Компанијата Алба Енерги Груп поднела барање до владата за издавање на овластување за изградба на нов енергетски објект за производство на електрична енергија. Доколку се одобри, таму инвеститорот ќе може да ja изгради најголемата домашна фотоцентрала на местото на напуштените штипски села Јамуларци и Скандалци, кои пред две години беа купени од косовски бизнисмен и од црногорски инвеститор, кој е на црната листа на САД.
Пишува: Орце КОСТОВ
Пет години по ред, Македонија бележи огромен раст во сегментот фотоволтаици, иако дотраената мрежа за пренос на електричната енергија не може да прифати толку.
Енергетската криза во 2023 година ја принуди Македонија да донесе одредени законски измени со кои ќе се олесни инвестирањето во фотоволтаични централи за компаниите и граѓаните.
Бизнис-заедницата намириса профит од сонцето, па голите ридишта и земјоделски земјишта од државата ги покри со фотоволтаични панели.
До државниот преносен систем оператор МЕПСО се стигнати барања за приклчување нови 8.000 мегавати од обновливи извори на енергија во преносната мрежа, што е трипати поголем капацитет од оној што постои во Македонија, вклучувајќи ја струјата од термоелектраните, хидроцентралите, ветропарковите и фотоволтаичните централи.
Според националната стратегија за развој на енергетиката на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Македонија има зацртан план до 2040 година да инсталира 1.400 мегавати од фотоволтаични централи. Досега се инсталирани 800 и многу бргу оваа бројка ќе стигне до планираното.
Во меѓувреме, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини почна со практичната примена на Законот за енергетика и воведување транспарентен и предвидлив процес на планирање на развојот на енергетските објекти и енергетските мрежи во Македонија.
За 2026 година се изготви и годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ќе ги дефинира насоките за изградба на нови објекти и зајакнување на енергетските мрежи, како и насоките за развој на нови енергетски објекти во кои државата ќе се јави како инвеститор со цел стабилизација на системот и зголемување на безбедноста во снабдувањето со електрична енергија.
Секој инвеститор-приватна компанија, физичко лице, општина или јавно претпријатие имаше можност да достави иницијатива.
Во планот за 2026 година, математички тоа е околу потенцијални 7.100 мегавати, кои би се добиле од гасна централа, ветер и сонце. Тоа е бројката од пристигнати иницијативи, но тоа не значи дека сите ќе влезат во планот за следната година.
До Министерството за енергетика се пристигнати и иницијативи за ветропаркови 1.590 MW, за интегриран „storage“ (складирање енергија во батерии) за ветер 402 MW (1.080 MWh), за фотонапонски електрани 5.052 MW, за интегриран „storage“ за фотоволтаици 1.174 MW (3.018 MWh), за гасна централа со мотори 21 MW, за самостојни складишта 2.596 MW (3.094 MWh) и за експериментални објекти 288 MW.
Зголемениот интерес кај бизнисмените од различни профили, што за првпат влегуваат во енергетскиот сектор, се случи и поради законските измени за поедноставни процедури за фотоволтаици, кои се донесоа во 2022 година и стапија во сила преку Законот за градење.
Според тие измени, компаните ќе можат да постават најбрзо фотонапонски централи за производство на струја без одобрение за градба од општината во која ќе градат.
НОВ ИГРАЧ НА ПАЗАРОТ
Интересот е толку голем кај бизнисот и кај политиката за инвестирање во обновливи извори, што партиите го искористија како за политичка борба и дневни обвинувања кој повеќе изградил и кој повеќе ги искористил врските со власта, партијата или во самите институции.
Поволностите за отпочнување бизнис со фотоволтаици ќе ги искористи и бизнисменот од Косово, Флетон Садику, кој, преку својата компанија Алба Енерги Груп, поднел барање до владата за издавање на овластување за изградба на нов енергетски објект за производство на електрична енергија. Доколку му го одобри, Садику ќе може да ja изгради најголемата домашна фотоцентрала на местото на напуштените штипски села Јамуларци и Скандалци.
Барањето било разгледувано на владината седница на 25 ноември. За Алба Енерги Груп беше напишано дека веќе урбанизирала површина од над 7 милиони квадратни метри или околу 750 хектари.
Фирмата Алба Енерги Груп е основана во септември 2021 година со основачки влог од 5.000 евра. Пред две години беше објавено дека тогашната влада донела урбанистички план за подрачја и градби од значење за државата со кој овој инвеститор, како што беше медиумски пренесено тогаш, ќе може да изгради фотонволтаична централа со моќност од 200 мегавати.
Одлуката за донесување урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за површински соларни и фотоволтаични електрани (над 10 МW) се однесува за земјиште во катастарската Општина Јамуларци и катастарската Општина Скандалци, двете во близина на Штип, со кој на земјиштето на Алба Енерги Груп од околу 750 хектари се предвидува изградба на фотоволтаична централа од 200 мегавати.
Семејството Садику се сопственици на фирмата Албапетрол груп од Витина. Флетон Садику, пак, е сопственик на градежната фирма Алба билдинг, која има седиште на иста адреса во Витина како Албапетрол груп.
На истата владина седница од минатата недела се разгледувало и барањето за овластување од Хек Солар МК ДОО Негрево Пехчево, компанија основана од ХЕК СОЛАР ЕООД Бугарија од страна на бугарски пратеник, кој беше дел од парламентарното мнозинство во Софија.
Летоска, владата ѝ одобри на Општина Пехчево да издаде огромна површина на државно земјиште под долготраен закуп според урбанистички план за изградба на фотонапонска централа, нарачан од ХЕК Солар, еден од стратешките инвеститори за кои не се донесе закон за специјален договор со претходната влада. Инвестицијата беше најавувана со проценети 52 милиони евра за фотоцентрала од 75 мегавати.
КОНТРОВЕРЗНИ СОПСТВЕНИЦИ
Катастарските податоци покажуваат дека Алба Енерги Груп, заедно со контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, поседуваат по половина од двете села.
Хронос Сум и Алба Енерги Груп купиле по над 900 хектари земја во штипските села Јамуларци и Скандалци, но, според Одлуката од 2023 година за донесување урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за површински соларни и фотоволтаични електрани (над 10 МW) околу 150 хектари им остануваат надвор од урбанистичкиот план.
Поточно, сосед на фирмата од Косово, која урбанизираше површина од над 7 милиони квадратни метри, е фирмата Хронос Сум ДООЕЛ Скопје. Таа е фирма-ќерка на компанијата Нексан ДОО од Никшиќ, Црна Гора, која, пак, е во сопственост на контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака.
Во напуштените штипски села Јамуларци и Скандалци, фирмата на Давидовиќ поседува над 9 милиони квадратни метри земјиште, односно над 900 хектари.
Контроверзниот црногорски бизнисмен Давидовиќ е еден од најголемите земјопоседници во Македонија, кој заврши на црната листа на САД поради наводно перење пари за криминални организации и затоа што неговите коруптивни активности ѝ овозможиле на Русија да ја компромитира независноста на црногорските институции и да влијае врз изборите.
Имотите на Дака во Штипско првпат се споменуваат во нелегално снимен разговор меѓу Давидовиќ и македонскиот бизнисмен Зоран Милески Кичеец, објавен на платформата Јутјуб во 2020 година. Според разговорот, Дака дал 300 илјади евра и 2.000 квадратни метри имот за посредување кај тогашниот премиер Зоран Заев за своите бизниси во Македонија.
Давидовиќ преку писмо до јавноста тврдеше дека му дал пари на Кичеец за да го ангажира како „консултант, преговарач и посредник“ за деловните проекти што сакал да ги реализира во земјава. Парите ги дал уште додека премиер бил Никола Груевски.
„Како сопственик на голема површина земјиште во Општина Штип, на Брегалница, кое по својата локација е погодно за изградба и работа на мини-хидроелектрана и паркови за енергија од ветер, постигнав договор со познати австриски и кинески компании, кои беа подготвени да обезбедат финансиски средства за реализација на овој проект, додека моја обврска, како сопственик на земјиште, беше да обезбедам градежна дозвола и сите останати документи, потребни за реализација на овој проект“, напиша пред три години, Давидовиќ.
Во 2021 година, компанијата „Нексан“ од Никшиќ на Миодраг Дака Давидовиќ стана сопственик на „Јелак Градба“ од Тетово наместо панамската офшор-компанија Адастра на контроверзниот црногорски бизнисмен. Тој требаше да инвестира 200 милиони евра во станбен комлекс во Тетово на местото каде што се наоѓаше некогашната Шик Јелак.
Градежната компанија „Јелак-Градба“ е формирана на почетокот на 2016 година со седиште во Тетово, со основна главнина од 2 милиони евра основана од офшор-фирмата „Адастра“ и управувана од Давидовиќ-Дака.
Парцелата од 71.000 квадратни метри на комбинатот доби нова намена и наместо за индустрија, Општина Тетово одлучи локацијата да се користи за домување и за трговски дејности.
Сегашниот министер за транспорт и врски, Александар Николоски, три години пред да заврши Давидовиќ-Сака на црната листа предупредуваше за човек кој има сомнителен политички бекграунд.
Медиумите од регионот, пак, го опишуваат како проруски бизнисмен, кој ги финансирал противниците на Мило Ѓукановиќ, но и низ други работи кои прават тектонски поместувања на Балканот.
ВЛАДИНА КОМИСИЈА ЗА ХАОСОТ НА ПАЗАРОТ
Со новиот Закон за енергетика се зголемија надлежностите на владата, која сега издава овластувања со кои ги одобрува или не ги одобрува големите енергетски проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори со поголема моќност од 10 мегавати.
Владата формираше посебна комисија, која треба да стави ред во хаотичното инвестирање, особено кај фотоволтаичните централи за кои има особено голем интерес од странски инвеститори, а познавачите велат овластувањата што сега се доделуваат, се практично еден вид „градежна дозвола“ за изградба на капацитетот, а не лиценца за производство, која, сепак, ја издава Регулаторната комисија за енергетика.
Само шест проекти добиле овластување од владата, а еден од нив е и оној на „Инвалл Мак“, која кај Штип го гради големиот ветерен парк на инвестицискиот фонд „Алказар“ со голема поддршка од владата на ВМРО-ДПМНЕ.
И фирма на поранешниот пратеник и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски, кој сега е во градежниот бизнис, доби овластување за изградба на фотонапонска централа во Штип.
Ивица Георгиевски, во февруари годинава излезе од сопственичката структура на компанијата БИГ ЕНЕРЏИ СОЛУТИОНС, која е формирана на 20 јули 2024 година, според податоците од Централен регистар, а единствен сопственик на компанијата останува неговиот брат Бранко Георгиевски.
Оваа компанија, на 7 август 2025 година е овластена од владата за изградба на фотонапонска централа ФЕЦ Долани во Долани, Штип. Планирана е вкупна инсталирана моќност е 56.1. MW и очекувано годишно производство од 112.028 GWh.
Поради недоставување потребна документација е одбиена „М Енерџи Гроуп Ник“ фирма поврзана со Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев, чие барање за овластување било поднесено од февруари лани. Вториот проект на оваа компанија познат како „ФЕЦ Сушево 2“ од 30 мегавати во Штип бил прифатен од владата.
Одбиени се и барањата на израелските инвеститори „ДАМ Енерџи“, а поради недоставена документација, бил одбиен и турскиот „Еуроеса Енерџи“, кој сакал да гради две фотоцентрали од 36 и 11 мегавати. Пред владината комисија не поминал ниту проект на израелскиот инвеститор „Биг Мега Солар Оне“.
Не е прифатено барањето ниту на „МИТ Солар“ на косовскиот бизнисмен Саит Вокши поради тоа што не станувало збор за една голема фотоцентрала, туку за три помали. Не е прифатена ниту замислата на ФЕЦ Димонце на познатиот штипски бизнисмен Марјан Јовчевски, инаку сопственик на „Јофатекс“, кој, исто така, го цепкал проектот на повеќе централи.
Хаосот во енергетскиот сектор, минатото лето го потврди и Државниот завод за ревизија, кој во својот извештај за енергетската транзиција забележува дека претходно од 2011 до 2023 биле овластени позитивно сите осум барања, меѓу кои и тие на најголемите фотоцентрали во моментов во земјава на Меј Енерџи,Фортис Енергетика, ОСМ Солар и новиот ветерен парк Богословец.
ПОВЕЌЕ ЗЕЛЕНА СТРУЈА ОТКОЛКУ ОД ЈАГЛЕН
Од произведената електрична енергија во земјава, во 2024 година, околу 41 отсто отпаѓа на обновливите извори, со што го надминаа јагленот како доминантен енергент за производство на електрична енергија.
Во моментов, во употреба се фотоволтаични централи со инсталирана моќност од околу 850 мегавати. Потенцијалот на македонската електропреносна мрежа е околу 1.500 мегавати, без да се изградат батериски системи, кои би ја складирале енергијата од фотоволтаиците.
Без складирање, фотоволтаиците ја предаваат целата произведена енергија директно во системот. Тоа е проблем бидејќи мала промена од сончево во облачно и обратно прави големи разлики во производството, а со тоа и дисбаланс на целата мрежа.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска информираше дека, според Годишниот план за работа за 2026 година на Министерството за енергетика, за првпат, дел од компаниите доставиле барања и за работа со батериски системи во склоп на енергетските постројки, но и за самостојна работа со нив.
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање електрична енергија од обновливи извори на компанијата „Енерго солар системи“.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2.600 kW, кои се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали, кои се веќе изградени и се во функција.
–Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање ‘сториџи’, но, исто така, очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи.
Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар.
Складирањето енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат, се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
ПОВЛАСТЕНА ТАРИФА ЗА ФОТОВОЛТАИЦИ
Од 1.502 домашни производители на електрична енергија во Македонија лани 1.494 користеле обновливи извори на енергија, а од нив 179 користеле повластена тарифа, 53 користеле премија, додека 1.262 електроцентрали не користеле мерки за поддршка за производството на електрична енергија, покажуваат податоците од годишниот извештај за 2024, на Регулаторната комисија за енергетика.
Повластената тарифа претставува претходно утврдена цена за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од страна на операторот на пазарот на електрична енергија. На повластените производители што користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој kWh произведена електрична енергија по која операторот на пазар на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија, произведена од повластените производители, во период од 15 до 20 години.
Придобивка за повластените производители што користат повластена тарифа е и тоа што операторот на пазарот на електрична енергија ја презема балансната одговорност за овие производители.
Со Законот за енергетика од 2018 година, дополнително се воведува и премијата како мерка за поддршка. Премијата претставува дополнителен износ над цената што ја остварил повластениот производител со продажбата на произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија. Повластениот производител, кој користи премија, се избира преку тендерска постапка со аукција што ја спроведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Повластената тарифа и премиите се дополнителна мотивација за сите горенаведени компании што сакаат да инвестираат во фотоволтаични централи, а доказ е тоа што лани се исплатени 40,2 милиони евра на повластените производители.
Во 2024 година исплатени се 40,2 милиони евра за произведени 399.680.908 kWh, односно просечната цена на електричната енергија произведена од повластените производители изнесува 101 евро/MWh, што е приближно до просечната остварена за целиот период на примена на повластените тарифи (102 евра/MWh).
Во 2024 година, за произведената електрична енергија од фотонапонските електроцентрали исплатени се 3,9 милиони евра за произведени 16.818.933 kWh електрична енергија по просечна цена од 14,38 денари/kWh.
Лани, најголем удел во откупот на електрична енергија произведена од повластените производители има „ЕВН Хоме“ (59,01 проценти), а на второто место е „ЕВН Македонија Електроснабдување“ (13,82 проценти). Просечната цена на електричната енергија, произведена од повластените производители што користат повластена тарифа, во 2024 година изнесувала 6,19 денари/kWh.
Текстот е објавен на 11 декември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.575