Авион на „Рајанер“ принудно се врати во Солун поради дефект на моторот додека летал над Македонија

by irena 12:48
12:48

Авион на авиокомпанијата „Рајанер“, кој летал на релација Солун – Минхен, денеска безбедно се вратил и слетал на аеродромот „Македонија“ во Солун, откако за време на летот бил регистриран сериозен дефект на еден од моторите.

Според достапните информации, пилотите го забележале проблемот додека авионот се наоѓал над територијата на Македонија. Од безбедносни причини, тие донеле одлука да го прекинат летот и да се вратат на аеродромот од кој полетале.

За време на спуштањето, од оштетениот мотор се одвоиле делови, при што еден фрагмент удрил во прозорецот на кабината. Во инцидентот полесно бил повреден еден патник, додека, според првичните информации, трупот на авионот не претрпел оштетувања.

Откако екипажот прогласил вонредна состојба, на аеродромот веднаш биле активирани сите безбедносни протоколи. Во состојба на готовност биле противпожарните екипи, службите за итна медицинска помош, полицијата и другите надлежни служби.

Авионот успешно и безбедно слетал, по што бил преместен во посебно определена зона на аеродромот.

Како мерка на претпазливост, четворица патници биле пренесени во болница. По извршените лекарски прегледи, повеќето биле пуштени на домашно лекување, додека едно лице останало на дополнителни медицински испитувања.

Слични вести