АРХИВА Чавков го подготвил МВРО-ВМРО за нова изборна кланица

by Fokus 12:30
12:30

Текстот е објавен на 9 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1092

Пишува Љубиша АРСИЌ

Тоа што анонимниот, младиот и неискусен Владимир Атанасовски од Делчево е поставен на првата позиција во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) е само потврда дека и натаму конците во виталната служба, која го организирала и спровела незаконското прислушување, ги влече некој друг. Иако не се присутни, Сашо Мијалков и Горан Грујевски, сепак и натаму се клучните фигури во безбедносно-разузнавачкиот систем. Тоа и не е тешко да се претпостави оти нивните инсталации со партиски послушници се надградуваат и прошируваат цела деценија.

- Advertising -

Власта е неуморна во обидот да воспостави целосна контрола врз Министерството за внатрешни работи (МВР), а во голем дел и успева во тоа, затоа што само така може да се контролира изборниот процес, уште повеќе кога постои намера изборите да се наместат, како што тоа се правело во претходните неколку циклуси, што се потврди со аудиоснимките од прислушуваните материјали. Дека полицијата одигрувала клучна улога во изборните местенки, потврдува и фактот што во канцелариите на МВР со знаење и учество на највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле формирани партиски штабови.

Тоа значи дека од таквите партиски испостави на власта им се издавале наредби на полициските службеници кои, особено на денот на изборите, морале да дејствуваат во име на законот и да ги штитат гласачите од злоупотреби за да овозможат фер изборен процес, а не во име на партијата да ги загрозуваат правата на граѓаните.

Логично е дека за да се наместат избори, неопходна е целосна контрола врз процесот, а таквата контрола е можна само ако го имате полицискиот апарат под своја команда. Во текот на неколкуте последни избори на ВМРО-ДПМНЕ ѝ беше полесно затоа што создаде цела мрежа со уценети и купени гласачи, а со асистенција на полицијата, која ја претвори во партиски сервис, ги контролираше гласачите и изборниот процес до последен глас, најчесто преку злоупотреба на државните ресурси.

Во ситуација кога на кормилото на полицијата повторно застанува Оливер Спасовски од СДСМ, секако дека на власта ѝ станува непријатна позицијата во МВР, но Груевски, нели, ништо не остава на случајноста и има резервен план кога станува збор за контрола врз полицијата, односно врз изборниот процес.

Колку прераспоредувања во МВР направи ексминистерот Чавков, кој се наметна како главен партиски кадар во полицијата, пандан на со години незаменливата Јанкулоска? Колку партиски полицајци незаконски се вработени во МВР во последните две години со цел да се докрајчи професионализмот во полициските редови? Дали споулавените јавачи на мвровската апокалипса може да ги заузда Спасовски со 15-те смени на раководни позиции кои има право да ги направи, за малку да ја насочи полицијата кон вистинските обврски кои ги има во текот на изборите? Дали и како може да се сруши полициската тврдина на Чавков, Мијалков, Груевски и Грујевски во ситуација кога МВР се полни со непрофесионален кадар каде што постојано има место за роднините на полициските функционери?

ПРЕРАСПОРЕДУВАЊА И ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА

Овие прашања се наметнуваат како дилема по јавниот срам на Оливер Андонов, кој беше искористен како еднодневна мушичка, само уште еднаш на дело да покаже колку вреди да се срамиш и да голташ за партијата од која очекуваш некаква привилегирана позиција, но и по назначувањето на Чавков на позицијата директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) од каде што се управува со целата униформирана полиција. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски смешното, еднодневно министерување на Андонов го образложи како заштита на полицијата од СДСМ и затоа според него било неопходно да се назначи Чавков за директор на БЈБ! Но, фактите говорат дека од таа позиција беше отстранет Горанчо Савески, избор на владејачката партија, кој очигледно не бил доволно лојален кон МВРО-ВМРО зашто во време додека Спасовски беше министер во првиот неколкумесечен мандат, не му се спротивставувал според партиските наредби на Фамилијата. Практично, Оливер Андонов беше искористен само за во директорската позиција во БЈБ да се врати сигурниот партиски полициски егзекутор Митко Чавков, кој беше главен и во времето додека Гордана Јанкулоска раководеше со партискиот штаб во МВР.

Така, сега е веќе очигледно оти власта, преку Чавков, но и преку пионот Атанасовски во УБК, ќе настојува да ги заштити позициите кои Фамилијарната полиција ги има на терен. Тоа се двете позиции кои Спасовски не може да ги смени, односно и да сака, нема да му помине (на предлог на министерот нив ги именува Владата), наспроти фактот дека станува збор за двете клучни места за контрола на безбедносниот и разузнавачкиот систем.

Полициски извори за „Фокус“ откриваат дека стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за полициско преземање на изборите почнала уште месеци наназад, но кулминира периодов како што наближува изборниот ден. Неофицијално, иако точната бројка е тешко да се провери, Чавков пред да замине од министерскиот кабинет направил преку 400 рокади во структурата на МВР. Поставувал попроверени и партиски полојални кадри на позициите, кои по сѐ изгледа сметал дека ќе му значат за изборите, па однапред сакал да се осигури кога ќе биде поставен на директорската функција во БЈБ. Како се направени тие рокади и дали секое прераспоредување е законско односно дали кадарот сега одговара на позицијата според искуството и знаењето, е тотално неважно кога приоритет е како да се победи на избори.

Изворите наведуваат дека имало преместувања на инспектори од секторот за економски криминал во одделението за малолетничка деликвенција. Многу кривично-правни случаи и предмети, се коментира низ МВР, остануваат отворени и во моментов нема можност да се завршат затоа што многумина оперативци сега имаат поинакви задачи, односно голем број од нив стануваат партиски слуги. Друг солиден метод за полициска контрола врз изборите се партиските вработувања. Јавна тајна е дека на последниот конкурс во МВР се примени 600 полицајци во експресно брз рок, со неефикасни тестови за проверка, со никаква контрола на криминалното минато на кандидатите. Едноставно, примени се оние за кои низ локалните партиски комитети биле направени списоци. Така, ВМРО-ДПМНЕ задава двоен удар, вработува партиски деца пред избори за да ја засили доминацијата во „вмровските семејства“, но и да биде сигурна дека има полициски кадар врз кој може да спроведува партиски наредби.

Ако се направи математика на последните неколку конкурси, кои во МВР станаа чести како уписите на факултет, тогаш за последните две до три години биле примени околу 2.000 полицајци. Нема да изненади сознанието дека сите се проверени младинци, заведени на партиски список, лесни за манипулација. Тие се подготвени да сторат сѐ за партијата, само да ја имаат посакуваната државна работа. Ваквите огласи за вработување ниту содржат критериуми, ниту, пак, се организираат според финансиски план, едноставно, како да си прави избор на членови за партиски органи, се избираат само подобните, но не и подобрите.

Првиот пат кога Спасовски беше избран за министер, ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се трудеше да не му дозволи ниту едно вработување. Дури и смените што тој ги направи на неколку позиции му беа оспорени пред Управниот суд, кој, како партиска машинерија, во рекордно време од само неколку дена, незапаметено во судската историја, застана на страната на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, кога Чавков повторно ја презеде министерската позиција од Спасовски, наеднаш МВР утврди дека има недостиг од 600 полицајци. Освен што го натрупаа МВР со полицајци, кои сигурно ниту самите немаат поим каде и што ќе работат, на кандидатите кои останаа без место во полицискиот строј не им беше оставено правото да се жалат и да имаат увид во тестирањето. Ова го отвора прашањето за подзаконските акти донесени во МВР во последните месеци. Сега тимот на Спасовски ќе мора да провери колку таквите акти, врз кои е организиран и конкурсот за вработувања, се незаконски. Тие акти се клучни за дејствувањето на полицијата во предизборието.

Како пример, ќе издвоиме дека во полициската станица во Куманово, со подзаконски акт се избрани двајца советници на кои им се дадени посебни ингеренции. Дали тие двајца ќе имаат овластувања поголеми од началникот кој е извесно дека ќе го постави опозицискиот министер? Дали со такви решенија и низ другите станици власта ќе ги попречи кадрите на Спасовски да ги извршуваат задачите? Ова значи дека ќе мора да се направи итна проверка на сите интерни одлуки во МВР за да се намали штетата.

ЧАВКОВ СИ ЈА ВРАБОТИЛ СНААТА КАКО НАЧАЛНИК ЗА КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ!

Додека Спасовски трага по незаконието во подзаконските акти на МВР за да спречи партиско дејствување во полицијата, власта има и трета стратегија – засилување на позициите во МВР преку вработување роднини. И тоа не е тајна – полицијата е натрупана со роднини и пријатели на вмровските функционери. Ем заради бројност на партиското членство, ем заради контрола на полициските сили. Извори на „Фокус“ пренесуваат дека поинтензивно во последните месеци, но и во последните година до две, вмровските кадри си ги вработиле членовите на семејствата.

Истурениот играч на власта, Чавков, немал потреба да го вработи синот оти има успешен бизнис, но затоа во МВР имало место за снаата, и тоа како началник за компјутерски криминал. Сопругата од матичното одделение во Струмица, пак, си ја вработил во одделот за прекугранична соработка како советник на помошникот на директорот на граничната полиција. Ништо поскромен не останал ниту Љупчо Андоновски, ексдиректорот на УБК, сега само советник. Неговата позиција му ги отворила вратите на неговиот син, ни помалку ни повеќе, право во УБК. Патем, сестрата на Андоновски е началник во втората управа на УБК. Нивните примери ги следи и Горан Грујевски, главниот осомничен за уништување на опремата за прислушување во предметот на Катица Јанева познат како „Тврдина“. Тој си ја поставил сопругата во одделот за меѓународна соработка со „Интерпол“. Се споменуваат и други негови роднини во Петтата управа, но и низ другите управи на УБК.

Место за своите деца во УБК направиле и началниците Зоран Глигоров и Ивица Вучевски, а Ристо Зафировски, помошникот директор во Третата управа си ги позиционирал двата сина, едниот во Првата управа, другиот во одделот за меѓународна соработка. Во бројноста на вработени роднини се впишал и Илија Смилевски, исто така помошник директор, кој отворил место за сопругата, синот и снаата.

Некои од споменатите, но и уште многумина други, постојано, во континуитет успеваат да ги вработат своите деца, роднини и пријатели. Затоа МВР во последните години е претворено, не само во партиски штаб, туку и во роднинска испостава на Фамилијата. Голем број од новите вработувања се на позиции за кои не се исполнети условите. Иако со последните смени на позиции, пред сѐ, на клучните во БЈБ и во УБК, беше изразена еден вид недоверба кон Андоновски во УБК и кон Горанчо Савески, ексдиректорот на БЈБ, сепак нивното повлекување на советнички места не ја менува стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за полициска контрола врз изборите.

Уште повеќе ако се знае дека агентите на УБК до денот на изборите ги спроведуваат активностите околу врбување гласачи, додека полицајците на БЈБ главниот збор го имаат на денот на изборите. Имено, во МВР се формира оперативен штаб преку кој се управува со униформираната полиција која е на терен.

ДОВОЛНИ ЛИ СЕ 15 КАДРОВСКИ СМЕНИ ЗА БЕЗБЕДНИ И ФЕР ИЗБОРИ?

Дали Спасовски може да го извлече МВР од ваквите партиско-роднински канџи? Како тој со 15 кадровски смени може да го промени МВР? Како министерот да ја наметне контролата врз полициските службеници, а со тоа да ги натера на законито постапување во текот на изборниот процес? Очекувано е дека Спасовски не е во подобра позиција отколку првиот пат. А ако се има предвид што му се случуваше тогаш, лесно е да се претпостави дека истото ќе му се повторува со уште поголем интензитет, зашто влогот сега е поголем.

Да потсетиме оти тројца негови советници кои беа поставени да ја следат работата на тогашниот директор на УБК, Андоновски, биле сместени во подрумска просторија без увид во службените материјали и без повици за состаноци. Комуникацијата на Спасовски со тогашниот дополнителен заменик министер Чавков одела по писмен пат, што е небулозно за двајца функционери кои раководат со огромно и значајно министерство во кое многупати мора да се носат брзи одлуки. Како ли сега ќе комуницираат Спасовски и Чавков, кој како директор за јавна безбедност му е подреден на министерот, особено во текот на изборниот процес и на денот на изборите, кога секоја минута е важна не само за безбедноста на изборите, туку и за спречување злоупотреби во редовите на полицијата? Дополнително, Чавков преку тужби му ги оспори на Спасовски сите кадровски смени во експресни процеси и сега не е јасно како ќе заврши таа приказна.

Дали Спасовски ќе го повтори истото танго со кадровските решенија кои му стојат на располагање? Колку ќе биде сигурен во изборот на конкретните личности, но и на функциите на кои ќе може да изврши смена? Првиот пат, тој постави началници на сите сектори низ државата со намера преку првите луѓе да воспостави контрола, но кога замина од функцијата и го наследи Чавков веднаш започнаа одмаздите против началниците на Спасовски кои при нивното поставување покажале некакви резултати. Извори на „Фокус“ откриваат дека се покренати дисциплински постапки против ексначалниците во Куманово и во Битола. Тоа секако дека претставува своевидна закана за идните началници кои СДСМ ќе сака да ги постави.

За да може колку-толку да се надева на спречување на злоупотребите врз изборниот процес, Спасовски мора да одигра мудро – да постави вистински професионалци, ослободени од партиски реваншизам и слепа послушност за да може нивниот интегритет да го наметне во работната средина, оти тешко ќе им оди на началниците во колектив преполн со партиски пајташи во униформа. Во консултации со безбедносни експерти, преку анализа на секторите во МВР и нивните ингеренции, се заклучува дека Спасовски не смее да испушти да размислува одново да ги преземе сите сектори низ државата со поставување началници. Потоа, да постави свој човек во Внатрешната контрола затоа што таму се прават големи злоупотреби, па и изборни, зашто обично се штитат полицајците кои учествуваат во изборни нерегуларности.

Ако униформираната полиција е под контрола на БЈБ, во случајов на Чавков, тогаш Спасовски мора да размислува да ги преземе специјалните единици, како „Тигар“ и „ЕБР“, но и посебната единица „Алфа“, која многу често била користена во партиски цели. Сериозноста на ситуацијата налага Спасовски да се обиде да постави човек и во Петтата управа, надлежна за следењето на комуникациите, каде што, според голем дел вработени, и натаму Горан Грујевски го има главниот збор. Понатаму, Градската управа на УБК за Скопје е исто така важен сегмент, исто како и некои пониски оперативни позиции. Сепак, пред сите овие смени, Спасовски ќе мора да ги провери донесените подзаконски акти во МВР од последниот период за да знае како да се однесува, да открие какви замки му се поставени, оти ако нешто посакуваат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, тоа е полициска контрола врз изборниот процес.

Рамка

НОВО ПРИСЛУШУВАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ?

Ако Спасовски успее да постави свој човек во Петтата управа, секторот за следење на комуникациите, тоа не значи дека ќе може да спречи прислушување и злоупотреба на снимки. Експертите укажуваат дека е неопходна контрола врз мобилните оператори, а не само контрола во УБК. Современата технологија овозможува софтверите на операторите да испратат линкови надвор, затоа што сега не постојат жици во системот, туку се е преку електронски кодови. Преку тие линкови може да се прислушува, а центарот не мора да биде во УБК, туку во некој друг партиски штаб.

И во извештајот на Рајнхард Прибе беа нотирани забелешки за Петтата управа и контролата врз прислушувањето. Затоа се наметна и потребата од нов закон за електронски комуникации, особено во контролните механизми. Во време кога Спасовски неколку месеци беше министер биле направени обиди да се дефинира ново законско решение кое ќе предвиди построга контрола, но се останало на хартија.

Рамка

СПАСОВСКИ И ГРУЈЕВСКИ СИ ПИШУВАЛЕ ПИСМА

Кога Оливер Спасовски му пишал писмо на Горан Грујевски за да го праша врз основа на кој закон поставените камери низ Скопје од проектот „Безбеден град“ наместо за евиденција на прекршоци во сообраќајот каква што им е првенствената намена, се користат за потребите на УБК, Грујевски кратко одговорил дека Спасовски врши упад во безбедносниот систем.

Рамка

КОМИСИЈАТА НЕ НАШЛА ДИСЦИПЛИНСКА ОДГОВОРНОСТ КАЈ ГРУЈЕВСКИ!

Во МВР наводно била формирана комисија која имала задача да утврди дали има дисциплинска одговорност кај Горан Грујевски од Петтата управа за уништувањето на опремата за прислушување, она за што СЈО води истрага. Во комисијата членови биле една началничка од одделот за аналитика, еден агент на УБК од Кисела Вода, една полициска службеничка, двајца инспектори од секторот за Професионални стандарди и една секретарка во улога на записничар. На една од седниците наводно присуствувал и самиот Грујевски. И погодувате – на крајот комисијата не утврдила дисциплинска одговорност кај шефот на Петтата управа за уништување на опремата, но чудно е тоа што таа воопшто расправала за дисциплинска одговорност за дело кое се гони како кривично и за кое е предвидена затворска казна.

Рамка

ЧАВКОВ БЕШЕ ДИРЕКТОР НА БЈБ КОГА МВР БЕШЕ МВРО

За време на последните изборни циклуси додека ексминистрката Јанкуловска формирала партиски штаб во просториите на МВР, како што самата си признава во телефонските снимки, Чавков бил директор во Бирото за јавна безбедност, каде што ќе биде и на следните избори. Практично тој го знае рецептот, затоа што не можел да не знае дека ВМРО-ДПМНЕ има истурен штаб во МВР, како полицијата може да ја има контролата и да учествува во местење избори. Сега ќе има потешкотии оти министер е Спасовски, а не Јанкулоска, иако тоа многу ќе зависи од самиот Спасовски. Инаку, најдиректен доказ, иако имаше претпоставки и сознанија, дека МВР е во погон на ВМРО-ДПМНЕ, е аудио снимката на која Јанкуловска самата си објаснува како на денот на избори функционира централата на МВР. А ако така функционираат главните на полицијата тогаш е лесно да се знае како делуваат оперативците на терен.

Разговор на Гордана Јанкулоска и соговорник:

ГЈ: Како е во правна расположението?

С: На нивооо…

ГЈ: Победничко? Имате некои проблеми?

С: Да… вие во МВР?

ГЈ: Ние во МВР, ВМРО-МВРО, исто, два штаба имаме…Еден партиски, еден за странците кај што ги носиме… Ич неаме, за разлика од други институции, не се ни устручаваме ништо…Кол Центар имаме у МВР…

С: Убаво…

ГЈ: А, бре..

Рамка

СПАСОВСКИ : КАНДИДАТИТЕ ШТО СЕ ПОРАЗЕНИ НА КОНКУРСОТ ДА СЕ ПРИЈАВАТ ВО МВР

Целта на оваа влада треба да биде овозможување фер и демократски избори. Јас се надевам дека ќе овозможиме слободно изјаснување на граѓаните на следните избори. Точно е дека има многу нови вработувања и преместувања во МВР кои можат да се искористат како изборна корупција. Затоа ние ќе им овозможиме на кандидатите кои не се задоволни од исходот на конкурсот за вработување во МВР да поднесат приговори за да можеме да ги разгледаме предметите, изјави министерот Спасовски за „Фокус“.

Официјалните прашања пак, кои ги испративме по мејл до МВР останаа без одговор. Со оглед на новата раководна поставеност во полицијата претпоставуваме дека одговорите ќе ги чекаме подолго време, особено ако се знае дека се однесуваат на постапките на Чавков во врска со партиските и роднинските вработувања во МВР.

 

Поврзани новости