Каспер Шамјхел објави крај на својата фудбалска кариера. Данскиот репрезентативец, кој моментно игра за шкотски Селтик, беше принуден да се пензионира поради повреда на рамото што го држеше надвор од терените во последните неколку месеци. Тој ја потврди оваа вест во емотивно интервју.
39-годишникот потврди за данската ТВ 2 Спорт дека повредата го принудила да ја заврши својата играчка кариера.
„Кога ќе ми истече договорот со Селтик во јуни, ќе ја прекинам активната фудбалска кариера“, изјави тој.
„Тоа е одлука што ја донесов за мене. Се консултирав со разни хирурзи и специјалисти во врска со рамото и тие ми рекоа дека не треба да очекувам да се вратам во врвниот фудбал. Многу размислував, но верувам дека сега е вистинското време“ рече тој.
Шмајхел беше клучен играч во тимот на Лестер кој сензационално ја освои титулата во Премиер лигата пред десет години. Тој остана во клубот до летото 2022 година, освојувајќи го ФА Купот во 2021 година и настапувајќи во сите три европски натпреварувања.
Откако го напушти Лестер, тој помина една сезона во француска Ница, а потоа и во Андерлехт, пред да се приклучи на Селтик во 2024 година.
Имаше 120 настапи за данската репрезентација.
По објавувањето на неговото пензионирање, Данската фудбалска асоцијација објави на социјалната мрежа X.
„Каспер Шмајхел ја завршува својата кариера“, се вели во соопштението. „Од дебито во Скопско до дебито на Светското првенство против Перу, одлични одбрани против некои од најдобрите тимови во светот, полуфинале на Европското првенство на Вембли и многу повеќе. 13 години. 120 настапи за репрезентацијата. Ти благодарам за незаборавните моменти, Каспер“.
Соопштението за пензионирање доаѓа само неколку дена пред враќањето на Шмајхел на стадионот „Кинг Пауер“, каде што ќе се соедини со навивачите на Лестер како дел од прославата на 10-годишнината од титулата.
„Мислам дека секој сонува за збогување на теренот, но не секогаш го добивате она што го сакате“, рече Шмајхел.
„Имав толку многу други работи по патот, па фудбалот не ми должи ништо. Имав толку многу можности и искуства во мојата кариера“ рече Данецот.
„Она што најмногу се издвојува се пријателствата и врските што ги создадов. Моментите што ги споделив со нив – на подобро или на полошо. Лесно можев да планирам натпревар за збогување, но за жал, тоа не се случи“, додаде тој.
„Имам неверојатна среќа што имам толку многу добри луѓе околу мене. Секако, мојот живот се вртеше околу фудбалот, но имам и живот надвор од тоа, а сега морам да одвојам малку време за да сфатам кој е следниот пат. Возбудливо е. Се надевам дека сега кога луѓето знаат дека повеќе нема да играм, ќе бидат отворени за сè. Се наоѓам на неверојатно возбудливо место. Немам јасен план или идеја за тоа како ќе изгледа мојот живот по фудбалот“, заклучи Шмајхел.