Во срцето на Скопје има дуќан што наликува на мало етнолошко светилиште, а Дамјан Ристовски и Сара Јакимовска – двајца млади ентузијасти кои одбиваат да ја предадат традицијата на „инстант времињата“ – го отворија овој единствен простор во градот каде што ткаењето на разбој повторно живее. И тоа не како музејска демонстрација, туку како бизнис што е преполн со нарачки.
Во „Народни носии“ мириса на волна, памук и убави приказни. Изработуваат делови од носии, сувенири, алки, чорапчиња, цели женски и машки носии – дел за продажба, дел за изложба. На дрвениот разбој, кој трпеливо чека ново парче основа, Сара и Дамјан им објаснуваат на посетителите како изгледал процесот пред сто години: немало фабрика, брза мода – имало броење конци, планирање шари и многу тишина.
-Сакавме јавноста да види како се создава носија – од основата до последната нишка, вели Дамјан, колекционер на носии и млад човек кој повеќе време поминал со низ македоснките села отколку со своите врсници.
Неговата мисија е едноставна, но амбициозна: „Она што нашите предци ни го оставиле не смее да го заборавиме.“
Сара ја дополнува приказната: „Нашите клиенти најчесто се туристи, љубители на фолклорот, луѓе од дијаспората и ансамбли. Но има и млади кои сакаат да понесат нешто што е наше.“
Но вистинската приказна се крие зад процесот – ткаењето што исчезнува. Дамјан го научил од својата баба, која прво се противела. Но токму нејзините приказни – и видеата на килимарките од Пирот и Чипровци – го натерале да седне на свој рачно направен разбој уште на 16 години. Денес, снове, воведува основа, брои, планира, ткае. „Најтешки се шарите. Бараат прецизност, трпение… но и љубов., вели тој.
-Со Дамјан, на петнаесет години зачекоривме во светот на ткаењето, благодарение на неговата баба која ни ги покажа техниките. Оваа работа стана наша заедничка страст, а со текот на времето сфативме дека сакаме да направиме нешто повеќе од само занаетчиство, сакаме да ја зачуваме традицијата, да ја пренесеме на следните генерации и да покажеме дека фолклорот е дел од нашиот идентитет – објаснува Сара која е студентка на Медицинскиот факултет во Скопје.
И навистина – нивната работа личи на љубов. На отпор кон заборавот.
Двајцата велат дека не се поинакви. Но Скопје одамна не видело занаетчии кои на толку млада возраст создаваат занаетска „нишка“ која ја нема никаде во земјата.








