Со пет гласа „за“ и еден „против“, Државната изборна комисија денеска го донесе Упатството за пополнување образец за листи на кандидати за членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје.
Гласањето по оваа точка од дневниот ред требаше да се случи во вторникот, но беше одложено откако членката на Комисијата, Дитмире Шеху, која е предлог на ДУИ, тогаш побара Упатството да се донесе со конензус, односно едногласно.
Поради оваа околност, нејзиното барање беше испратено до правната служба на ДИК за да даде мислење, по што денеска Упатството денеска беше ставено на гласање и усвоено со мнозинство, а не со консензус како што инстистираше Шеху.
-Она на коешто се повикувате процедурално беше иницијално на првата седница кога побаравте да се гласа со консензус. Бидејќи немаше консензус, ја спроведовме оваа дополнителна постапка и го добивме мислењето. После тоа веќе немаме законски услови да бараме гласање со консензус туку со мнозинство гласови – рече Борис Кондарко, претседател на ДИК.
По ова Шеху најави дека ќе поднесе тужба до Управниот суд.