Десетици плажи долж источниот брег на Австралија, вклучувајќи ги и оние во Сиднеј, се затворени по четири напади од ајкули во изминатите два дена.
Плажите во градот Порт Маквари, околу 400 километри северно од Сиднеј, беа затворени откако ајкула касна сурфер. Иако заврши во болница, човекот е во стабилна состојба.
Одлуката за затворање беше донесена во средината на летото на јужната хемисфера, кога австралиските плажи обично се полни со туристи и локални жители.
Уште еден напад од ајкула врз сурфер беше регистриран во Сиднеј во понеделникот.
Според еден очевидец, друг сурфер го одржал нападнатото лице во живот користејќи јаже од неговата даска за да го запре крварењето.
„Дишеше, но не беше свесен. Се обидовме да го разбудиме, сите помогнавме колку што можевме“, изјави тој за јавната телевизија ABC.
Лекарите го лекувале повредениот маж поради сериозни повреди на ногата, пред да го однесат во болница во критична состојба.
Порано во понеделникот, 10-годишно момче успеало да избега откако ајкула го соборила од даската за сурфање и каснала дел од даската. Еден ден претходно, друго момче завршило во критична состојба откако било каснато од ајкула.
Сите плажи на северниот брег на градот ќе останат затворени во наредните денови, потврди полицијата.
Нападите следеле по деновите на обилни дождови што ги заматиле плитките води и создале идеални услови за биковите-ајкули, видот за кој се сомнева дека стои зад некои од нападите.
„Ајкулите обично не напаѓаат луѓе, но матната вода ја намалува видливоста и го зголемува ризикот од удар на нешто или некого. Во тој момент, тие имаат тенденција да каснат, што го користат како одбранбен рефлекс“, напиша експерт за однесување на ајкули, Крис Пепин-Неф во колумна во весникот „Сидни Морнинг Хералд“.
Австралија во просек има околу 20 напади на ајкули годишно, од кои до три случаи завршуваат со смрт.
Сепак, овие бројки се значително помали од бројот на давеници на австралиските плажи.