На денешното рочиште за случајот ,,Лотарија”, сведочеше првиот сведок на обвинителството, Владо Петковски, кој е директор на сектор за игри на среќа во „Државна лотарија“. Но, од неговото сведочење можеше да се наговести пресврт на судењето за Артан Груби и Перпарим Бајрами, бидејќи како сведок на обвинителството се очекуваше да ја поддржи теоријата на Обвинителството, но тој сведочеше во полза на обвинетите.
Имено, овој сведок во фаза на истрагата, пред обвинителството, бил испрашуван како осомничен, при што дал едни одговори, кои очигледно оделе во полза на Обвинителството, но потоа не бил опфатен со обвинението, бидејќи бил прогласен за сведок, па сега во судница даваше поинакви одговори.
Петковски, кој по професија е електроинженер, на прашање на обвинителите најпрвин одговори дека во,,Државна лотарија” бил вработен кон крајот на 2017 година, а оттогаш до денес сменил неколку раководни позиции.
Од сведокот беше побарано да направи паралела за времето на двајцата генерални директори, односно на Катица Николовска со работењето на нејзиниот наследник Перпарим Бајрами.
-Паралела и разлики можам да кажам само во однос на развојот на портфолието на Државна Лотарија. Во времето на Катица немаше речиси никакви нови проекти, а откако дојде Бајрами проктивно се ангажираше за имплементација на нови проекти, со цел раст на профитот на Државна лотарија, рече сведокот.
Потоа ги наброја проектите:
-Идеја за формирање на ново друштво, по примерот на веќе постоечкото друштво Државна видео лотарија, каде Државна лотарија е содружник со Аустрија казино. Тоа е друштвото, ,,Ново ВЛТ”, и функционираше две години. Нареден проект беше ,,Мегавин.мк”, интернет платформа во сопственост на ,,Државна лотарија”. Потоа беше отпочнувањето на самостојно приредување на електронски игри на среќа, имаше и формирање на три интернет друштва, по пат на истата пракса, заедничко вложување на ,,Државна лотарија” со приватен партнер, наброја сведокот.
За проектот за приредување на електронските игри на среќа, беше прашан кој бил ставот на претходната директорка Катица Николовска.
-Не можам да тврдам зошто Катица не го правела тоа, бидејќи таа не направи ниту еден проект. Најверојатно не сакала да влегува во проекти, рече сведокот.
Сепак обвинителството инсистираше на одговор, па го праша дали му е познато од кои причини Катица не сакала да се впушта во вакви проекти?
Судијката сепак не дозволи да се постави прашањето, по приговор од одбраната дека ова прашање веќе еднаш било поставено.
На прашањето, дали сведокот може да појасни за работота новото друштво ,,Ново ВЛТ”, односно зошто функционирало две години, сведокот рече дека требало да функционира за приредување на електронски игри на среќа, но како што рече, автентичното толкување на Законот за игри на среќа, не дозволи ова друштво да работи, односно да ги пушти во употреба тие влт терминали.
На прашањето што му е познато за набавката на влт терминалите набавени во 2023 година, сведокот рече?
-Јас лично сум учествувал во постапката за набавка на терминалите. Бев техничка комисија за подготовка на јавната набавка и реализација на проектот. Идејата беше да се набават електронските терминалите со кои Државна лотарија ќе приредува самостојно игри на среќа, и целиот профит да остане за Лотарија, а не да се дели со приватни партнери. Се добија документи од професорски мислење, физибилти студии, истражување на пазарот, мислења од владини институции, па и самата Влада. Се собраа тие поткрепувачки и релевантни документи иако веќе беше формирано новото ВЛТ и сметав дека не би требало да биде спорно, бидејќи јас учествував во сите набавки. Се донесе финансов план за набавка на тие апарати. Откако финансовиот план влезе во план за јавни набавки се направи набавка, пристигнаа апаратите, се поставија кај деловните партнери и требаше да се добијат технолошко технички услови, за што УЈП се произнесе позитивно, но не стигна согласност од Министерството за финансии бидејќи се донесе тоа автентично толкување на законот, по што сите процеси беа блокирани, речи сведокот.
Тој појасни деке целта била штом законот им дозволува и тие да приредуваат електронски игри на среќа.
-Зошто да не го направиме тоа и целиот профит да остане во Државна лотарија, и да не се дели со приватни партнери. Идејата се дискутираше на колегиуми кои ги водеше директорот Перпарим Бајрами, но не стоеше еден човек зад неа, рече сведокот.
За тоа каков бил односот на Перпарим Бајрами со Артан Груби, сведокот рече дека работел со Бајрами, но не и со Груби.
-Не можам да тврдам, немам непосредна ситуација за да можам да кажам дека тие двајца се пријатели, рече сведокот.
За дали Бајрами го спомнал Груби, сведокот појасни дека на ,,Државна Лотарија” акционер и е Владата, поради што владата има улога во работењето.
-Секој директор оди во Владата често. Можеби го спомнал, но не го спомнал во врска со работењето на Лотарија, рече сведокот.
На прашањето на обвинителото потпраша, во кој контекст го спомнал Груби?
На ова реагираше адвокатот на Груби, Гоце Ристоски, кој реагираше да не се дозволи судницата да станала циркус, бидејќи ова прашање било небитно.
Бидејќи сведокот очигледно одговараше во одбрана на обвинетите, а е предложен како сведок на Обвинителството, обвинителите побараа да им се дозволи вкрстено да го испрашуваат, бидејќи го прогласија за непријателски сведок. Ова значи дека свесокот го сменил исказот, односно едно зборувал во истрага, во полза на обвинителството, а сега сосема спротивното, во полза на обвинетите.
Судијката побара од обвинителот да ги конкретизира деловите од сведочењето на свесокот поради кои повеќе не може да се смета за нивен сведок.
-Причините се повеќе, како причината за смената на директорката, начинот на работењето на директорите, познатствата на Бајрами и Груби, средбите меѓу нив, како и средба на сведокот и обвинетите. Воедно и во останатиот дел во однос на спроведување на постапките кои што не соодветствува со материјалните докази, сметаме дека не може повеќе да се смета за сведок на обвинителството, рече обвинителот.
Покрај Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, на кој му се суди во отсуство, во случајот обвинети се и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејства преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од 9,7 милиони евра.
Во овој случај, за време на истрагата, првичното дело „Проневера“ за кое се гонеа обвинетите и за кое се запретени високи затворски казни, беше преквалификувано во „Злоупотреба на службената положба“, бидејќи истрагата не обезбедила доволно докази за проневера. За ова дело е предвидена казна од една до пет години затвор.
Судењето е во тек.
Валентина Вурмо