 2025 година изнесувале само околу 1,4 милиони евра. Најголемиот дел се од продажба на недвижен имот, а неколку илјадници евра се добиени од продажба на конфискувани возила.

by valentina 13:26
13:26

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, на 20 август 2026 година, во бројот 1611.

Пишувала: Валентина ВУРМО

„Украденото мора да се врати кај народот“. Оваа порака, пред половина година ја упати премиерот Христијан Мицкоски на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот. Ново владино тело, за кое премиерот рече дека не е формалност, туку јасна и недвосмислена порака дека државата конечно застанува цврсто, системски и бескомпромисно против криминалот и корупцијата.

–Борбата против корупцијата не завршува со кривична постапка. Борбата мора да заврши со одземање на незаконски стекнатиот имот, затоа што криминалот не смее да се исплати. Украденото мора да се врати кај народот, рече Мицкоски.

Владините заложби да се усоврши конфискацијата, која, како држава, ни е стара и слаба болка, одекнаа во времето токму кога владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ води правна битка од конфискација да ја спаси „Белата палата“, односно партиското седиште. Со неодамнешната правосилна ослободителна пресуда на Кривичниот суд за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во случајот „Талир 2“, седиштето вредно 14 милиони евра и друг партиски имот од 2 милиони евра, се на пат да се вратат, ама на партијата.

Како и да е, конфискацијата како моќна алатка за борба против сериозниот и организиран криминал, особено против криминалот на „белите јаки“, е недоволно искористена. Статистиката покажува дека најголемиот дострел оваа мерка ја имаше за време на постоењето на предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кога државата заплени најмногу вреден имот, иако законските можности постојат уште од 2004 година, а во 2008 година беа унапредени.

„И покрај законските реформи, првата изречена мерка за конфискација на имот е во 2008 година, или четири години подоцна од воведувањето на оваа мерка во домашното право. Во оваа насока, практичната примена на конфискацијата останува да биде релативно ниска, особено во случаите поврзани со висока корупција. Ваквата состојба со неискористеноста на конфискацијата е препознаена од меѓународната заедница, меѓутоа и од домашната стручна и општа јавност, па дури и од самите органи на државната власт, кои се согласуваат дека во земјата постои многу повеќе простор за употреба на конфискацијата на нелегално стекнатата имотна корист“, укажуваа од Коалицијата „Сите за правично судење“, во една од своите анализи за примената на конфискацијата во кривичните постапки.

СЕ ЗАМРЗНУВА ИМОТ ВРЕДЕН МИЛИОНИ ЕВРА, АМА ДО КОНФИСКАЦИЈА СТИГНУВА САМО МАЛ ДЕЛ

Дека конфискацијата е клучна во борбата против организираниот криминал и корупција, појаснуваат и од Обвинителството, давајќи осврт во годишниот извештај за работата на обвинителствата.

„Суштината на кривичната одговорност не е само во казнување на сторителот, туку и во ефективно спроведување на законските одредби согласно кои се одземаат предметите што се наменети или биле употребени за извршување на кривичното дело или настанале од него, како и ефективна конфискација, бидејќи никој не може да ја задржи директната и индиректната имотна корист прибавена со кривично дело“, се потенцира во извештајот.

Од Обвинителството потенцираат дека во остварување на својата надлежност основните јавни обвинителства имаат законско прво и должност да ги применуваат законски одредби поврзани со конфискацијата. Тоа го прават со соодветни предлози до надлежните судови кои ги даваат во своите обвиненија и други поднесоци во предистрага или истрага, особено кога треба претходно да се преземат дејствија на привремено одземање предмети или обезбедување имот и имотна корист.

„Барањата за обезбедување средства и имот имаат цел да се спречи располагање или прикривање на имот за кој постои основано сомнение дека потекнува од извршено кривично дело или е поврзан со неговото извршување, со што се создаваат услови за нивно трајно одземање или конфискација“, велат од Обвинителството.

Појаснуваат дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е носечки столб на јавното обвинителство, а со тоа и на кривично правниот систем и обезбедување на начелото на владеење на правото, па предничи во врска со замрзнување парични средства и имот, одземање предмети и конфискација на имот и имотна корист.

„Конкретно, во 2025 година од страна на ОЈО ГОКК се поднесени предлози против 39 физички и 20 правни лица по кои од судот се определени привремени мерки за обезбедување парични средства и недвижен имот во вкупна вредност од околу 28 милиони евра“, се наведува во годишниот извештај.

Сепак, она што изгледа поразително е што на подрачјата на Вишите јавни обвинителства во Битола, Гостивар и во Штип, основните јавни обвинителства во 2025 година до судијата на претходна постапка немаат поднесено барање за определување на мерки за привремено одземање на имот и предмети заради обезбедување. На подрачјето на Вишото јавно обвинителство во Скопје, евидентирано е едно барање за обезбедување средства и имот, и тоа во Основното јавно обвинителство Скопје за едно правно лице.

Но, она што ја одразува вистинската слика е дека, и покрај големата сума на замрзнат имот лани, во вредност од 28 милиони евра, конфискувани биле само 18.500 евра.

„Прикажаната мала вредност на конфискуваниот имот во 2025 година е резултат на фактот што предметите што носат повисока конфискација не се правосилно завршени и ќе бидат прикажани во следен извештај по нивната правосилност, а сега се прикажуваат само податоците добиени во 2025 година од правосилно завршени предмети со одлуки за конфискација“, појаснуваат од Обвинителството.

Статистиката за периодот од 2021 до 2025 година, сепак, покажува дека најголем имот по барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бил замрзнат во 2022 година, и тоа рекордни речиси 40 милиони евра. Голем дел од овој имот беше замрзнат во случајот „Империја“ на СЈО и му припаѓаше на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков. Голем дел од замрзатиот имот, исто така, беше по барање на обвинители од поранешното СЈО.

Најмалку, пак, имало следната 2023 година, кога биле замрзнати недвижнини во вредност од само 1,7 милиони евра.

БОГАТА ЗАПЛЕНА, МИНИМАЛНА ПРОДАЖБА

Кога судските постапки ќе завршат правосилно, дури тогаш замрзнатиот имот оди под надлежност на Агенцијата за управување со одземен имот, која го огласува конфискуваниот недвижен и движен имот и го продава. Парите, пак, одат во државниот буџет.

Според извештаите на Агенцијата, до крајот на 2025 година имале залихи на конфискуван имот вредни речиси 49 милиони евра. Сепак, продажбите не одат како подмачкани, бидејќи, покрај тоа што многу често и нема заинтересирани купувачи, дел од имотот воопшто не стигнува до продажба, бидејќи има запишани хипотеки, а расчистувањето на статусот зависи и од други институции.

„Постапките за нивно ослободување од запишаните оптоварувања зависат од постапување и одлуки на повеќе надлежни институции и трети страни“, се наведува во извештајот.

Затоа приходите од продажба на конфискуван имот во текот на цела 2025 година изнесувале само околу 1,4 милиони евра. Најголемиот дел се од продажба на недвижен имот, а неколку илјадници евра се добиени од продажба на конфискувани возила.

Во 2024 година, пак, воопшто немало продажба на имот, а средствата што биле уплатени на државна сметка од околу еден милион евра биле од имот кој бил продаден претходната 2023 година.

Се случува понекогаш Агенцијата дел од имотот да отстапи на државни институции, но има и случаи кога вреден движен имот пропаднал со текот на годините и ја изгубил својата вредност. Токму затоа, неодамна на продажба беа понудени 990 хаварисани возила (патнички и товарни моторни возила, мотоцикли, трактори, приколки), кои имаат третман на отпаден материјал. За сите возила заедно, почетната цена за продажба на електронското јавно наддавање изнесуваше 13 денари за еден килограм старо железо.

ШЕСТ ГОДИНИ БРЕНДИРАНАТА ГАРДЕРОБА НА БОКИ 13 „СКАПУВА“ ВО МАГАЦИН

Веќе шест години, во магацините на Агенцијата за управување со одземен имот стои и конфискуваната брендирана гардероба на Бојан Јовановски-Боки 13, вредна речиси 600.000 евра. Таа нема да заврши на продажба како старо железо, но прашање е во каква состојба е по толку години и за колку опаднала нејзината вредност.

Најпрвин со години се чекаше проценка, а откако таа е направена, сè уште не се огласува за продажба.

Но, наместо на продажба, можно е облеката да заврши и како донација. Можното сценарио произлегува од одговорот што го добивме од Агенцијата за управување со одземен имот, каде што прашавме кога оваа гардероба, конфискувана за случајот „Рекет“.

–Агенцијата за управување со одземен имот, конечно одземените предмети може да ги продаде, уништи или ги отстапи на државни институции, здруженија на граѓани или фондации. Во зависност од донесената Одлука на Управниот одбор ќе зависи и понатамошната постапка и за овие одземени предмети, ни одговорија лани од Агенцијата.

И сега го добивме истиот одговор, односно дека нема никаква новина и поместување поврзано со гардеробата на Јовановски.

–Одземените предмети се сместени и се наоѓаат во депо Тетово со непроменет број парчиња, односно во целост на број, ни одговорија од Агенцијата.

Сè почна летото 2019 година, кога истражители од домот на Јовановски одзедоа 71 вреќа со гардероба, чевли, часовници, чанти и накит, вкупно 1.208 парчиња на број, од познати модни брендови, како Луј Витон, Версаче, Долче и Габана, Гучи, Валентино, Диор…

Меѓу запленетата облека беше и упадливата сребрена наметка од Луј Витон, вредна 8.000 евра, која Боки 13 ја носеше на доделувањето на наградите „Story“.

Според обвинителството, парчињата ги купил во периодот од 2018 и 2019 година, трошејќи од 1,5 милион евра, кој наводно ги изнудил од бизнисменот Орце Камчев. Боки 13, пак, тврдеше заплената е незаконска, бидејќи најголемиот дел од гардеробата, дури 95 отсто, наводно ја купил неколку години пред тоа, уште од 2013 година. За да го убеди судот, тој презентираше 1.650 фотографии од неговите аутфити низ годините, појаснувајќи за секое парче кога е купено.

Листата со одземена гардероба е предолга. По боја и марка се наведени 60-тина ремени: ремен во сива боја „версаче“, ремен кафена боја „фенди“, ремен со зелена боја „салваторе ферагамо“…

Потоа, на листата се редат над 80 пара панталони, стотина кошули, 70-десетина капути, десетина јакни, над 60 пара тренерки, 50 пара сакоа, десетина пара фармерки, десетина пара сакоа со панталони, стотина чифта чевли, над 60 пара патики, како и приближно толку пара чизми.

Но, тоа не е сѐ. На обожавателот на брендирана гардероба му беа одземени и триесетина капи и шапки, ист број папучи, над 70 чанти, сите со потпис од некој познат моден дизајнер, над стотина пара очила, стотина пара маици…

При претресот, Боки 13 остана и без својот накит. Му беа запленети десетина брендирани ланци, алки, прстени, часовници, брошеви и приврзоци од марките Версаче, Долче и Габана, Валентино, Гучи, Ролекс…

Тој остана и без својата златна круна со потписот на Долче и Габана.

НИ ТРЕТА МАЈКА НЕ ПОМОГНА ЗА ПРОДАЖБАТА НА СТАНОВИТЕ НА ГРУЕВСКИ

 Државниот буџет остана покус и за милионите од становите, кои требаше да се слеат на државна сметка по продажбата на запленетите станови од екс премиерот Никола Груевски.

И по третпат, државата не успеа да ги продаде трите луксузни станови на Водно, кои беа конфискувани од Груевски во случајот „Плацови на Водно“. Наддавањето беше закажано за 29 јули, но становите не се продадени.

Се продаваа за вкупна почетна цена од 2.457.000 евра.

Станува збор за три апартмана во Панорама резиденс, со вкупна површина од 750 квадратни метри. Тие се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Почетната цена за него беше 760.000 евра. Од објавените фотографии може да се види дека станот располага со џакузи.

Вториот стан е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 квадратни метри. Наддавањето за него беше од 847.000 евра.

Третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и со балкон од 48 квадрати. Неговата почетна вредност е проценета на 850.000 евра.

Груевски за „Плацови на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Во предметот, Груевски, покрај за нелегалното купување плацови на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија, наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.

Според обвинителството, пак, во случајот „Талир 2“, партијата не била оштетена од лични интереси на поединци, туку незаконски се стекнала со партиски имот, а со помош на приватна компанија. Но, за овој случај, сè поизвесно е дека партијата наскоро, по шест години, ќе го одмрзне имотот и во свои раце ќе си ја врати тапијата. Случајот застарува до крајот на месецот, а конфискацијата, иако е можна и по констатирано застарување на случајот, со што ќе се „разниша“ првостепената ослободителна пресуда, сепак засега се смета како невозможна мисија.

 

 

 

 

 

 

Слични вести