АРХИВА Сведоштво од „крвавиот четврток“: Силеџиите се заканија – нема живи да излезете!

by Fokus 10:00
10:00

Текстот е објавен на 06 мај, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1126

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

- Advertisements -

Сѐ уште многумина се фрапирани и згрозени од случувањата на „црниот понеделник“, кога припадници на безбедносните сили, по наредба на власта на тогашниот премиер Никола Груевски, физички ги отстранија опозициските пратеници од Собранието, за власта да може слободно да го донесе буџетот.

Но, овој настан пред четири години изгледа минорно и смешно во споредба со крвавото насилство од минатиот четврток, кога граѓанска толпа, очигледно инструирана од власта во заминување, упадна во парламентот и крвнички ги нападна и ги малтретираше пратениците од новото парламентарно мнозинство, а со самото тоа и граѓаните што тие ги претставуваат.

Несомнено, ваквата тиранија на малцинството врз парламентот и парламентарното мнозинство не значи ништо друго, освен удар врз демократијата и демократските институции, кои сѐ уште се под голема партиска контрола, штом органите задолжени за заштита на јавната и личната безбедност реагираа час и половина откако народните избраници беа изложени на насилство и линч, па дури и за обид за убиство.

Или земјава ќе го прележи најцрниот ден за македонската демократија како болест типична за една млада демократија, или, пак, ќе потоне заедно со оние сили што ја ставија како влог за спас на сопствената политичка кариера и слобода, за да можат на раат да ги трошат украдените пари од народот, од кој еден дел, изманипулиран до крајни граници, го брани нивниот криминал мислејќи дека ја брани државата?

ВРЕМЕ Е НАРОДОТ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ВЛАСТА

Откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, преку долгите и непродуктивни дискусии во парламентот, создадоа депресија кај граѓанството дека долгоочекуваните промени конечно ќе се реализираат, пратениците од СДСМ во последниот период почнаа да најавуваат дека ќе ја преземат одговорноста за избор на нов спикер на парламентот, како неопходен чекор кон избор на нова реформска влада. Тоа беше увертира за партискиот лидер Зоран Заев, кој на кобниот 27 април ја отвори парламентарната седница со порака дека околу 700.000 граѓани, претставени преку 69 пратеници, имаат обврска да се избере нов претседател на законодавниот дом.

Ова мнозинство овде има право и обврска да избере претседател на собранието од своите редови и за тоа ќе носи одлука во оваа сала, ќе носи одлука во некоја од другите сали во Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ… – рече Заев, наведувајќи кон заклучок дека изборот на нов спикер може да се случи надвор од парламентарната зграда, или во најмала рака – надвор од пленарната сала.

Згора на тоа, однесувањето на СДСМ во парламентот навестуваше дека оваа операција ќе се изведе некој друг ден. Имено, за време на „крвавиот четврток“, заменик-претседателот на СДСМ Радмила Шекеринска собирала потписи од пратениците за да се одржи собраниска седница и во петок, кој обично е неработен ден за собранието, бидејќи е резервиран за средби со граѓани на пратениците. Плус, истата вечер социјалдемократите имаа закажано седница на Централниот одбор.

Меѓутоа, на крајот испадна дека новото парламентарно мнозинство изведе добро осмислена, изненадувачка блиц-криг операција, вешто и итро избегнувајќи судир со колегите од ДПМНЕ, ама затоа испровоцира напад од граѓани, кои, како што отпосле се испостави, биле пропуштени во парламентот и насочувани низ парламентарните лавиринти токму од пратеници на оваа партија.

КАКО ПОЧНА ДА СЕ ВЖЕШТУВА АМБИЕНТОТ?

За разлика од монотонијата типична за претходните парламентарни седници, на критичниот ден дебатата се водеше во прилично зовриена атмосфера, која сериозно навестуваше дека се ближи момент на разврска, проследен со инциденти. Тоа беше директен повик за повеќе новинарски екипи, вклучително и за „Фокус“, кои дотогаш само повремено ги следеа бесцелните дискусии, реплики и котрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, да се упатат во парламентот.

Галеријата од каде што новинарите, фоторепортерите и снимателите ја следат и седницата и ги регистрираат настаните сѐ уште се полнеше, кога генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски побара да прекине расправата за избор на членови на Комисијата за избори и именувања и да се премине кон следната точка – избор на претседател. Во тие мигови, пратениците од СДСМ и албанските партии станаа на нозе за да излезе на површина фактот дека се мнозинство.

Целата ситуација дополнително се искомплицира откако Крсто Мукоски од оваа партија побара процедурална забелешка за да ја отпее македонската химна, што на нозе ги крена и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои почнаа гласно да скандираат – избори, избори! Дополнително масло во и онака разгорениот политички оган фрли пратеникот на БЕСА Зекрија Ибраими, кој, пак, побара процедурална забелешка за да ја отпее албанската химна, при што на нозе останаа само пратениците Албанци.

Веднаш потоа, претседавачот Трајко Велјановски ја затвори седницата и закажа нова за следниот ден. Речиси истовремено, пратениците на СДСМ повторно станаа од своите столчиња, инсистирајќи изборот за претседател повеќе да не се одолжува, додека оние од ВМРО-ДПМНЕ експресно се упатија кон собраниската говорница, за физички да спречат преземање на раководниот пулт во салата.

Воочливо беше тоа што некои од нив ја покрија говорницата, други скалите кои водат до бирото од каде што претседателот и генералниот секретар ја водат седницата, а трети предните странични делови, каде има врати за влез, односно за излез од салата. Притоа, во очи паѓаше екс хашкиот затвореник Јохан Тарчуловски, кој држеше контрола на вратата која се наоѓа од страна на пратениците на СДСМ.

Првично, Вељаноски не го напушташе спикерското столче, што предизвика бурни реакции од пратениците на СДСМ и од другите партии. Еден од нив довикна дека време е најстариот пратеник Бранко Манојловски од ДУИ да седне на столчето на Вељаноски. Случајно или не, Манојловски беше единствениот пратеник од новото парламентарно мнозинство, кој во тие моменти се измеша меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, комотно разговарајќи со некои од нив.

ТРИКОТ СО НАЈСТАРИОТ ПРАТЕНИК

По неколку минути, Вељаноски ја напушти претседателската фотелја и излезе од салата, повлекувајќи се во претседателскиот кабинет, па просторот од каде се води седницата останаа да го чуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Така, додека тие му го штитеа тронот на Вељаноски и го држеа на око Манојловски, Заев се сврте на спротивната страна и го повика Ферид Мухиќ да го води продолжението на седницата, како најстар пратеник кој ја прифатил таквата одговорност.

Паралелно со тоа, пратениците од СДСМ направија прстен околу него, така што сега тие го блокираа приодот до Мухиќ од пратениците на ДПМНЕ, кои дотогаш ја бранеа фотелјата на Вељаноски од Манојловски. Заштитен од пратениците на СДСМ, Мухиќ од своето место се обраќаше до јавноста, но речиси ништо не се слушаше што говори, со оглед дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласно скандираа „избори“, „ова е пуч“, „срамота“…

Сепак, за кратко време, Горан Мисовски од НСДП го презеде водењето на седницата и набргу го стави на гласање предлогот Талат Џафери од ДУИ да биде избран за нов претседател на Собранието. Во таква бурна атмосфера, тој констатираше дека Собранието го избра Џафери за претседател со 61 гласови „за“, ако се знае дека Али Ахмети не присуствуваше на седницата од безбедносни причини, петтемина пратеници од БЕСА си заминаа, а двајцата од ДПА воопшто не учествуваат во работата на Собранието по изборите.

Потоа Џафери се префрли од едната на другата страна од парламентот, практично минувајќи низ пратеничките клупи на ВМРО-ДПМНЕ, кои претходно беа испразнети, бидејќи тие, нели, излегоа да го бранат просторот од каде се води седницата. Тогаш Џафери беше прогласен за нов претседател на парламентот и веднаш даде заклетва дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно.

На тој начин, се изјалови планот или очекувањето на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе дојде до директна конфронтација меѓу пратениците, која би настанала доколку новото парламентарно мнозинство тргнеше да го преземе раководењето со седницата. Начинот како СДСМ, ДУИ и другите партии ја изведоа операцијата така ги постави работите, што пратениците на ДПМНЕ ги стави пред избор да бидат индиферентни, или, пак, да станат агресивни во случај да тргнеа физички да го спречат изборот на Џафери.

КОЈ ПРАВИ ДРЖАВЕН УДАР?

Како и да е, веднаш по изборот, Стефан Богоев од СДСМ дојде во галеријата да ги информира претставниците на медиумите дека во собраниската сала број три, која воедно е прес-центар во парламентот, ќе се обрати Заев. Додека сите новинари тргнаа во тој правец, качувајќи се по скалите што водат од пленарната сала до прес-центарот, Џафери даваше изјава во однос на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека неговиот избор претставува пуч.

Пуч не прави парламентарното мнозинство со избор на претседател, туку оние што делуваат против државата и не ги исполнуваат уставните обврски – рече тој, алудирајќи, покрај останатите, и на претседателот Ѓорге Иванов кој одбива да им го даде мандатот на партиите што имаат мнозинство во парламентот.

Додека Заев подготвен ги чекаше снимателите да се постават за да се обрати до јавноста, на еден од екраните во просторијата се емитуваше директен пренос на телевизијата Нова, која пренесуваше дека демонстрантите веќе ги совладале барикадите околу Собранието и се приближиле до влезната порта. Тогаш, некој од новинарите му довикна на Заев побрзо да се обрати, по што тој во кратки црти објасни дека Џафери е избран во легална собраниска процедура.

Веднаш потоа, Џафери увери дека ќе работи согласно Уставот и законите и во корист на граѓаните, како и дека нема да дозволи узурпација на институциите. Кога стана јасно дека голем дел од демонстрантите влегле во собраниската зграда и во пленарната сала, Џафери додаде дека тоа е државен удар и го повика Министерството за внатрешни работи да дејствува согласно законските обврски како одговорно за безбедноста на Собранието.

Сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата, еден од припадниците на личното обезбедување на Заев и припадниците на МВР, во својство на лично обезбедување на Оливер Спасовски како поранешен министер, стражареа пред влезната врата од прес-центарот. Откако увидоа дека се собираат сѐ повеќе луѓе и нема да можат сами да ја спречат толпата, и покрај заканата со огнено оружје, тие влегоа внатре и околу 19 часот ја заклучија вратата.

Како што одминуваше времето, тензијата и неизвесноста кај присутните растеше, особено со повремените обиди на демонстрантите да влезат во салата. Иако Заев преку присутните медиуми ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации, а повиканите институции да си ги вршат своите надлежности, сепак, обидите да се влезе во просторијата не престанаа.

И Мисовски се обидуваше да ги смири присутните, уверувајќи ги дека тука е новиот претседател на Собранието, кој ќе ги заштити, а новинарите ги советуваше да ги извадат легитимациите. Арно ама, подоцна се испостави дека ниту Џафери, ниту легитимациите не беа доволна заштита за присутните и за новинарите, од кои дел се здобија и со повреди.

ОБРАЧ ОКОЛУ ЗАЕВ

Истовремено, поголем дел од пратениците на новото парламентарно мнозинство се наоѓаа во галеријата на салата, каде што се стигнува по скали од надворешната страна. Поради опасноста дека доколку таму стигнат разулавени демонстранти, тие можат буквално да бидат фрлени долу, по сугестија на Шекеринска, беа поставени неколку маси една врз друга за тие да можат да се симнат надолу.

Една по една, неколку пратенички почнаа да се симнуваат долу во салата, меѓутоа брзо се измести балансот на масите и една пратеничка за малку ќе завршеше на подот. Бидејќи најголем број од пратениците немаа време да се спуштат долу, тие се засолнија во двете кабини од кои се врши превод од комисиските седници, потпирајќи столици на вратата за да не можат да бидат отворени.

Наскоро, демонстрантите ја разбија вратата, а личниот телохранител на Заев се обиде со раце да ја спречи толпата да влезе во просторијата. Меѓутоа, за кратко време попушти под притисокот и демонстрантите се впуштија кон Заев, околу кој почна да се формира обрач, составен од неговиот личен телохранител, припадници на обезбедувањето на Спасовски, пратеници на СДСМ и на ДУИ…

Фактички, обезбедувачите беа на првата линија на заштитата заедно со пратеникот Максим Димитриевски, додека до и зад Заев беа други пратеници  – Љупчо Николовски, Александар Кирацовски, Дамјан Манчевски, Благој Бочварски, Петре Шилегов, Реџаил Исмаили… Сосема на крајот, од десниот агол на просторијата, беа Џафери, Зијадин Села и други пратеници Албанци, веројатно поради проценката дека ќе бидат најмногу изложени на удар.

Маскирани лица со фантомки и качулки, облечени со маички и беретки со обележја на патриотски организации, но и средовечни и постари граѓани, чие однесување сугерираше дека тие силно веруваат оти ја бранат државата од домашните предавници, се втурнаа кон средината каде беше Заев со луѓето околу него. „Ајде сега да ве видам“, прво извика еден од хулиганите што први се втурнаа низ вратата, облечен во тренерки, маичка, со намотан шал околу целата глава и врз лицето.

Во просторијата имаше неколку крупни маскирани лица, со физички изглед типичен за припадници на безбедносните сили или на агенциите за обезбедување, кои ја скенираа просторијата, за да видат кој каде се наоѓа. Но, тие воедно ги посматраа луѓето со кои влегоа, што укажува дека дел од нив биле со инструкции да вршат менаџмент на ситуацијата и да контролираат кој, како и колку ќе биде нападнат.

Впечатливо беше тоа што меѓу демонстрантите, односно насилниците, имаше многу учесници од воениот конфликт во 2001 година, главно припадници на резервниот состав и на специјално формираната специјална единица „Лавови“. Таквата тажна и поразителна реалност доволно говореше дека владината антиалбанска пропаганда си поиграла со чувствата на овие лица, кои беа потиснати во време кога вмровски влади судски ги гонеа бранителите, ги амнестираа хашките случаи, негуваа плодна соработка со командантите од УЧК…

ОПШТА ПРЕСМЕТКА СО ПРЕДАВНИЦИ

Во таа бркотница, со дел од колегите, држејќи ги новинарските легитимации во една рака, се движевме во спротивен правец од демонстрантите, речиси залепени до ѕидот од десната страна. За кратко време, успеавме да излеземе низ вратата, додека од просторијата што ја напуштивме одекнуваа пискотници и тресоти. Туку што помисливме дека излеговме од метежот, ете, одзади ни се приближија неколку лица, кои со нервозен и строг тон прашаа: „Има ли некој од Телма?“.

Тогаш стана апсолутно јасно дека нема привилегирани и изземени во оваа таканаречена општа пресметка со предавниците, туку дека треба да се дисциплинираат и неподобните медиуми. Имајќи го тоа предвид, повеќето новинари ги ставивме легитимациите во џеб и почнавме да се движиме. Одејќи низ темниот ходник, каде се сместени дел од кабинетите на пратениците, сфативме дека Собранието е целосно надвор од контрола.

Поточно, еден од двата задни влеза низ кој поминавме откако се симнавме по скалите беше затворен, без да го чува ниту собраниското обезбедување. Снимките покажаа дека полициски специјалци, повлекувајќи се од предната порта, ги затвораат овие странични влезови однадвор, меѓутоа во тој момент немавме таква информација, што предизвикуваше дополнителна доза на неизвесност.

Цело време се слушаа звуци од сите страни, според кои јасно беше дека демонстрантите однадвор веќе го обиколиле целото Собрание, а оние што веќе беа внатре, покрај со пратениците, почнаа да се пресметуваат и со инвентарот. Кога страстите спласнаа, регистриравме дека немаше предмет што не беше скршен, оштетен или превртен, а на внатрешните ѕидови имаше голем број дупки од удари со нозе.

Помирени со фактот дека нема надвор, продолживме да се движиме по ходникот кон другиот страничен излез, каде што од една просторија излезе лице во цивилна облека, кое нѐ повика да влеземе внатре. Од безбедносни причини, просторијата беше целосно затемнета. Ролетните од прозорците, пак, беа спуштени, доколку некој одлучи да фрла со камења и со други тврди предмети.

Човекот што нѐ засолни веднаш не предупреди да ги исклучиме телефоните и да бидеме исклучително тивки. Во еден од ретките моменти кога се разврза муабет, тој рефлектираше одредено ниво на разбирање на ситуацијата, истакнувајќи: „Многу од овие луѓе учествуваа во 2001 година, па зар сега да го гледаат ова што им се прави“?. Во секој случај, тој беше коректен и безусловно помогна.

За кратко време, тој собра уште неколку новинари, пред сѐ, од медиумите на албански јазик. Некои беа вознемирени и хистерично разговараа по телефон, бидејќи сѐ уште беа под импресии од соочувањето со насилниците, чии погледи јасно ја манифестираа нивната жед за крв. Други, пак, беа мирни и немоќно чекаа позитивна разврска, и покрај тоа што тогаш немаше простор за оптимизам, од причина што состојбите сѐ повеќе ескалираа.

ОД ЕДНА НА ДРУГА ЛОКАЦИЈА

Во истата просторија, за кусо време се појавија и двајца експонирани пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои пристигнале откако дел од демонстрантите ги пречекале во пленарната сала, каде, како што подоцна видовме, заедно ракоплескале, пееле песни, се поздравувале и се гушкале. Арно ама, и тие беа видно изненадени, па и уплашени од развојот на целата ситуација.

Лоша е ситуацијата. Мора да видиме што максимум може да се оствари од барањата на албанските партии и сите заедно да ги донесеме. Само така може да се смири ситуацијата – смета еден од нив, свесен дека тоа е неговото лично мислење, кое се судира со она на многу јастреби од партијата, кои резолутно велат – сменивме име, сменивме знаме, изгубивме општини – доста е!

Набргу потоа, без да забележам како, од просторијата исчезнаа двајцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои веројатно биле преместени во друга просторија, а набргу потоа и евакуирани. Но, во меѓувреме, пристигнаа уште уште неколку пратеници – еден од ДУИ, двајца од помалите албански партии и еден од СДСМ. За половина час пристигна лице и од собраниската администрација, со цел да ги пренесе пратениците – Албанци на посигурна локација.

Со оглед дека просторијата беше непосредно до еден од предните странични влезови на парламентот, кој многу лесно можеше да биде пробиен од протестантите, одлучив да заминам со пратениците во просторија на горниот кат, на задниот агол од другата страна на зградата. Во просторијата беше многу задушливо, но почна полесно да се дише откако некој успеа да се снајде во темнината и да ја пушти климата.

Ваква врата чини илјада евра, па кој да знае дали може да биде пробиена – говореше припадникот на собраниската администрација кој нѐ засолни во просторијата.

Службениот телефон во оваа канцеларија беше надвор од функција, но работеше службениот компјутер, од кој ги читавме медиумските известувања за ситуацијата. Главно сите бевме потпрени на мобилните телефони, од кои почнавме да ги добиваме првичните информации што се случува во останатиот дел од Собранието и надвор од него.

Е сега станува навистина опасно – загрижено коментираа пратениците безмалку во еден глас, откако стигна информација дека Албанци почнале да се групираат и да се упатуваат кон Собранието, за да се одмаздат за крвничкото претепување на Села, што би предизвикало и меѓуетнички судир.

Пратеникот од ДУИ, пак, беше во постојана комуникација со министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој уште тогаш го извести дека не може да стапи во контакт со директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој воедно беше шеф на оперативниот штаб за следење на состојбите околу протестите.

Јас бев против оваа идеја, зашто знаев дека ќе испадне вака. Требаше да го оставиме ВМРО да зборува колку сака, нека се бламира пред јавноста. И одредени функционери на СДСМ беа против и еден ден претходно водеа преговори во парламентот со претставници од ВМРО, но падна ваква одлука и еве што се случи – објаснуваше тој.

ЛИСТА ЗА ЛИКВИДАЦИЈА И ОБИД ЗА УБИСТВО

Во исто време, сите бевме сведоци на една мачна и нехумана глетка. Преку прозорците се гледаше како неколку специјалци се трудеа да направат простор за амбулантните возила, кои дојдоа да ги преземат повредените пратеници. Меѓутоа, нивните обиди завршија безуспешно, бидејќи разбеснетата топла не им дозволуваше пристап, еуфорично скандирајќи: „Нема да излезете!“.

Некаде по 21 часот, откога всушност Чавков се појавил во МВР и по речиси два часа нереди во парламентот издал наредба за ставање на ситуацијата под контрола, дојде припадник на специјалните сили да не извлече од просторијата. Но, само што се приближивме до излезната врата, тој нѐ врати назад, затоа што избувнал пожар при еден напад на демонстрантите, па мораше да оди да го локализира.

Набргу потоа, дојде друг тим на униформирани и неуниформирани припадници на полицијата, кои нѐ однесоа во просторијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, каде што беа сместени нападнатите пратеници. Таму глетката беше стравична: Заев, Спасовски, Манчевски, Николовски, Локвенец и Павле Богоевски беа со најсериозни траги на повреди. Раните на нивните глави беа бандажирани и во завои, но раскрвавените и расцепени кошули сведочеа за она што го преживеале.

Да не беше нашето обезбедување, но и да не се држевме сплотено,  демонстрантите ќе го убиеја Заев и некој од пратениците – Албанци. Сѐ што имаше во просторијата ни фрлија врз глава. Дури, еден од нив од галеријата гаѓаше со јарболот од знамето како со копје. Други правеа ласо од каблите за да нѐ уловат, па можеби и да нѐ обесат  – се потсетува еден од пратениците кој цело време додека се одвивале нападите беше веднаш до Заев.

Дел од напаѓачите се упатиле и кон галеријата, каде што успеале да го претепаат пратеникот Богоевски, но не успеале да ги отворат вратите од кабините за превод, каде беа заклучени неколку пратеници, претежно жени. Набљудувајќи ја целата драма што се случувала долу од птичја перспектива, тие раскажуваат дека насилниците имале листа за отстрел и патем носеле оружје.

Тие имаа список и знаеја кого да бараат. Убаво видовме како носат оружје, метални боксирачи и шипки, а еден од нив цело време го држеше пиштолот зад грб, чекајќи чиста ситуација да го убие Заев. Најкритично беше во еден момент кога сите станаа нахални, па ако не пукаше еден од обезбедувачите во воздух, сите ќе беа растргнати – вели еден од пратениците кој за време на инцидентите бил заклучен во една од кабините за превод.

Луѓето со кои разговаравме посочуваат оти Ѓорчев, заедно со неколку поразумни луѓе од редовите на демонстрантите, одиграл една од клучните улоги за спас на пратениците на СДСМ и ДУИ од разгневената толпа. Но, покрај него, во целиот хаос несебично помогнал и поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Флоровски, кој сега работи во ЈП Македонски шуми.

НАСИЛНИЦИ ИЛИ СПАСИТЕЛИ?

Инаку, овој дивјачки и, како што оцени Хојт Брајан Ји, кукавички напад, траел сѐ до 21.30 часот, кога почнале да упаѓаат специјалци од интервентниот тим на полициските Тигри. Кога ние пристигнавме во просторијата каде што беа сместени пратениците, ситуацијата се уште не беше целосно под контрола. Полицајците постојано се движеа во различни правци за да ги совладаат последните упоришта на насилниците.

Држиме насекаде колку што можеме. И нас не тепаа – се жалеше еден од нив, верувајќи дека ситуацијата наскоро ќе се среди.

Интересно беше тоа што во неколкуте поврзани соби во една просторија беа и петмина демонстранти кои упаднале во парламентот и потоа во прес-центарот. Едниот од нив се гледа на снимките објавени од медиумите, како триумфално упаѓа низ главниот влез и меѓу првите се качува нагоре по скалите, без да биде спречен од полицијата, додека друг е фатен на сликите што демонстрантите сами си ги сликале во пленарната сала.

Да видите како било на Вејце, на Карпалак – се обрати еден од нив пред пратениците на СДСМ во мое присуство, по што негов познаник го повлече и го однесе во друга просторија. Друг, пак, постојано повторуваше дека тие го спасиле Заев. Но, наредниот ден Мухамед Зеќири за медиумите изјави дека тие лицемерно глумеле спасители откако дошла полицијата.

Нејсе, покрај Ѓорчев, кој носеше пакети со вода, во близина за миг се појави и Јохан Тарчуловски, за кој потоа медиумите, врз основа на одредени видео-снимки, објавија дека ги насочувал демонстрантите во парламентот, откако вратата им ја отвориле двајца негови колеги од ВМРО-ДПМНЕ – Мукоски и Сашо Василевски. Исто така, во просторијата можеше да се забележи и некогашниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Соколов, кој веднаш по крвавите настани во парламентот на фејсбук напиша:

Албанската платформа не минува во Македонија. Видовте народот како реагира. Ако продолжите со предавството, овојпат ќе ја почувствувате реакцијата на народот и тоа поединечно секој од вас…“.

По извесно време, почнаа да се слушаат силни детонации однадвор, каде полицијата со шок-бомби ги растеруваше најтврдокорните демонстранти. Откако го формираше коридорот за извлекување, полицијата прво ги повика жените, потоа повредените и на крајот сите останати. Движејќи се надолу по скалите, полицајците апелираа до сите да не трчаат, но да се движат побрзо, бидејќи опасноста се уште не е сто отсто елиминирана.

Конечно, сите стасавме пред излезната врата која претставува службен влез за пратениците и вработените во Собранието. Таму, во првите редови стоеше раскрварениот Заев, кон кого се приближи Ѓорчев, при што двајцата срдечно и искрено се поздравија. На влезот однадвор се појави и Никола Тодоров, кој информираше дека сите повредени ја добиле потребната лекарска помош и дека се наоѓаат во стабилна здравствена состојба.

ЕВАКУАЦИЈА

Во тие моменти се појави и пратеникот од ДУИ со кого бевме засолнети во просторијата пред полицијата да не однесе во кабинетот кај Ѓорчев, од каде не евакуираше. Заедно со него, уште неколку пратеници и вработени во парламентот се качивме во хермелинот. Дури кога возилото со експресна брзина почна да се движи кон трговскиот центар Рамстор, сите почувствуваа олеснување и дека веќе дефинитивно се на безбедно.

За рекордно време од 10 минути пристигнавме во касарната во Ѓорче Петров, која функционира како база на Единицата за брзо распоредување. Само што пристигнавме, припадник на единицата не евидентираше, запишувајќи на обичен лист хартија име и презиме, матичен број, како и медиумот во кој работиме.

Можеби стотина припадници на ЕБР беа построени пред објектот каде дел по дел влегуваа повредените пратеници од СДСМ, на чело со Заев. Но, истовремено пристигнаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои можевме да ги забележиме Даниела Рангелова, Зоран Илиоски, Зоран Ѓорѓиевски и други.

За петнаесетина минути, повеќето од нив почнаа да се движат во обратен правец кон рампата на влезот на касарната, каде ги чекаше превоз. Каде се упатија пратениците на ДПМНЕ останува непознато, но Заев и неговите сопартијци се упатија кон партиското седиште на Бихаќка, каде беше пречекан како херој кој се жртвуваше само за да спречи граѓански судир. По овој настан, веќе ништо не може да биде исто.

 

Контрадикторни сведоштва
КАКО НАСТРАДА СЕЛА?

Постојат различни сведоштва околу тоа како настрадал лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, кој беше најсериозно повреден при нападите на парламентот на 27 април.

Додека едни велат дека тој бил фатен кај вратата во моменти кога се обидувал да излезе, други тврдат дека бил извлечен за коса од толпата.

Висок функционер од неговата партија, пак, вели дека имаат сознанија дека бил удрен со тврд предмет и паднал во бессознание, по што не памети што се случило.

 

БЕСА не знаела за планот
ЗА НЕКОЛКУ СЕКУНДИ ИМ ИЗБЕГАВМЕ НА ДЕМОНСТРАНТИТЕ

Никој не нѐ информираше дека ќе има продолжение на седницата за избор за нов претседател, тврдат од БЕСА.

Ние си одевме дома како и секој ден. Заминавме само 10 секунди пред демонстрантите да го пробијат кордонот. Ако задоцневме, можевме да настрадаме надвор – вели пратеник од БЕСА.

 

Погрешна проценка
СДСМ НЕ МИСЛЕЛ ДЕКА НЕШТАТА ЌЕ ОТИДАТ ПРЕДАЛЕКУ

Од СДСМ велат дека очекувале оти ќе има спротивставување од ВМРО-ДПМНЕ во однос на изборот на нов спикер, но не очекувале дека нештата ќе отидат предалеку.

Значи, доколку никој не ги пуштил луѓето внатре, тие немало како да влезат. Но, дел од пратениците добиле наредба тоа да го сторат, без да бидат свесни во што се впуштаат и што следува – велат социјалдемократите.

 

Задоцнето оправдување
РАБОТИТЕ ИЗЛЕГОА ОД КОНТРОЛА, ОВА НЕ ОДГОВАРА НИКОМУ

 Настрана што нивната постизборна реторика стимулираше омраза и поттикнуваше насилство, од ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека тоа што се случило во парламентот во четвртокот никој ниту го посакувал, ниту го планирал.

Ова не одговара никому. Сега треба да спласнат тензиите па има решенија – лидерска средба, широка влада… – велат високи извори од ДПМНЕ.

Арно ама, оваа солуција речиси отпаѓа од игра во ситуација кога насилството во парламентот сега ја дискредитира партијата во меѓународни рамки и ја дисквалификува како преговарач на зелена маса.

Поврзани новости