АРХИВА Кои се новите членови на УМС на ВМРО-ДПМНЕ: Студентски активисти заробени во тело на партиски послушници?!

by Fokus 11:14
11:14

Текстот е објавен на 4 март, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1065

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 Нашата цел не е политичко здружување, туку нашата цел е да ја расветлиме целата вистина околу случајот за убиството на Мартин Нешковски. Ние сме незадоволни и револтирани од некои луѓе што се политички обоени од СДСМ“.

- Advertising -

Со ваква изјава пред пет години, две недели по предвремените парламентарни избори на 5 јуни, 2011 година излезе Елена Милановска која остави посебно обележје пред камерите на телевизија „Сител“ кога не знаеше да каже која е причината што излегле на контра-протести и зошто им смета што неколку стотици млади луѓе подолг период протестираат против полициската бруталност барајќи правда за смртта на младиот Нешковски.

Не многу долг период по нејзината изјава, на социјалните мрежи осамнаа фотографии од Милановска „вооружена“ со вмровското знаме на себе, иако претходно тврдеше дека не е политички обоена и дека не учествува во никакви партиски активности, туку само сака на виделина да излезе вистината за смртта на 21-годишното момче.

Во периодот што следува, нејзиниот пример го следеа неколку млади луѓе од кои едни во неколку наврати ги „бранеа“ правата на студентите, други ги „бранеа“ правата на средношколците, а трети дури беа сместени во највисоките тела на Студентскиот парламент трудејќи се да им „обезбедат“ подобар живот на идните академски граѓани. Но, тоа што е најапсурдно во целата ситуација е што никогаш не заборавија да ги пофалат владините реформи во образованието. Тие ниту еднаш досега не се појавија на ниту еден студентски протест каде на улица излегоа околу 10.000 студенти, средношколци и граѓани, а не излегоа ниту еднаш да побараат објаснување од премиерот Никола Груевски за воведувањето на државниот испит на факултетите. Но, за таа цел уште на млади години добија по неколку функции и почнаа успешно да ги градат своите кариери.

„Фокус“ открива кои се луѓето што до вчера се „бореа“ за правата на студентите, а сега седат во функционерски фотељи? Дали тие цело време одработувале за партијата на власт, за да добијат работни места од соништата? Дали излегуваа на контра-протести, даваа изјави со поддршка на реформите во образовниот сектор, само за да се закитат со титула повеќе?

СТУДЕНТСКИ ПРАВОБРАНИТЕЛИ, ЧЛЕНОВИ НА УНИЈА НА МЛАДИ НА ДПМНЕ

Пред три недели, Извршниот комитет на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е збогатен со неколку нови членови чии имиња се изненадувачки за јавноста, со оглед на тоа што дел од нив пред само две години се „бореа“ за правата на студентите. Со само еден клик на веб страната на владејачката партија можат да се забележат новите имиња на младите „вмровци“ за чиј избор одлучува претседателот на ИК на УМС, во овој случај Владимир Нелоски, кој го утврдува и вкупниот број на членовите. Нивниот мандат трае четири години со право на повторен избор. Тие имаат повеќе одговорности меѓу кои именуваат и разрешуваат  претседатели на Општински и Градски комитети, предлагаат ставови и заклучоци до Централниот комитет, го разгледуваат финансискиот извештај, формираат комисии и работни тела и ја координираат нивната активност…..

На листата можат да се најдат имињата на поранешни студентски правобранители, потпретседатели на Студентскиот парламент, како и сегашниот заменик министер за администрација, кои претходно во неколку наврати упорно тврдеа дека немаа никакви партиски активности, а цело време се кријат позади превезот на партијата.

Еден од новите членови кој се најде на листата на Извршниот комитет на Унија на млади сили на ДПМНЕ е Симона Јандревска, поранешен студентски правобранител која беше доста активна на ова поле, но повеќе во одбрана на владините реформи. Таа неколку пати истакна дека Македонија има потреба од реформи во високото образование и дека таа ги поддржува истите.

Сметам дека реформите за кои се залага Владата се на место и се вистински момент за нас младите. За време на праксата во Франција и Германија се соочував со проблеми затоа што немавме државен испит – тврдеше студентката за провладиниот „Курир“.

Јандревска истовремено работи како советник за правни работи во Кабинетот на премиерот Груевски, во меѓувреме исто така пишува колумни и за провладиниот сајт „Република“, а на нејзиниот фејсбук профил можат да се најдат фотографии и со партиските симболи на ВМРО-ДПМНЕ.

Јасно беше дека на тоа место се поставени луѓе блиски до владејачката партија. Тоа можеше да се забележи од нивното однесување кон студентите, начинот на кој жестоко ги бранеа реформите во образовниот систем, кои носеа само штета на студентите, потоа тоа што, наместо да застанат на чело на студентските протести, тие не дадоа никаква поддршка. А, еве сега гледаме за што се бореле цело време – истакна студент, кој сакаше да остане анонимен.

Оттука, се поставуваат прашањата, како студентите да им веруваат на преставниците на Студентскиот парламент и на студентскиот правобранител, кога се гледа дека одработуваат за владејачката партија? Како да се упатат со нивните проблеми, притисоци и закани, кога знаат дека нема да бидат ислушани? Зошто дел од нив кои треба да се залагаат за заштита на правата на студентите, на прво место ја ставаат партијата?

ЕДЕН ПО ЕДЕН СЕ СМЕСТИЈА НА ФУНКЦИИ

Јандревска не е единствената која се најде на листата на членови на Извршниот комитет на Унија на млади сили на ДПМНЕ. Кариерата по нагорна линија почна да се движи и за Јован Јаулески, поранешен потпретседател на Студентскиот парламент, кој се дефинира како здружение на граѓани од автономен, невладин и непартиски кадар формирано да се бори за правата и интересите на студентите. Но, баш Јаулески, кој неколку години се „бореше“ за студентските интереси се најде меѓу новите членови на ИК на УМС на ДПМНЕ.

Тој, исто така во периодот 2013/2014 година бил член и на некои тела на УКИМ, како што е Комисијата во која се одлучувало кои студенти ќе бидат сместени во студентските домови „Кузман Јосифовски Питу“, „Стив Наумов“ и „Невена Георгиева Дуња“, со што директно може да се поврзе со обвинувањата на повеќето од бруцошите и студентите дека местата во сите студентски домови се чуваат само за партиски членови и симпатизери.

Дел од нив постојано излегуваат во медиумите жалејќи се дека се обесправени при распределбата на легла, за што неколку пати досега поднесувале и приговори до Министерството за образование, но како што тврдат сѐ било за џабе.

Живеам сам со мајка ми во Неготино. Трета година сум на Филозофски факултет во Скопје. Досега, редовно ги завршувам студиите и имам висок просек. Немаме никакви приходи ниту јас, ниту мојата самохрана мајка. Епа, кажете ми уште колку треба да биде полоша мојата состојба, за да стигнам до кревет во студентски дом? Ме одбија на конкурсот, а не сфаќам зошто кога ги исполнувам потребните услови. Или, треба да ги сместат партиските членови – реагираше пред една година еден од студентите чие име не се нашло на списокот за сместување.

Но, тоа не е се. Според објавените информации на веб страната на партијата, на листата на нови членови се најде и Тимчо Муцунски, асистент на скопскиот Правен факултет, кој пред три месеци со изборот на технички министри и заменици министри, стана заменик министер за администрација во Министерството за информатичко општество.

Тој претходно беше доста активен на провладините медиуми како експерт кој редовно ја анализира политичката криза во земјава, преговорите што се водеа меѓу власта и опозицијата, студентските барања и протести. Муцунски веќе седум-осум месеци е редовен колумнист на провладиниот сајт „Република“, каде според напишаното може да се забележи дека редовно ги брани политиките на власта.

Тој, исто така е член и на Професорскиот контрапленум, каде што им даваше целосна поддршка на новите законски измени во високото образование, а ако се просурфа по интернет може да се најдат информации дека уште претходно бил дел од Унијата на млади сили на ДПМНЕ. На еден од интернет-порталите може дури да се прочита дека Муцунски преклани на 1 ноември бил на панел-трибина во Берово под мотото „Моја Македонија – Мои можности“, каде што биле најавени проектите за вработување на владата до 29 години, а Муцунски, според пишувањата во медиумите, бил модератор на трибината.

Пред неколку месеци, тој имаше и проблеми и со дел од професорите на Правниот факултет околу неговото работно место.

ЕДНИ СО ЕТИКЕТИ, А ДРУГИ ВО ФОТЕЉИ

Не стивнуваат негативните реакции меѓу студентите откако видоа кои имиња се најдоа на листата на Извршниот комитет на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се најмногу револтирани затоа што од дел од нивните колеги и од дел од професорите беа најчесто посочувани со прст на провладините медиуми дека се продолжена рака на СДСМ и дека излегуваа на протести за да ја бранат нивната политика, иако членовите на Студентскиот пленум јасно и гласно ги кажуваа своите барања и бараа средби со премиерот Груевски и министерот за образование Абдулаќим Адеми.

На повеќето од студентските протести тие беа заокружени со црвено сакајќи да алудираат на тоа дека се работи за партиски активисти кои се само тука за да потикнат револт кај другите студенти организирани од опозицискиот СДСМ и да најдат начин како да ја срушат власта под директна палка на Груевски.

– Не се плашете од етикетирање, кога нѐ етикетираат знаеме дека сме погодиле во сржта, каде нема како поинаку да се бранат. На наша страна се правото, критичното размислување и легитимитетот, да бараме да бидеме сослушани. Да покажеме дека студентите не се пасивизирана маса чија единствена цел е стигнување до парчето хартија наречено диплома, туку дека се свесни и активни чинители на едно општество и не дозволуваат да бидат обесправени! – тврдеа во тој период од Студентскиот пленум.

Од таму сметаат дека образованието е факелот на општеството кој се предава од една на друга генерација и оттаму образованието нѐ засега сите нас.

Затоа граѓани приклучете се! На маршот повикуваме секој да маршира како индивидуа – дозволена е само единствената значајна книшка – индексот! Студенти, донесете ги индексите! И знајте го ова, колку повеќе нѐ има, толку потешко е да нѐ заокружат!“ – поентираат од пленумот.

Иако, студентите не дозволија да се помисли дека нивните протести се партиски организирани, а дека тие се политички обоени, сепак во архивите на дел од провладините медиуми ќе останат да сведочат прилозите каде што идните академски граѓани кои само се бореа за своите права на секој можен начин беа етикетирани како „сдсмовци“ и „соросоиди“ кои дошле наводно со намера да ја рушат власта на Груевски.

Но, да завршиме како што почнавме. Сите тие студенти што досега излегоа на контра-протести и што тврдеа дека демонстрантите се политички обоени и сите тие што наместо да се борат за студентските права, ги бранеа владините реформи сега се дел од високи позиции во партијата или пак на високи функционерски места. Има разлика нели?

Рамка:

НЕЛОСКИ НЕ ОДГОВАРА НА ТЕЛЕФОНСКИТЕ ПОВИЦИ

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со сегашниот претседател на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски, за да ни објасни на која основа се изберени новите членови, како се избираат и зошто баш тие неколку се најдоа на листата на Извршниот комитет. Но, до затворањето на весникот не успеавме да добиеме повратен одговор на нашите прашања.

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости