Ивица Дачиќ, вицепремиерот на Србија и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), од вчера е хоспитализиран поради тешка пневмонија, а помошник-директорот на Клиниката за пулмологија, Спасоје Попевиќ, утрово изјави дека состојбата му е постабилна од вчера, но претстои уште борба, пренесе Еуроњуз.
-Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба. Прерано е да прогнозираме што било. Во овој момент ситуацијата е постабилна отколку што беше за време на вчерашното обраќање, изјави доктор Попевиќ.
Тој апелираше до сите медиуми да имаат разбирање за семејството на министерот и за сите негови пријатели.
-Наше е да си ја завршиме работата, посочи докторот.
Дачиќ рано утрово во болницата во Белград го посети и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
-Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е некако подобра. Верувам во него, а сега насоката е Казахстан за одлични резултати за нашата Србија, рече Вучиќ во свое видеообраќање на неговиот инстаграм-профил.
Тој додава дека закрепнувањето на вицепремиерот Дачиќ е во тек, иако претпазливоста на лекарите останува.
-Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и нишно не е сигурно, но подобро е, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат, додава српскиот претседател во објавата.