Балерината, која до лани беше содружник во фирмата која го купи имотот на Мијалков во Гевгелија, е сопруга на екс директорот на БЈБ, Радникот

by irena 12:24
12:24

Успешна македонска балерина, чиј сопруг долги години беше висок функционер во МВР, до лани била една од сопственичките на фирмата која пред еден месец го купи атрактивното земјиште во Гевгелија, а кое државата пред неколку години го конфискува од екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.

По првичниот опис веднаш се помислува на Мијалков и на неговата сопруга која е балерина, но всушност станува збор за нивни колеги.

Како што веќе објави ,,Фокус”, нов сопственик на парцелата од речиси 19.000 метри квадратни, купена за 916.113 евра, на јавно надавање, е Друштвото за градежништво Енерго максистем ДООЕЛ Скопје. Она што ни го привлече вниманието е што до лани, во оваа фирма една од сопственичките била и балерината Тања Вујсиќ Тодоровска, а како што дознаваме, таа е сопруга на поранешниот директор на БЈБ, Љупчо Тодоровски Радникот. Тој беше на директорската позиција во времети кога и Мијалков беше на чело на УБК.

Податоците од Централниот регистер покажуваат дека новиот газда, поточно фирмата купувач, постои од 2014 година и е основана со странски капитал, односно од Србија. Актуелен и долгогодишен сопственик е Сања Костовски од Нови Сад, а содружник  од 2017 година па се до февруари 2024 година, била и Тања Вујсиќ Тодоровска.

,,Фокус” стапи во контакт со актуелната сопственичка на компанијата, Сања Костовски, која ја прашавме за причината за повлекувањето на Тодоровска од фирмата, една година пред да го купат земјиштето.

– Во однос на поранешната содружничка, Ве информираме дека г-ѓа Тања Вујсиќ Тодоровска беше дел од сопственичката структура во многу краток временски период, особено во однос на вкупната историја на компанијата. Нејзиното повлекување се случи значително пред да започне било каква анализа или постапка поврзана со купувањето на предметната локација. Денес, таа нема никакво учество во структурата или активностите на Енерго Максистем.
Компанијата ги извршува сите свои активности согласно важечката законска регулатива и деловни стандарди и останува отворена за професионална и принципиелна комуникација со медиумите, ни одговори Костовски.

Новата сопственичка на атрактивната парцела засега не открива дали планира да изгради казино, како што тоа беше планот на Мијалков.

Имено, кога обвинителството го заплени овој имот, во случајот ,,Империја”, го вреднуваше како вистинско богатство, бидејќи станува збор за атрактивна локација во близина на границата со Грција.

-Енерго Максистем ДООЕЛ Скопје е компанија која повеќе години активно работи во областа на градежништвото, не само во Република Македонија, туку и на други пазари. Компанијата има реализирано низа успешни инфраструктурни и деловни проекти и своето работење го темели врз принципите на професионалност, планирање и долгорочна одржливост.

Како градежна компанија, следиме стратешки можности за инвестирање, вклучително и преку купување на локации со потенцијал за развој. Купувањето на земјиштето во Гевгелија е резултат на таков пристап и е спроведено на транспарентна јавна лицитација. Во моментот на купувањето, беше направена деловна проценка дека локацијата претставува можен долгорочен потенцијал. Вообичаено, во нашата индустрија, стекнувањето со стратешка локација се случува и пред донесување на конечна одлука за нејзина намена, а секое понатамошно планирање се врши согласно применливите регулативи и пазарните услови.

Како корпоративна политика, не даваме изјави поврзани со идни деловни проекти сè додека не постои конкретна и финализирана деловна одлука. Секако, доколку постои оправдан јавен интерес, компанијата е подготвена навремено и транспарентно да ја информира јавноста, ни изјави сопственичката Костовски.

ДАЛИ ИМОТОТ СЕ ПРОДАДЕ ПО РЕАЛНАТА ЦЕНА?

Почетната цена од која почна наддавањето за земјиштето во Гевгелија беше нешто помалку од милион евра, односно 916.000 евра.

,,Почетна продажна цена утврдена согласно Процената на Министерството за правда- Бирото за процени бр. CB/EL V 2/24-2 од 12.08.2024 година е во износ од 56.337.000 денари”, се појаснуваше во огласот објавен од Агенцијата за управување со одземен имот.

Ова значи дека проценителите оцениле дека ова земјиште, составено од 8 парцели, со вкупна површина од речиси 19.000 метри квадратни, вреди најмалку 49 евра од квадрат.

Но, ако се вратиме само три години наназад, математиката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција беше поинаква. Според информациите кои тогаш ги имале, имотот вредел многу повеќе, односно околу 4,5 милиони евра.
Имено, кога Обвинителството јавно сподели дека се спогодиле со Мијалков, односно дека признал вина за случајот ,,Империја”, објавија детали за имотот кој му го запленуваат. На долгата листа се најде и земјиштето во Гевгелија, запишан во катастарска општина Богородица, со ИЛ 1501. За официјален сопственик беше наведена компанијата ,,Бет Ком”, на која пак сопственик и беше правното лице ,,Ексико”. Оваа офшор компанија пак со пресудата за ,,Империја” се утврди дека е на семејството Мијалкови.

Сите осум земјишта беа наведени со точна катастарска парцела и точна површина, а истите податоци се најдоа и во огласот за продажба.
– земјиште лоцирано на КП 3178/4 викано место Милци, во површина од 97 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3180 викано место Горка, во површина од 309 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3181 викано место Милци, во површина од 15004 м2,
-земјиште лоцирано на КП 3182 викано место Милци, во површина од 236 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3189 викано место Милци, во површина од 24 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3192 викано место Милци, во површина од 926 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3196/1 викано место Милци, во површина од 1918 м2 и
– земјиште лоцирано на КП 3205/1 викано место Милци, во површина од 265 м2.
Вкупната вредност пак беше пресметана на 276.750.000 денари или 4,5 милиони евра, односно разликата е неверојатни 3,6 милиони евра!

Како што дознаваме, Обвинителството оваа вредност од 4,5 милиони евра ја извлекло од документацијата која била прибавена за судскиот случај, односно Мијалкови имале направена проценка на земјиштето потребна за добивање на банкарски кредит.
Едно од објаснувањата може да биде дека оваа проценка уште тогаш не била реална, односно била ,,надувана” за да се извлече поголем кредит. Или пак, другата можна варијанта е дека можеби му се учинувало некому парцелата да ја ,,лапне” по екстра поволна цена.

Како се случило сега имотот да е вреднуван речиси четири пати помалку прашавме  во Бирото за проценка.

–Ве известуваме дека процената за која барате одговор е изготвена според „Методологија за процена на пазарна вредност на недвижен имот, објавена во Службен весник бр. 54 од 27.04.2012 година, како и врз основа на Законот за проценка (Сл. Весник на РМ бр. 115 од 31.08.2010 година)“, ни посочија од Бирото за проценка.

МИЈАЛКОВИ НЕМАА ПРАВО ДА ГО КУПАТ ЗЕМЈИШТЕТО

Она што е сигурно е дека лично и транспарентно семејството Мијалкови немаа право да си го повратат имотот, бидејќи според новиот Закон за управување со одземен имот, на јавната аукција не можат да се пријават членови на неговото семејство.

Според најновите законски измени, како купувач или закупувачи не можат да се јават ниту брачниот или вонбрачниот другар, роднина во прва линија или до четврти степен во странична линија на осуденото лице.

,,Како купувачи не можат да се јават ниту правни лица или одговорни лица или бранителот или правниот застапник на правното лице во кое осуденото лице од кое што е конфискуван или одземен имотот се наоѓа како сопственик на најмалку 25 отсто од сите акции или, пак, се наоѓа на раководна позиција во тоа правно лице”, е предвидено во новиот закон.

Според стариот закон, пак, кој беше во сила кога се продаваат запленети станови на Мијалков, на огласот единствено немаше право да се јави осудениот.
Па, така, фирмата на неговиот син Јордан Мијалков, „Бест веј инвестмент“, ги купи трите луксузни стана на Водно и тоа по поволна цена.

Недвижнините се продадоа за вкупна цена од 332.276 евра, па гледајќи ја сумата што легна на државната сметка, може да се заклучи дека продажбата поминала без големо наддавање, бидејќи била извршена речиси според вредноста на проценетите апартмани.

Па така, двата стана со површина од по 73 квадратни метри, од Бирото за вештачење беа проценети на вредност од по 101.500 евра, третиот со површина од 78 квадратни метри на 106.800 евра и гаражата од 30 квадрати за 20.400 евра.
Тие што учествувале на аукцијата, морале да наддаваат, односно не може да се оди под цената што го одредило Бирото за судски вештачења.

Нашата пресметка покажува дека имотот бил проценет на 330.200 евра, а бил продаден за само 2.000 евра повеќе.
Па, од тука се и забелешките дека апартманите биле проценети на многу ниска вредност, бидејќи за еден квадрат е барано 1.370 евра, а пазарната вредност на таа локација стигнува до вртоглави 3.000 евра за квадрат.

Голем дел од конфискуваниот имот на Мијалков допрва државата ќе го огласи за продажба. Меѓу многубројните станови, тука е и атрактивна парцела на Водно.

Оваа земјиште е со површина од 4.514 квадратни метри, во месноста Горно Курило. Всушност, парцелата е составена од градежно неизградено земјиште од 3.880 квадратни метри, на кое е предвидена маркичка за куќа и шума со површина од 634 квадратни метри.

Проценката на овој имот е направена уште кон крајот на 2023 година, при што беше утврдена вредност од 2.059.000 евра.

Валентина Вурмо

Слични вести