Шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, денес оцени дека рускиот претседател Владимир Путин не покажува знаци на вистинска волја за мир во Украина.
„Путин не покажува знаци на вистинска желба да се движи кон мир. Напротив, за прв пат минатата недела, неговите беспилотни летала намерно погодија патнички воз, при што загинаа 15 лица“, изјави Баро за парискиот весник „Либерасион“.
Баро рече дека го смета тој напад за „воено злосторство“ и на тоа се додаваат „силувања, депортации на деца, масакри и вонсудски егзекуции“.
„Четири години по нејзиното лансирање, јасно е дека таканаречената специјална операција на Кремљ беше катастрофален неуспех за Русија – 1,25 милиони смртни случаи, што е повеќе од сите советски и руски човечки загуби од 1945 година, 1.000 смртни случаи секој ден на фронтот и рецесија во Русија предвидена за 2026 година“, додаде Баро.
Францускиот министер рече дека е крајно време Путин да се откаже од своите барања и конечно да прифати прекин на огнот.
Баро го осуди обидот на рускиот претседател да „предизвика хуманитарна криза“ со продолжување на таргетирањето на енергетската инфраструктура и покрај ниските температури во Украина.
Во врска со можното продолжување на дијалогот со Русија, тој рече дека Франција никогаш не ја исклучила соработката со Русија, „со целосна транспарентност со Украина и нејзините европски партнери, и под услов таа да е корисна“.