АРХИВА Груевски и Мијалков заедно или сам по сам до амбисот: Дали им се разидуваат патиштата на братучедите?

by Fokus

Текстот е објавен на 25 авуст, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1090

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

„Како ќе го избегнеш татко ти?“ – му рекол еден поранешен шеф на македонските безбедносни служби на Сашо Мијалков, човекот кој се уште дрма со македонското безбедносно-политичко и криминално подземје, при една случајна средба во Фамилијарна кафеана во Скопје во времето кога братучедите јавно се загнаа да ги лустрираат своите политички неистомисленици.

Се разбира, таа зајадлива досетка, а наводно и стравот – непријатниот соговорник да не го поседува досието на татко му Јордан, подоцна ќе го чини поранешниот безбедњак затворска казна, но тоа во одмаздничкиот паноптикум на Бате Саше и не е никаков уникум.

За неколку години апсолутна и неприкосновена власт, на човекот кому до вчера сите тивко му ги изговараа само иницијалите С.М., плашејќи се од неговата сенка, му појде од рака „на свој начин“ (како што самиот вели во разговор со Д.П. Латас во една од „бомбите“ за исклучувањето од етер на А1 телевизија), да ги пикне во Шутка или во Идризово речиси сите свои претходници во безбедносните служби. Поранешните шефови и заменици шефови на ДБК, Зоран Верушевски, Слободан Богоевски, Љубе Бошкоски, високиот припадник на службата и на вмровското партиско разузнавање од времето на Љубчо ГеоргиевскиАлександар Диневски, екс првиот човек на воената разузнавачка служба – Тоше Кошиновски…

Всушност, во воената безбедносна служба братучедот ги врвеше своите први лукративни безбедњачки чекори, кога токму поради сомнителната набавка на опрема за прислушување, во време кога министер за одбрана беше Никола Кљусев, железната дама на ВМРО-ДПМНЕ, Доста Димовска, го разреши од функцијата во тајната воена служба, по што времето го мина како денгубен советник во Владата на Георгиевски.

Да беа живи, Мијалков сигурно ќе ги биеше и разузнавачкиот интимус на Бранко ЦрвенковскиЛазе Китановски и екс шефот на ДБК, Добри Величковски… Да му застанеше посилно на „плускавецот“ додека ашикуваше во УБК, немаше да го поштеди ниту поранешниот прв контра-разузнавач Миле Зечевиќ, сега цврсто прилепен до Заев. Зашто, УДБ-а или УБК, Воената служба за безбедност и разузнавање или Агенцијата за разузнавање, на Мијалков му станаа вистински ноќен кошмар, но истовремено и животна опсесија.

ПОД ШИНЕЛОТ НА ТАТКО МУ

Реченицата „Како ќе го избегнеш татко ти?“ постојано му одзвонува во ушите на братучедот, оти во неа е содржан целиот негов возрасен живот. Мијалков не само што никогаш не се обидел да го избегне татко му, туку сето свое подземно-разузнавачко и сомнително бизнис патешествие, како и партиско-политичката авантура на Фамилијата, ги живее токму под неговиот удбашки шинел. Можеби исто онака како што Никола Груевски не може, или подобро речено не сака да ја избегне ниту да ја заобиколи мајка му Надежда и да излезе од нејзината харизматична сенка и амбиции.

Се разбира, огромно влијание за ваквиот психо-портрет на Бате Саше има сомнежот оти сообраќајката на Јордан Мијалков, во декември 1991 година крај Врање (и покрај доказите) беше несреќна случајност поради лудачки брзото возење на преживеаниот шофер. Сашо, како и Никола, впрочем, веројатно и денес се сомневаат оти „македонскиот патриот“ Јордан, тогаш го свиткале „комуњарските удбаши“ во нашето МВР. Токму таа траума ќе го следи младиот Мијалков подоцна и ќе прерасне во фасцинација со тајните служби, кои со доаѓањето на чело на УБК ќе успее да ги покори и да ги завладее, а нивните шефови и за него проектирани виновници за трагичната судбина на татко му, да ги затвори, лустрира и да ги шиканира.

Борбата со своите архи-непријатели Мијалков не ја замислува како обична пресметка со предавниците и шпионите, како што преде денес пастирскиот наратив, туку како битка за физичко опстојување против добро организирани „обавештајци“ кои постојано подготвуваат заговори за негова, и на братучед му, политичка и физичка ликвидација.

Се разбира, за покојниот Јордан Мијалков, како и за неколкумина шампиони од првата експертска влада на Македонија, долги години подоцна јавно се говореше оти не можеле а да не бидат соработници на екс југословенската служба. За Јордан, на пример, има сведоци дека бил и југословенски и македонски патриот, а луѓето што ги читале неговите извештаи, велат оти испраќал маестрални дописи од Прага, каде што беше трговски претставник на „Макотекс“, во кои имало важни детали за бројната состојба и логистиката на Советската армија, што се вреднувало како патриотски добро завршена задача во поранешната СР Македонија и СФРЈ.

Некои од министрите на експертската влада, пак, како на пример социјалистичкиот обвинител Ѓорѓи Наумов, според сведочењето на Слободан Богоевски за „Фокус“, дури организирале средби на нашиот безбедносен врв на почетокот од самостојноста на Македонија со шефот на екс југословенски КОС – Контраобавештајната служба на поранешната ЈНА – Александар Васиљевиќ.

Ете, таа и таква безбедносно-разузнавачка екипа поврзана со Белград, со која дебело беше контаминирана ВМРО-ДПМНЕ на Георгиевски од денот на формирањето, на почетокот од 1990-тите доминирала во животот на младиот Мијалков, што неговата вмровска национал-патриотска епопеја ја прави апсурдна и фарсична од историска гледна точка.

„Долгата рака на ВМРО“ за која луѓето зборуваат ширејќи фантазмагорични приказни за човекот кој во име на Фамилијата ја владее барем половина Македонија, станува камшик на рестловите на КОС и УДБ-а и нивните подземни белградски врски во едно продолжено издание на ДПМНЕ–пастирска изминатите 10 години.

 ПАЗАР ПРЕКУ ПОСРЕДНИК

Всушност, во тајниот бизнис поход низ Македонија, покрај своите екс-југословенски и чешки пријатели, Мијалков ги користи врските на белградската бизнис елита која своите пари ги прави во времето на Милошевиќ, како што е на пример, фирмата „Комтрејд“ на Веселин Јевросимовиќ, која за возврат на мултимилионскиот тендер за „компјутери за секое дете“, подоцна вложува во македонските преродбенички медиумски труби – „ТВ Алфа“ и Медиа Принт Македонија. Ништо подолу не се ниту групата бизнис-олигарси блиски до СДСМ, некои од нив на поранешни високи владини функции, чии соработнички досиеја Мијалков ги употреби за купување на нивната лојалност.

Така што, комуњарите и удбашите од кои братучедите и нивната братија божем постојано се плашат како од смртни непријатели, се фројдовска манифестација на комплексот од минатото на нивните родени и политички татковци – Мијалков, Наумов, Кљусев… и целата т.н. национална политичка елита која благодарение на „стариот лисец“ Киро Глигоров, на почетокот од 1990-тите беше каков-таков гарант за вождот во Белград, Слободан Милошевиќ, дека и покрај самостојноста, Македонија нема суштински да се оддалечи од Белград.  Зошто ми беше потребен овој историски кроки во кој главна улога има Сашо Мијалков? Причината е прозаична. Неколку месеци пред изборите условно закажани за 11 декември, додека Специјалното обвинителство сериозно го стега обрачот околу Фамилијата, се погласно се зборува оти братучедот ги удвоил напорите за договор за наводно мирно примопредавање на власта по изборите (како поинаку ќе ја предадат власта доколку загубат, ако не мирно?), за мазно и мирно излегување од кризата (а што ќе прават, ќе убиваат ли?), а за возврат – амнестија на партискиот врв на ДПМНЕ.

Приказната која се прераскажува во разузнавачките и во заткулисните политички кругови е дека Мијалков преку посредник се обидел да воспостави контакт со Заев, веќе му ги пренел горните пораки, но до директна средба не дошло поради тоа што лидерот на СДСМ не се согласува, зашто не сака, не може и нема мандат да преговара за амнестија. Впрочем, времето за амнестија мина кога Заев од Груевски, како што видовме од фамозната снимка од премиерскиот кабинет, побара техничка влада и предвремени избори, а за возврат понуди „бомбите“ да не ја видат светлината на денот.

Какво влијание имал тогаш Мијалков врз постапките на својот братучед не е познато, но жестокоста со која тој одговори покренувајќи го случајот „Пуч“ и именувајќи ги странските служби за заговор против Македонија, исклучија секаков компромис.

Наспроти се, уште од почетокот на „бомбашката“ криза, извори блиски до Мијалков тврдат оти тој, за разлика од Груевски, брзо ги сфатил димензиите на катаклизмата со која се соочува Фамилијата и уште веднаш бил спремен на договор, стравувајќи од драматична правна разврска. Всушност, за разлика од психо-патолошката состојба на пастирот, кој на моменти искрено верува во својата божја мисија и во светски заговор на ЦИА, Ми-6, БНД против Македонија заради менување на името и идентитетот, Мијалков е ладнокрвен и препреден фамилијарен бос, кој барем умее рационално да ги процени последиците од „бомбите“, а од своето бурно и матно „револуционерно“ минато научил да ја почитува силата.

АМЕРИКАНСКИ ИГРАЧ

Дури, неговите промотори постојано ја нагласуваат наводно прагматичната про-американска ориентација на Бате Саше – наспроти крипто-путинизмот на Груевски – поттикната од согледувањето на геополитичката реалност и вмешаноста на САД во менаџирањето на македонската фамилијарна криза.

Додуша, Мијалков имаше огнено крштевање со Американците уште пред да стапи на функцијата шеф на УБК. Од списокот министри и високи функционери кои Груевски имаше ниет да ги именува веднаш по победата на изборите во 2006-та, кога уште беше во љубов со САД, на амбасадата не и се допаѓаше токму именувањето на Бате Саше, но Груевски не послуша. Така беше на почетокот, а на крајот, од американската амбасада дојде и неговата смена од раководната позиција во УБК. По крвавите кумановски настани во мај 2015 година, тој и министерката Гордана Јанкулоска, мораше експресно да заминат.

Додека погоре ги набројував сите жртви на братучедот меѓу поранешните шефови и истакнати припадници на безбедносните служби, забележливо е оти меѓу нив не го споменав Силјан Аврамовски, екс министер за внатрешни работи на МВР во времето на СДСМ, а пред тоа шеф на УБК. По доаѓањето на чело на службата, Мијалков него го остави на високо место, а причината за тоа беше многу важна – Аврамовски е официјалната врска на Централната разузнавачка служба на САД –  ЦИА во МВР и долги години го предводи одделението за соработка со ЦИА во рамките на УБК.

Подоцна, за волја на вистината, братучедот почна да ги глади односите со амбасадата, за што сведочат и неколку службени и приватни, јавни и тајни средби со тогашниот амбасадор Филип Рикер, кој инаку беше жесток критичар на антиквизацијата и корупцијата во врвот на владеачката структура. На средбите, велат упатените, се расправало за регионални безбедносни проблеми, Мијалков во тоа време наводно многу успешно соработувал за откривање на мрежите на потенцијалните исламски фундаменталистички терористи од регионот, а одвреме-навреме станувало збор и за обидот на амбасадорот Рикер да издејстува решение на спорот за името. Не е никаква тајна дека екс шефот на УБК уште тогаш пројавуваше поголема кооперативност – познат е фамозниот обид со грчкиот дипломат Рондос за пронаоѓање решение на спорот.

Дури, меѓу своите поддржувачи, Мијалков наводно се фалел дека токму тој во Букурешт 2008-та кога Грција ни стави вето за прием во НАТО, го спречил аутистичниот Груевски да остане во хотелската соба и да го остави тогашниот претседател Црвенковски сам со делегацијата, откако разбрал оти Грците ќе стават вето.

Но еден од незаобиколните услови за кооперативноста, беше кандидатурата на неговиот бизнис-пријател Срѓан Керим, поранешен македонски амбасадор во Германија и во ОН и екс југословенски бон-виван, за претседател на Македонија, која Сашо не можеше да ја истурка кај братучедот. Мијалков бил уверен оти Керим, не само што ќе биде послушен и лојален и нема да го засени митот за пастирот, од што смртно се плашеше Груевски, туку и со помош на својата „масонска“ дипломатска вештина ќе умее да го приведе распашаниот преродбенички пиратски брод сосе ограбениот товар, во мирно евроатлантско пристаниште.

Но таа последна историска шанса пропадна на двојните избори во 2014 г., кога Груевски реши да го силува својот антички претседателски адут и со криминалната кражба на изборите да го отвори патот кон конечна политичка демисија на Фамилијата.

МОЖЕ ЛИ ДА И ИЗБЕГА НА СУДБИНАТА?

Пролетта 2011 година, кога за прв и последен пат го видов Сашо Мијалков, за да побарам интервју од него, се жестеше оти еден ден по изборите, закажани за 5 јуни таа година, ќе проговори за тоа што претседателот Иванов, кого очигледно не го почитуваше, ја спречува реорганизацијата на безбедносните служби во разузнавачка заедница, по угледот на тајните служби во САД. Предлогот на Мијалков навистина звучеше американски, ама во заднината на таа политичка операција, која претседателот Иванов, по се изгледа со знаење на Груевски ја спречи, беше идејата токму тој, Бате Саше, да загосподари со сите тајни служби во Македонија. Мијалков потоа никогаш јавно не проговори за проблемот, иако ветуваше, а битката со Иванов (читај: Груевски) ја архивираше за да ги тера бизнис интересите на Фамилијата.

Денес, пет години подоцна, кога Ѓаволот дојде по своето, братучедите имаат еден и единствен интерес – да куртулат од прогонот на СЈО и СС-о (специјалното судско одделение) кое наголемо се подготвува. Во таа мега-операција за бегство од правдата, Груевски се надева оти ќе успее да се спаси преку уште една коруптивна изборна победа, која без Мијалков во УБК и без ВМРО-МВРО на Јанкулоска или на Чавков сеедно, овојпат ќе биде ѓаволски тешко да се издејствува. Пастирот си е се уште пастир и верува оти тоа и ќе остане, без оглед кому и кога ќе му ги предаде партијата и владата, по волјата на странскиот кризен менаџмент, но природата на кривичните дела за кои се товари е таква, што е принуден да се грижи и под фамилијарниот чадор да ги собира сите потенцијални „пеачи“ во СЈО околу себе.

Братучедот, пак, се чувствува повеќе сам во битката. Не мора да се грижи ниту за иднината на Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Мартин Протогер… Едноставно, не зависи од нив, како Груевски. Тој лично треба да одговара, тој беше егзекутор на Брат Љубе, тој ги даваше насоките за израелската провизија… и самиот ќе си го гледа алот. А плус тоа, веќе одамна не е втор во партиската и Фамилијарна хиерархија, зашто некои „нови клинци“ – Никола Тодоров, Никола Попоски, со амин на Груевски, го презедоа приматот. Мијалков може да се обиде да се пазари за себе си и за братучедот пред да падне режимот. Проблемот е што часовникот немилосрдно отчукува, со парите на Фамилијата не може да се купи се, а со секој изминат ден, на располагање има се помалку можности. Татко му имаше трагична судбина, која за младиот Мијалков остана мистериозна и заговорничка. Може ли тој да и избега на својата?

Рамка

ПРИВАТНА ВОЈСКА

Сашо Мијалков, велат упатените, се уште има резервна армија под оружје. Приватната агенција за обезбедување СГС, која се поврзува со неговото име, контролира повеќе стотици или дури над илјада вооружени лица. Легендата, сепак, говори оти Мијалков одбивал да ги ангажира во клучните моменти од кризата.

Дури, наводно, поранешниот евродипломат Аиво Орав, пред своето заминување од земјава, на своите соговорници им рекол оти без соработката на Мијалков, блиските средби на полицијата со Шарената револуција можеле да бидат крвави, а македонската криза можела да се продлабочи и да дојде до граѓански судири. Ова особено ако се имаат предвид неколку истоветни пораки на Груевски во тој период, оти божем спречува народот да ја преземе судбината во свои раце. И да удри по предавниците!

Рамка

ФАЛУСНА МАЧО-ОПСЕСИЈА

Во новинарските кулоари се раскажува една анегдота од приватна прослава на која присуствувал и Сашо Мијалков, кој наводно вака и се обратил на една дама која ги коментирала истрагите што ги отворила Катица Јанева: „И ти и Катица ќе ми се фатите за к.., а ти знаеш дека мене ми е долг 19 сантима“. Таа, пак, му одговорила, парафразирам – „Па еднаш во „бомбите“ велиш дека ти е 22, а сега 19 сантима, договори се колкав ти е, па кажи!“

Не знам дали оваа порно-политичка анегдота е верно пренесена, или, пак, е малку напумпана, но таа секако говори за фалусната мачо-опсесија на Мијалков, потребата секогаш да си го мери со другите. Не, не е во прашање само неговиот посакуван имиџ на плеј-бој, кој братски го споделува со Срѓан Керим, туку исконскиот порив во се да биде прв, најсилен, најдобар, најбогат, што е карактер на кумовите од подземјето

Поврзани новости