Демократска обнова на Македонија (ДОМ) изразува длабоко разочарување и осуда за најновите измени на Изборниот законик, кои предизвикуваат системска блокада на независните кандидати за градоначалници и членови на општинските совети.
Според партијата, зад овие технички измени стојат „груби политички манипулации и партиски договори што ја кршат основата на демократското учество“.
„Согласно неодамнешната одлука на Уставниот суд, првичните прагови за собирање потписи за независни кандидатури од 1% од вкупните гласачи по општина беа прогласени за неуставни, но во законодавниот вакуум се врати скоро идентична бројка од 0,95%.
Истовремено, на денот на распишувањето на локалните избори претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, со неодговорни и неодредени изјави дека „де факто не постои потреба за собирање потписи за кандидатура на независните“ ги демотивира граѓанските активист(к)и во обидите за формирање на сопствена партија оставајќи ги сите збунети меѓу нејаснотиите и законските бивалентности.
Гледаме дека измените се иницирани од владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВЛЕН) а сигурно ќе најдат поддршка од истиот тој СДСМ кој го креираше првичниот закон. Ова здружување на „големите“ партии против „малите“ идни независните кандидат(к)и покажува дека политичките елити не се заинтересирани за внесување свежи идеи и граѓанска енергија во локалната самоуправа“, стои во реакцијата на ДОМ.
Од таму бараат итно повлекување на штетните измени, пропишување јасно дефинирана и правично спроведена процедура за потписи и учество на изборите, како и веднаш да се определат пофлексибилни рокови за независните кандидатури.