Поранешниот телохранител на премиерот Христијан Мицкоски и припадник на Шестата управа на МВР, Ангел Самараков, денеска се појави пред Кривичниот суд во Скопје како обвинет за оддавање службена тајна на Благоја Коруноски, кој во постапката има статус на сведок.
На прашањето од судијата дали се чувствува виновен за делото кое му се става на товар, Самараков кратко одговори: „Не сум виновен.“
Во воведниот збор обвинителката Ивана Трајчева рече дека во текот на главната расправа обвинителството ќе докаже дека Ангел Самараков на 30 март 2025 година околу 23 часот, на паркинг пред хотелот „Гарденија“ во Велес како службено лице вработено во МВР, а од користољубие, на сведокот Благоја Коруноски му дал достапни службени документи на МВР кои се службена тајна, за сведокот тие документи да ги објави на социјалните мрежи.