Трагичен случај го потресе Косово, откако 25-годишна бремена жена беше убиена со огнено оружје во селото Кервасари, во општина Малишево. Нејзиниот 26-годишен сопруг, кој исто така бил пронајден со прострелни рани, според Обвинителството е осомничен за убиството.
Станува збор за 25-годишната Џетлира Фониќи-Битиќи, која според косовските медиуми била бремена, додека нејзиниот сопруг е 26-годишниот Егзон Битиќи.
Случајот бил пријавен на 23 август околу 23:20 часот. Полицијата по пристигнувањето во семејната куќа ги пронашла двајцата сопружници во спалната соба со прострелни рани. Тие биле пренесени за медицинска помош во Универзитетскиот клинички центар на Косово.
Од Клиничкиот центар соопштиле дека двајцата биле примени околу 00:15 часот на 24 август. Жената била донесена во Ургентниот центар без знаци на живот и со повреди од огнено оружје, по што лекарите ја констатирале нејзината смрт. Нејзиниот сопруг бил примен со тешки повреди и се наоѓа во сериозна здравствена состојба.
Основното обвинителство во Ѓаковица соопшти дека случајот се истражува како „тешко убиство“ и дека, според досегашните информации, осомничен за убиството е сопругот на жртвата. Тој во моментов е во критична состојба и се лекува од повредите.
Околностите под кои и самиот 26-годишник се здобил со прострелни повреди сè уште се предмет на истрагата. Надлежните засега не соопштуваат конечна верзија за тоа како точно се одвивал трагичниот настан.
Косовските медиуми објавија дека убиената жена била во поодмината бременост, односно во осмиот месец.
Истрагата продолжува, а надлежните органи треба да ги утврдат сите околности и мотивот за трагедијата.