Апасиев: Левица не бега од политичка одговорност и е подготвена за идно освојување и учество во власта

Во интервју за последниот број на неделникот „Фокус“, лидерот на Левица Димитар Апасиев, зборува за конструктивноста на Левица со поддршка во Парламентот на предлози од власта и што добиваат за возврат. Како и за тоа дали се подготвени да преземат одговорност и да учесвуваат во некоја идна власт и како помал коалициски партнер

by jadranka 12:56
12:56

Разговараше: 

Зоран ФИДАНОСКИ 

ФОКУС: Веднаш по „лидерската“, со гласовите од Левица што се бројат за т.н. Бадентерово мнозинство и без помпа, поминаа и изборот на Народен правобранител и употребата на системот „Сејф сити“, кои беа заглавени во Парламентот. Конструктивност, која е несвојствена за Левица. Добивте нешто како ветување за возврат од Христијан Мицкоски или…?

АПАСИЕВ: Секогаш кога Левица добива, всушност народот добива – оти ние не сме како нашите политички непријатели и не преговараме за вдомување партиски кадри, добивање функции, позиции или провизии; туку за мерки, добри закони, принципи и политики. Левица ја сфаќа политиката во нејзината убава и нерасипана античка смисла, а не како трговија, и тоа јасно го кажавме и пред, и по лидерската средба. Дојдовме без очекувања, со конкретни политички и економски барања во интерес на граѓаните – од укинување на одвратната октроирана и ужасно нефункционална т.н. „пржинска влада“, преку нов Изборен законик за зголемена демократичност и воведување една изборна единица, до социјални теми: како минималната плата, правата на семејствата погодени од трагедијата во Кочани, па сè до укинување на апанажите, патните трошоци и функционерските привилегии.

Што се однесува до изборот на Народниот правобранител, тоа е функција, која по војната од 2001 е загарантирана за претставник на албанското малцинство! И тука, Левица даде навидум радикално, но мошне умесно „соломонско решение“, а тоа е за првпат во независна Македонија да се избере Ром за Омбудсман – предлог што предизвика мошне позитивен фидбек и во стручната, и во лаичката јавност – но, кој, за жал, не помина. Подоцнежната поддршка од нашите двајца пратеници, кои не се етнички Македонци, за изборот на новиот правобранител е затоа што институцијата недозволиво со месеци беше блокирана од чист каприц (се караа две партии на албанското малцинство, кој македонски Албанец да биде избран на таа функција!?), и тоа директно ги погодуваше правата, не само на малцинствата, туку буквално на сите граѓани, а и на вработените во оваа важна уставна институција, кои не можеа да земат плата.

Кај „Сејф сити“, пак, поддршката беше принципиелна и условена – со дециден став дека решението во иднина мора да се коригира и доработи, особено во делот на флексибилноста и толеранцијата при мерењето на пречекорената брзина, како и при одмерувањето на глобите, затоа што не може исто да се казнуваат луѓе со драстично различни примања – односно ќе инсистираме на т.н. скалесто казнување, кое веќе постои во некои европски земји, во зависност од приходите на сторителот на прекршокот (побогатите да плаќаат повисоки казни, а посиромашните пониски).

 ФОКУС: Што добивате за возврат?

АПАСИЕВ: Во иднина очекуваме моменти на „добра волја“ и кај владејачкото мнозинство, преку надминување на досегашниот „хејтерски“ став, кој се гледа преку следниов ригиден пример – дека ни се одбиени околу 60-тина закони поднесени од нас, во двата парламентарни мандати!? Ќе се сложиме сите дека невозможно е сите наши закони да се „лоши“, па затоа да не помине ниту еден!? Значи, во блиска иднина, очекуваме барем нешто што ние ќе го предложиме во парламентот, како одговорна опозиција, да биде изгласано со консензус – токму поради тоа што е во поширок јавен, општествен или национален интерес. Оттука, на тој начин, ќе покажеме дека и од опозиција можеме да креираме подобар живот за одредени групи непривилегирани граѓани, кои ние ги репрезентираме, развивајќи една сосема нова политичка култура и политичка филозофија на нашата бајата и криминална политичка сцена.

ФОКУС: Дали сте подготвени да партиципирате во која било идна владејачка коалиција, дури ако тоа значи да бидете значително помал партнер. Кои ќе бидат Вашите „црвени линии“? 

АПАСИЕВ: Левица не бега од политичка одговорност и не ја исклучува можноста за некогашно идно освојување или учество во власт, но не по секоја цена и никако не како помал „џуниор партнер“ што ќе служи за алиби или „корекција“ – како што е примерот со карикатуралниот ЗНАМ на кумановскиот демагог и преварант Максо и нему сличните клиентелистички бранковистички проекти. За нас, учеството во власта би имало смисла само ако постои кристално јасна политичка основа, агенда и подготвеност да се пресечат во корен лоцираните суштински проблеми што ги притискаат нашите сограѓани, а кои ние ги имаме на „нишан“ и знаеме како да ги решиме.

Нашите „црвени линии“ се јасни и непреговарачки: македонскиот суверенитет, унитарноста на државата, социјалната правда и класната борба против естаблишментот и олигархијата, а во корист на мнозинството од народот што живее од сопствен труд! Без тоа, секоја коалиција е само празна форма.

На последните парламентарни избори јавно понудивме Македонска платформа со пет конкретни точки, токму за да се види кој е подготвен да стави потпис и да преземе обврска пред граѓаните. Реакцијата беше индикативна. Оттука, проблемот не е дали Левица е подготвена за власт, туку дали другите кусогледи буржујски партии, во состојбата во која се наоѓаат, имаат храброст да го стават јавниот интерес пред приватниот и социјалната правда пред сопствените бизнис-интереси.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Слични вести