Бројот на жртви во пожарот во Хонг Конг се искачи на 65, повредени се 70 луѓе, а повеќе од 300 лица се водат како исчезнати, објавија денес локалните власти.
Во соопштението се наведува дека се подготвува официјално барање до Пекинг за помош и поддршка, како и дека за преживеаните е обезбедено привремено сместување со парична отштета.
Генералниот секретар на администрацијата, Ерик Чан, изјави дека ќе се спроведе „сеопфатна истрага“, вклучувајќи кривична истрага од страна на полицијата, како и истрага од страна на локалното Министерство за домување за тоа дали заштитниот материјал на надворешните ѕидови на зградата ги исполнува противпожарните стандарди, јавува Би-Би-Си.
Од досега познатите детали, осумте станбени блокови во населбата биле во процес на реновирање од јули 2024 година, поради што биле обложени со бамбусови скелиња и зелена заштитна мрежа на фасадата, поради градежните работи.
Властите велат дека лесно запаливиот стиропорен материјал што се користел во реновирањето на фасадите предизвикал брзо ширење на пожарот.
Мрежата и фолиите што се користеле на надворешноста на зградите, исто така, не ги исполнуваат стандардите за противпожарна безбедност, соопштија официјалните лица синоќа.
Локалните власти во Хонг Конг започнаа кривични истраги за да ја пронајде причината за пожарот.
Притоа три лица – двајца директори и еден консултант на изведувачот зад реновирањата – се уапсени за убиство од небрежност.
Полицијата ги пребарува просториите на фирмата за управување што управува со населбата.