Денеска е Успение на Пресвета Богородица – во народот познат и како Голема Богородица

by jadranka 08:16
08:16

Православната Црква на 28 август го празнува Успението на Пресвета Богородица. Црквата овој настан не го доживува со страв и ужас, туку со блескава воскресна радост. Самиот назив „Успение“ означува заспаност, потонување во мирен сон и блажено упокоение од кое Богомајката веднаш се разбудила за живот во вечноста.

По Вознесението Христово, за Пресвета Богородица се грижел апостолот Јован Богослов, а Таа била главна тешителка и учителка на младата христијанска заедница во Ерусалим. Новообратените христијани доаѓале од сите краишта да ги слушнат нејзините божествени зборови, а Свети Игнатиј Богоносец со воодушевување пишувал за нејзиното неисцрпно трпение, смирение и љубов. Светите отци и древните црковни историчари ја опишуваат Богородица како личност со неспоредлива внатрешна и надворешна убавина, со смирен дух, внимателна во зборувањето, со очи во боја на зрела маслинка и со благодатно зрачење во целото нејзино битие.

Според древното црковно предание, кога дошло времето за нејзиното упокоение, Архангелот Гаврил ѝ ја соопштил веста и ѝ предал светлечка палмова гранка од Рајот. На чудесен начин, со дејство на Светиот Дух, сите апостоли кои проповедале низ светот биле собрани во нејзиниот дом во Ерусалим. Во часот на успението, самиот Христос, опкружен со ангелски сили, слегол да ја прими душата на Својата Мајка, а нејзиното свето тело било пренесено и положено во гробот во Гетсиманската градина. Кога по три дена дошол апостолот Тома, кој единствен отсутствувал, апостолите го отвориле гробот за тој да ѝ се поклони, но внатре го немало телото, туку само нејзината погребна плаштаница од која се ширел благоумен мирис, со што посведочиле дека нејзиното тело било вознесено на небесата.

Почетоците на празнувањето датираат од најраните векови како општ Богородичен празник, а во шестиот век царот Маврикиј го вовел како општ празник низ цела Византија. Во Гетсиманската крипта во Ерусалим традиционално се служи раскошна служба слична на онаа за Велика Сабота со пеење три статии пред плаштаницата, а во Македонија оваа умилна традиција прв ја воведе Бигорскиот манастир, од каде што се прошири низ многу наши храмови.

Овој празник носи длабока спасоносна порака дека за христијаните умирањето е влез во вечниот живот. Пресвета Богородица го совладала распаѓањето на телото и по своето Успение не го остави светот, туку останува топла застапница и мајка која постојано излива благодат, утеха и заштита врз сите верници.

Слични вести