Постојаниот комитет на Бернската конвенција на својата последна седница во декември која се одржа во Стразбур го коментираше отварањето на хидроцентрали на територијата на Националниот парк „Маврово“. Нивната оценка е дека животната средина се загрозува во одредени делови што ќе предизвика трајни последици врз природата.
Според Бернската конвенција, оваа оценка е резултат на начинот на кој се третира заштитата на животната средина во Северна Македонија. Истакнато е дека досега нема видлив напредок во спроведувањето на препораките што ѝ беа дадени на земјата во изминатите години, при што случајот останува активен уште од 2014 година па сѐ до денес.
Од Еко-свест во изјави за медиумите велат дека случајот за отворањето хидроцентрали на територијата на Маврово е отворен уште во 2014 година и дека, за жал, досега нема никаков напредок. Тие додаваат дека сите забелешки од страна на Комитетот се вклучени во новиот извештај за 2025 година.
„Поради слабиот напредок, Комитетот ја изрази својата загриженост и усвои одлука да спроведе теренска посета во Македонија во текот на 2026 година, со цел да помогне во откочување на процесите и постигнување на задоволителен напредок. Очигледно е дека и по 11 години од отворањето на случајот, нема доволен интерес за негово разрешување преку примена на сите дадени препораки“, додаде Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, кои се подносител на случајот во Бернската конвенција.
Чоловиќ Лешоска нагласува дека за конечно решавање на случајот неопходно е усвојување на Закон за води и нов Закон за заштита на природата, како и усогласување на статусот на Националниот парк „Маврово“ со меѓународните стандарди. Дополнително, таа ја истакнува потребата од изработка и спроведување на национален акциски план за заштита на балканскиот рис, како и обезбедување стабилни државни средства за управување со заштитените подрачја.
Според неа, законската забрана за изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја мора итно да се воспостави и доследно да се применува во практика.
С.Т