Димитријевиќ: Мицкоски побегна од дебата за мигрантите, СДСМ нема да биде соучесник во национално предавство

by irena 12:18
12:18

Со обвинувања дека премиерот Христијан Мицкоски „побегнал“ во Брисел за да не одговара на опозициски пратенички прашања, пратеникот на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, денеска рече дека со тоа избегал и од дебата за резолуцијата со која јасно и недвосмислено се затвора прашањето за мигранти во Македонија.

„Граѓаните го видоа предавството во живо. Премиерот замина за Брисел само за да избега од прашањата и од дебатата. Откако побегна тој, побегнаа и неговите министри“, изјави Димитријевиќ.

Како знак на протест против, како што рече, понижувањето на Собранието и граѓаните, пратениците на СДСМ ја напуштија вчерашната седница. Според Димитријевиќ, ВМРО-ДПМНЕ намерно го блокира процесот за да не се дозволи ниту разговор, ниту гласање за предложената резолуција.

Димитријевиќ рече дека СДСМ нема да биде соучесник во ова, како што рече, национално предавство, мигранти за пари.

СДСМ тврди дека планот на власта е да се спроведат избори, а веднаш потоа да се прифатат мигранти во државата во замена за финансиски средства.

„Нека си ја потпишат таа предавничка резолуција сами, нека си ја гласаат сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ. Тие многу добро знаат што потпишуваат“, додаде тој.

Слични вести