Божиновска: Нема да има криза, ЕСМ ќе се снабдува со мазут од државните резерви

by irena 14:44
14:44

ЕСМ поднесе барање за кризна состојба поради отежнатата набавка на енергенси како мазутот и Владата на утрешната седница треба да одлучи дали ќе го снабдува ЕСМ со мазут преку државните резерви.

Нема да има никаква криза, државата има резерви на мазут, рече денеска министерката за енергетика Сања Божиновска и информира дека барањето на ЕСМ за прогласување кризна состојба ќе се разгледува на утрешната владина седница.

– ЕСМ поднесе писмо до Владата, тоа ќе се разгледува утре на владина седница. Утре ќе дискутираме и ќе знаете утре што ќе се договориме на Влада. Нема да има никаква криза, за граѓаните тоа нема да значи ништо бидејќи државата има резерви на мазут. Тоа значи ако знаете дека има протести со Грците и повеќе 30 дена има неможност да се набави мазут, тоа значи дека државните резерви ќе го снабдат ЕСМ со мазут. Нема да има никакво влијание на снабдувањето. Постои мазут во државата, ако не го земат од Грција, ќе го земат од резервите, истакна Божиновска, одговорајќи на новинарско прашање дали има проблем со набавка на мазут и дали ќе биде прогласена кризна состојба.

Оваа кризна состојба се бара за да се овозможи Владата да ги отстапи државните резерви со мазут на компанијата, со цел таа да може да произведува струја и топлинска енергија сè додека не се реши проблемот со блокадите на граничните премини со соседна Грција, предизвикани од протестите на земјоделците.

Од Министерството за енергетика информираа и дека резервите со мазут се 10.500 тони, а вкупните резерви на дизел, петрол и мазут се за покривање на 47 дена.

РЕК Битола најчесто користи лигнит – јаглен со многу ниска калорична вредност. Тоа значи дека самиот јаглен често не може да обезбеди стабилна и доволна топлинска енергија за поголемите котли, особено при стартување, при неповолни услови или при повисоко барање за електрична енергија. За да се достигне потребната температура и стабилност, се додава мазут како дополнително гориво кое има повисока калорична вредност и го стабилизира согорувањето.

Министерката дополни и дека очекува до крајот на неделава МЕПСО да го финализира изборот на фирмата што ќе го прави далекуводот со Албанија и да го потпише договорот.

-До крајот на неделата ќе биде потпишан. МЕПСО сигурно ќе информира со повеќе детали, но колку што јас имам сознанија се е завршено, се чека само на официјален потпис, напомена Божиновска.

Орце Костов

Слични вести