Апостолоски: На почетокот на август би требало да започне со работа базенот „Борис Трајковски“

by irena 13:00
13:00

Санацијата на базенот “Борис Трајковски” е веќе во поодмината фаза и согласно роковите кои се предвидени во тендерската постапка, доколку не се случат непредвидени моменти и зафати, истата треба да заврши на почетокот на месец август.

Ова за „Фокус“ го изјави директорот на базенот Апостолоски Данијел и додаде дека бидејќи сите други услови за работа се на одлично ниво и нема никакви проблеми поврзани со водата, температурата на водата и на просторијата смета дека по санацијата базенот ќе може да отпочне веднаш со работа.

„Во периодот кој измина зад нас по затворањето на базенот, беше извршена проценка на оштетувањата, како и истражување на пазарот, се со цел да не се губи во време во однос на отпочнување на процедурата на санација. Временската рамка предвидена со закон во однос на тендерската постапка, предвидениот рок на жалба, како и рокот за потпишување на договорот се испочитувани во целост. Во однос на роковите нема можност за кратење или пролонгирање на истите“, посочи Апостолоски.

Одрони од кровот и делови од панел плочите од стиропор, ставија клуч на базенот во склоп на спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој на дневна база го посетуваа од 700 до 1000 лица.

Базенот од 22 април е затворен за употреба и поради тоа околу 30 клубови останаа без простор за тренинг на пливачите.

Маја Терзиова

Слични вести